ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I ИРЕНА КИКЕРКОВА: За Македонија е помалку битно дали ќе се либерализира трговијата со САД, важно е што ќе направи ЕУ

    Време зa читање: 14 минути

    Не е првпат Америка да ги зголеми царините во обид да го заштити сопственото производство. Доколку Македонија воспостави слободна трговија со САД, тоа ќе биде делотворно за многу мал број фирми. Кризата во ЕУ за нас ќе биде многу сериозна, а можеби тоа ќе ги натера земјите од Западен Балкан да се завртат една кон друга, барем во производството на некои основни видови производи. Треба да се заштитиме и да му помогнеме на стопанството, вели во интервјуто за Пари професорката на Економскиот факултет – Скопје при УКИМ, Ирена Кикеркова, во чија сфера на научен интерес се меѓународната економија, движењето на капиталот и странските директни инвестиции, СТО, трговската либерализација, регионалното интегрирање.

    Пари: Последниве години светот е зафатен од турбулентни промени, на кои се надоврзаа, засега само на ниво на „закана“, царините на американскиот претседател. Како може да се дефинираат актуелните состојби во светската економија?

    Кикеркова: Меѓународната економија долго време е во криза. Уште пред 2020 година, Светската трговска организација како да доживеа врв во однос на трговската либерализација во глобалната економија, за потоа да се случи стагнација, а веднаш потоа надолен тренд. Спогодбата за олеснување на трговијата (ТФА), донесена во 2014, стапи во сила во 2017, а во 2019 година, пред Ковид-кризата, имаше податоци дека одреден број нетрговски бариери се отстранети. Во меѓувреме, почнаа да се воведуваат нови нетрговски бариери кои потешко се отстрануваат, затоа што се носат по законски пат за да се заштитат некои други области во економијата, но имаат директен негативен ефект врз надворешно-трговската размена. Така, се виде дека желбите за трговска либерализација се предимензионирани. Подоцна, во 2018 година, во својот прв мандат Трамп најави зголемување на царините кон Кина, а потоа и за дел од европските производители. СТО западна во криза, нејзиниот Суд за решавање меѓународни трговски спорови целосно престана да функционира. Малку потоа се случи Ковид-кризата, која предизвика други проблеми. Но, сега ова што го направи Трамп е многу противречно. Мислењата на експертите се поделени. Сепак, најголемите американски авторитети сметаат дека ова ќе биде крајно штетно и за американската економија. Дури, еден од познатите американски конгресмени тврди дека со ова толку станува непредвидлива ситуацијата во САД, што и потрошувачите и фирмите ги фаќа паника – што ако навистина се активираат овие давачки до крај.

     

    Пари: Посегнувањето по царините за заштита на сопственото производство не е изум на Трамп, и претходно низ годините имало такви обиди…

    Кикеркова: Познатиот економист, нобеловецот Фридман, уште во 60-те години кога го прашале – дали би помогнало покачувањето на царините во американската економија за да се спаси домашното производство, особено во челичната индустрија, рекол: „Да речеме, во Ајова има челичана која вработува 1.500 луѓе. Затоа што не сме конкурентни во производството на челик, ако дозволиме слободен увоз на челик таа фирма ќе пропадне, тие 1.500 луѓе ќе останат без работа… Но, ние сме конкурентни во други производства, инвестициите ќе се пренасочт во други фабрики, челикот ќе го увезуваме, други фабрики ќе се отворат, работната сила ќе се премести во тие фабрики, а Америка ќе биде конкурентна и на домашниот и на странските пазари…“. Според мене, ова тврдење на Фридман и тоа како е основано. Во почетокот на 50-те години Америка констатирала дека нема никакви предности во производството на челик во однос на Јапонија и не само повисоки царини, туку ја вовела и мерката доброволна извозна квота. На билатерална основа го ограничила увозот на челик од Јапонија, со идеја дека тоа ќе им обезбеди на домашните инвеститори гаранција дека се многу заштитени и можат без проблем да инвестираат во американските челичани и да извлекуваат голем профит. Но, технологијата на Америка ни одблиску не била како јапонската, а американскиот челик бил далеку поскап, а неквалитетен. Набргу таа мерка била отстранета. Ако се погледнат денешните мерки, повторно има голема битка за производството на челик. Но, сега се увезува од Кина.

    Пари: Тече паузата од 90 дена, но доколку се опстои на првичната одлука, какви ќе бидат последиците во глобални рамки?

    Кикеркова: Се чини, и Трамп е свесен дека не може да се води економската политика со толку силен притисок, и затоа за најголем број земји ги одложи царините за 90 дена. Мексико прво пристапи со отворена понуда за преговори, па Јапонија, ЕУ ја праќа Мелони да се обиде нешто да испреговара, иако се чини дека идејата на Трамп со уцените за Европа беа главно да ја натера ЕУ да купува енергенси од Америка. Им порача на Европјаните дека мерките нема да се активираат доколку купат енергенси во вредност од 350 милијарди долари од Америка. Америка почна да им извезува течен гас заради војната во Украина, но многу е поскап од рускиот и им ги зголеми трошоците на компаниите во ЕУ. Кина е таа којашто не сака да попушти. Веќе почна да ја пренасочува трговијата и да создава трговски сојузи во Југоисточна Азија со земјите-членки на АСЕАН и сега прави нов билатерален договор за либерализација на трговијата со Виетнам. Без да се сака, може да се натера Кина да стане влечна сила за тие земји, што ќе ѝ даде уште поголеми предности. Во АСЕАН се земји како Јужна Кореја и Сингапур, со напредна технологија, особено електронска и автомобилска. Кина, пак, е најголемиот извозник на електрични возила во Европа. Ова навистина може да биде како Америка самата да си пука во нога. Трамп со сегашните огромни царински стапки за кинеските производи се обидува да купи време и да ги задржи американските позиции. Еден друг нобеловец, Штиглиц, неодамна тврдеше дека Трамп ќе нанесе многу штета со овие мерки.

    Пари: Што можеме ние како мала и земја во незавидна економска положба, да очекуваме?

    Кикеркова: Директно со Америка имаме многу мала размена. Можеби некои производства, како извозот на „Брако“ и на некои други фирми ќе биде засегнат ако сѐ остане вака. Владата се обиде да преговара и да добие време. Но, нашиот најголем проблем е што сме силно врзани за економијата на ЕУ. Повеќе од 40 отсто од надворешно-трговската размена ни е со Германија, а германската економија е силно засегната од новиот американски протекционизам. Ако престанат порачките од Американците за европските компании, автоматски ќе престанат порачките и за нашите компании. Ние немаме каде да ги извезуваме нашите производи. Многу е тешко да се преориентира производството на Македонија за некои други пазари, бидејќи ние овде произведуваме компоненти за европската индустрија. Не можеме да ги продаваме ниту во регионот, уште помалку некаде подалеку. Мислам дека сите мали економии се засегнати на истиот начин како и македонската, но кризата во Унијата овој пат за нас ќе биде многу сериозна. Ќе се почувствува многу. Можеби тоа ќе ги натера земјите од регионот на Западен Балкан повеќе да се завртат една кон друга, барем во производството на некои основни видови производи, како прехранбени, текстилни, па и делумно од машинската и од автомобилската индустрија, затоа што таков потенцијал има Србија, земјата со најголем економски и трговски капацитет во регионот. Што навистина ќе се случи, тешко е да се каже, затоа што регионот е политички поделен. Очигледно е дека големите сили, пред сѐ Русија и Америка, се обидуваат стратешки да дефинираат кој дел од Балканот е нивни. ЕУ нема моќ Балканот да го привлече кон себе.

    Пари: Дали регионализацијата се наметнува како излезно, оптимално решение?

    Кикеркова: Делумно, заради тоа што регионот има толку многу проблеми. Никогаш во регионот не може да се надомести тоа што ќе се изгуби на пазарите во развиените земји. За овој регион многу е заинтересирана и Турција, чија економија исто така има солиден капацитет. До 2011 година имаше и раст од седум проценти годишно. Меѓутоа, тој раст беше прекинат со бројни воени судири и внатрешни кризи. Сепак, не е економија што може да биде потценета. Градењето на такви стратешки сојузи, кои се од географскиот аспект релативно блиску и кои имаат потенцијал, можат да бидат значајни. Неопходно е и да се преговара за олеснување на транзитните постапки со Грција, колку што е тоа можно. Оваа земја е членка на ЕУ, па затоа не може на билатерален принцип да ги либерализира односите, но сепак, некои пријателски договори можат да се прават. Исто така, може да се инсистира на целосно обновување на транспортната инфраструктура, што за македонската економија е основниот предуслов за економски развој, со оглед на фактот што немаме излез на море.

    Пари: МНР се обидува да издејствува слободна трговија со САД. Кои перспективи би ги отворило тоа за Македонија?

    Кикеркова: На фирмите кои имаат директно учество на американскиот пазар ќе им биде од голема помош и понатаму ќе можат непречено да го планираат своето производство. Тој број на фирми кај нас е многу мал. Повеќе од 80 отсто од извозот го даваат фирмите во ТИРЗ. Тоа е фрапантна бројка, затоа што пред околу 15 години ТИРЗ формираа околу 70 проценти од вкупниот извоз од земјата, а сега нивното учество е уште поголемо. Со други зборови, конкурентскиот и извозниот капацитетот на македонските фирми е многу мал или само пет проценти од компаниите регистрирани во Македонија, и во зоните и надвор од нив, прават извоз. Значи, зависиме од мал број компании, а најголемиот дел од нив е врзан за економиите од ЕУ. Затоа, за нас е битно што ќе направи ЕУ, а помалку е важно, без да ги потценувам производителите што одат директно на американскиот пазар, за вкупните ефекти во Македонија помалку е битно што ќе се случи и дали ќе се либерализира трговијата.

    Пари: Што би требало да преземат властите во моментов, во насока на тоа како да се заштитиме и што побезболно да се соочиме со новата реалност?

    Кикеркова: Да се заштитиме и да му помогнеме на стопанството. Прво се потребни силни инвестиции во транспортната инфраструктура за да можете да го пренасочите, евентуално, извозот што ќе се покаже како потенцијално можен и на регионално ниво и надвор од регионот. Прекуокеански многу потешко се случуваат нештата. Прашање е до каде ќе одат нештата, дали ќе треба да размислуваме за некакви преговори со Кина или со АСЕАН. Тоа е прилично сложено поради структурата на нашиот извоз. Но, ако се појави таква шанса, ќе треба да се размислува за поддржување на инвестиции што ќе бидат од интерес на тие инвеститори. Веднаш да кажам, тоа не е најповолната опција за Македонија, заради тоа што познат е случајот кога кинеските инвеститори, за да остварат влијание врз малите економии, на почетокот обезбедуваат многу евтини заеми, навлегуваат во економиите и потоа се менува политиката на кредитирање. Или, намерно инвеститорите ги одолговлекуваат проектите, ги надминуваат роковите, трошоците се зголемуваат и фактички, земјите ги доведуваат во должничко ропство. Ова веќе се потврди низ светот. Затоа, за мене ова не е добра опција, иако соработка со Кина за увоз-извоз на стоки и либерализација на тој увоз-извоз е неопходна. Но, со кинеските инвестиции треба да се внимава. И повторно, треба да размислуваме, доколку се случи да се реализираат заканите на Трамп кон ЕУ, да се направат пресметки – дали преку поддршка на производството кое веќе го имаме и е наменето за ЕУ, може да се намалат трошоците и да обезбеди понатаму некаков пласман на американскиот пазар.

    Пари: Според црното сценарио, дали може да се случи повлекување на странските инвестиции, преселба на производството, отпуштања…?

    Кикеркова: Сѐ е можно заради тоа што автомобилската индустрија во европските земји веќе е во голема криза, посебно во Германија. Таму веќе се случија отпуштања на илјадници вработени. Во многу фирми, па дури и во снабдувачки ланци тоа се случи на изненадување на сите, затоа што се фирми со долгорочна традиција. Значи, таму постои преструктуирање на производството. Она што е малку повеќе застрашувачки е тоа што во европските земји има пренамена на средствата од индустриите во производството на воената индустрија. Повторното вооружување им дава можност да ја одржат донекаде состојбата во сопствените економии и нивото на вработеноста. Прашање е дали може да се пренамени дел од производството во зоните за потребите на нивната воена индустрија. А, кога се создава оружје, тоа мора некаде да се троши, и се поставува прашањето – што би било резултат на таквата политика?

    Пари: Рековте, Кинезите не се добри инвеститори. Какви се Арапите во тој поглед? Се преговара со ОАЕ, доколку пронајдат интерес за бизнис им се нудат Охрид, Попова Шапка… 

    Кикеркова: Досега, не само кај нас, туку и во други земји нема позначителни искуства од СДИ од арапско потекло. Ова делумно е резултат на исламската култура, која најстрого забранува позајмување од каков и да е вид заради остварување некаков личен интерес, профит или камата. Оттука, и покрај големиот паричен прилив од извоз на нафта и гас, стекнале огромен прилив на слободен паричен капитал што не можеле да го искористат на ефикасен начин дури и за сопствен економски развој, пред сѐ, заради рудиментираноста на финансискиот, особено на банкарскиот систем. Нивните слободни парични средства се депонирани во странство, најчесто во швајцарските банки. Иако ОАЕ направија силен бум во развојот на сопствениот туризам и стекнаа значителни искуства во оваа сфера, треба да се почека и да се види што конкретно ќе понудат во случајот на поддршката и развојот на македонскиот туризам. Многу е важно да се потенцира дека во сите деловни сектори кај нив, парите се нивни, но сите ангажирани стручњаци и кадарот што е вработен во услужните дејности се од странство.

    Пари: Каде е Македонија на мапата на странските инвеститори?

    Кикеркова: Ова прашање си го поставуваме во изминатите 30 години, се повторува и се повторува. Уште на крајот на 90-те години, неполна деценија откако се растури југословенскиот пазар, инвеститорите велеа дека се заинтересирани за земјите од регионот, доколку успеат да привлечат инвестиции со регионален карактер. Во земји кои политички се конфронтирале, многу е тешко да се замисли како ќе се постигне договор за создавање инвестиции од регионален карактер. Во минатото, странските инвеститори беа децидни дека немаат интерес за инвестиции во која и да е земја од Западен Балкан, затоа што капацитетот на овие економии е многу мал, нивните финансиски пазари се крајно неразвиени, со поставувањето на политичките границите се усложни транзитот на стоки, транспортната инфраструктура не е соодветна и тоа многу ги зголемува трошоците. Практиката 30 години подоцна потврди дека интересот за регионот не е зголемен, а причините се повторно истите како во минатото. Со сите олеснувања што ги даваат сите влади во регионот, вклучувајќи ја и нашата, се гледа обемот на привлечените инвестиции, кои, за жал, не доведоа до преструктуирање на економиите во регионот. И во Македонија состојбата е иста, со странските инвестиции се одржува некое ниво на вработеност, се случува некаков извоз, но долгоочекуваните ефекти на прелевање за да се поттикне вистински економски развој, целосно изостануваат. Се гледа дека економијата тоне кога 80 отсто од извозот се создава во зоните. Ништо не се придвижи напред, многу е голем проблемот на одлевање на умовите од земјата, да не зборуваме за младата работна сила, за белата чума, за празнењето на цели градови и региони. И за голема земја тоа е страшно, но за мала земја уште пострашно. Позитивен е обидот на министерката за енергетика што се обидува да ги привлече младите инженери кои се заминати во странство, да соработуваат на проекти од областа на енегетиката за потребите на Македонија. Тоа навистина е начин да се искористи барем дел од знаењето во кое се инвестирало во тие луѓе да станат инженери и тоа е добра политика која може да даде резултат. Во таа смисла треба сѐ што постои како потенцијала, а потекнува од оваа земја, да се искористи, но уште е поважно да се направи обид да се задржат луѓето тука.

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично