На 17 мај ќе се постави камен-темелник на нова фабрика во ТИРЗ Скопје, во која ќе се произведуваат системи за греење за потребите на компанијата „Беко“. Инвестицијата, во првата фаза, ќе изнесува повеќе од 25 милиони евра, а ќе обезбеди 200 нови вработувања. Освен тоа, мултинационални компании веќе донеле интерна одлука за инвестирање во Македонија, па ќе има позитивни информации за нови инвестиции и нови фабрики, вели во интервју за порталот Пари, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски.
Пари: Со владнина делегација бевте во посета на ОАЕ. Балканот не им е непознат, но колку знаат за потенцијалите на Македонија за инвестиции и бизнис? Постои ли некаков интерес за соработка?
Димовски: Целта на оваа посета на владината делегација која беше предводена од премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски, беше да се остварат билатерални средби со високи претставници на Обединетите Арапски Емирати, со цел да се презентираат можностите што ги нудиме како држава, со што ќе се зајакне економската соработка помеѓу двете држави. Со оглед на фактот дека и јас бев дел од владината делегација, можам да кажам дека имавме мошне плодни и успешни средби кои ќе значат зајакнување на економската соработка помеѓу двете држави. На тие средби од страна на владината делегација беа претставени можностите за инвестирање во Македонија, со што заклучокот од сите средби е дека од страна на претставниците на ОАЕ се изрази сериозен интерес во делот на можностите што ги нуди Македонија за инвестирање.
Имено, прв сериозен позитивен показател е фактот дека при посетата на владината делегација во ОАЕ беше побарано укинување на визите и тоа барање веднаш беше прифатено од страна на ОАЕ, така што наскоро со конкретната примена на одлуката за безвизното патување ќе се влијае на посилна економија, слободно патување и зајакнување на меѓусебното партнерство. Заклучокот е дека оваа влада се бори на секој можен начин да се помогне на нашите граѓани, и со секој ден да се носат промени за подобра заедничка иднина.
Пари: Актуелни се царините на Доналд Трамп. Првично одредените стапки се суспендирани, а новата општоважечка за сите е 10 проценти. Како го коментирате овој потег и што ќе значи тоа за Македонија, конкретно за работењето во ТИРЗ?
Димовски: Овој потег, каде што е во сила општоважечката царина од 10% за нас како држава, е секако позитивно за целокупната македонска економија, вклучувајќи ги и компаниите во ТИР зоните. Воедно, според информациите со кои располагам, можам да потврдам дека претставници на Владата се во постојан контакт со претставници на Стејт департментот, сѐ со цел добивање на најповолна висина на царините од страна на САД.
Пари: Во неодамнешна изјава министерката за финансии посочи дека засега постои проблем (кој се решава), со само една компанија која директно зависи од извозот во САД. Има ли најави за отпуштање работници, за селидба на производството?
Димовски: Како што напоменав претходно, владини претставници се во постојан контакт со претставници на Стејт департментот. Согласно информациите со кои располагаме како ДТИРЗ, заклучно со денес, нема такви најави. Имено, точно е дека само една компанија во ТИР зоните директно зависи од извозот во САД, меѓутоа согласно комуникацијата што ја имам со таа компанија, моментално нема такви најави.
Пари: Колкав е извозот од зоните кон САД?
Димовски: Според податоците со кои располагаме како ДТИРЗ, извозот директно во САД споредено со останатиот извоз е многу мал, бидејќи најголем дел од извозот од компаниите во ТИР зоните е насочен кон земјите на Европска унија. Односно извозот директно кон САД изнесува околу 2% од вкупниот извоз на компаниите во ТИР зоните за 2024 година.
Пари: Што може да се очекува доколку по истекот на 90-те денови суспензија, повторно стапи во сила првата одлука на американскиот претседател и стапката за Македонија остане 33 проценти? Кое е најлошото можно сценарио?
Димовски: Можни се повеќе сценарија, меѓутоа согласно информациите со кои располагам, сметам дека нема потреба од паника, бидејќи нашите владини претставници се во постојана комуникација со претставниците на Стејт департментот, така да очекувам периодов што следи да бидат споделени позитивни информации за Македонија и за македонската економија во однос на царините со САД.
Пари: Во ТВ гостување изјавивте дека во Дирекцијата за ТИРЗ сте затекнале полоша состојба од тоа што сте очекувале и знаеле. Што наследивте?
Димовски: Искрен да бидам, ДТИРЗ ја наследив во многу многу полоша состојба од што очекував и имав информации.
Наследив една институција која има сериозни системски проблеми, склучени договори кои, пред сѐ, се штетни и непродуктивни, со висок износ на инвестиции во тек, со многу нерешени имотно-правни и формално-правни работи. Генералниот заклучок е дека наследив една многу лоша состојба во која се отсликува оној систем што повеќе од 30 години ерозира во Македонија.
Она што сум сериозно фокусиран во периодот на моето управување со ДТИРЗ е заедно со сите вработени да дадеме сериозен акцент ДТИРЗ едноставно да стане институција за пример. Она што можам да го потенцирам е фактот дека 2024 ја завршивме со најдобра просечна оценка на задоволство на компаниите во историјата на ДТИРЗ и исто така, ДТИРЗ имаше силен скок на интегритетот, со што се најде на 15. место од вкупно 50 институции, со што е препознаена меѓу најдобрите институции во борбата против корупција. Постигнатиот резултат на ДТИРЗ претставува значителен раст за ниво погоре, од „просечно“ ниво на „добро“ ниво, во однос на 2023 година, кога процентот на исполнетост изнесуваше 39%, додека во 2024 година тој процент изнесуваше 61%.
Пари: Каков е минатогодишниот биланс во зоните, конкретно, колкава е ангажираната работна сила, каков е просекот на платите, колкав е обемот на производство и на извоз?
Димовски: Согласно анализите кои ги правиме на месечно ниво, моментално бројот на директни вработени во компаниите во ТИР зоните изнесува околу 18.000, меѓутоа битно е да се напомене дека има и сериозен број на индиректни вработени. Тоа се, пред сѐ, лица вработени во македонски компании кои имаат некаква деловна соработка со компаниите во ТИР зоните од аспект на набавка на работи, услуги или стоки.
Во однос на вкупниот извоз на компаниите кои оперативно работат во ТИР зоните за 2024 година, извозот изнесува околу 3,2 милијарди евра. Или, споредено со вкупниот извоз во Македонија, изнесува некаде 39% од вкупниот извоз во Македонија. Многу битно е да се напомене дека нето износот за 2024 година од ТИР зоните е со позитивен биланс, имаме повеќе извоз од увоз, за разлика на вкупниот нето извоз во Македонија кој е со негативен биланс, односно имаме повеќе увоз од извоз.
Просечната нето плата исплатена од компаниите во ТИР зоните за февруари 2025 година изнесува околу 48.500 денари.
Пари: Пред извесно време рековте дека ирско-американската компанија АПТИВ се повлекува поради нивниот план за реструктуирање на глобално ниво. Тогаш се појавија и информациите дека и „Џонсон Мети“ ќе ги редуцира вработените. Тоа беше во февруари, што се случи оттогаш?
Димовски: Со компанијата АПТИВ сме во постојана комуникација и согласно последните информации од нивна страна, има одредени поместувања во нивниот план за реструктуирање. Она што можам сега да го кажам е дека АПТИВ сериозно преговара со сериозна мултинационална компанија која сака да го купи во целост АПТИВ Македонија како правно лице, сѐ со цел да може таа мултинационална компанија да биде присутна во Македонија, односно да има свое производство во ТИР зоните. Во однос на Џонсон Мети можам да кажам дека компанијата е една од најдобрите компании во Македонија од повеќе аспекти, и согласно информациите со кои располагам, можам да информирам дека компанијата планира своето производство да го модернизира во Македонија.
Пари: За оваа 2025 премиерот велеше дека ќе биде година на квалитетни странски инвестиции. Какви се најавите, има ли конкретни разговори и преговори?
Димовски: Со оглед на фактот дека 2024 година ја завршивме со повеќе од 1,2 милијарди евра прилив на странски инвестиции, со што оваа бројка претставува рекорд во историјата на независна Македонија, нашата цел и заложба е 2025 година да продолжи со поголема динамика, сѐ со цел привлекување на што повеќе квалитетни странски инвестиции.
Согласно досегашната комуникација со потенцијалните инвеститори, заклучокот е дека компаниите имаат мошне сериозни планови за инвестирање, така што овој месец, односно на 17 мај ќе имаме камен темелник на нова фабрика во ТИРЗ Скопје. Се работи за инвестиција која само во првата фаза ќе изнесува повеќе од 25 милиони евра со нови 200 вработувања. Станува збор за компанија која ќе произведува системи за греење за потребите на компанијата БЕКО, најпознатите производители на бела техника во светот. Воедно, можам да потврдам дека сериозни мултинационални компании веќе имаат донесено интерна одлука за инвестирање во Македонија, така што во периодов што следи јавноста соодветно ќе биде информирана со позитивни информации за новите инвестиции, односно фабрики.
Пари: Просечната оценка од задоволството на компаниите во ТИРЗ за 2024 е високи 4,48. Што ново нудат зоните во поглед на привлекувањето странски инвеститори? Од друга страна, што се презема за задржувањето на компаниите кои се веќе тука?
Димовски: Како директор на ДТИРЗ можам да кажам дека сум навистина горд на сите вработени во ДТИРЗ заради фактот дека за првпат во историјата на ДТИРЗ имаме висока годишна просечна оценка за задоволството на компаниите. Ова е само дополнителен мотив за мене и сите вработени во ДТИРЗ да продолжиме да работиме уште подобро, со цел корисниците односно компаниите да бидат позадоволни од страна на ДТИРЗ.
Како ДТИРЗ нудиме сериозен пакет мерки за секоја компанија што планира да инвестира, односно да отвори фабрика за производство во ТИР зоните. Покрај оној пакет на државна помош и други поволности, нудиме целосна грижа на корисниците од секој аспект, сѐ со една цел, а тоа е секоја компанија во нас да гледа сериозен партнер, на кој секогаш ќе може да смета.
Пари: Анкетите на Советот на странските инвеститори, односно резултатите од нив, упатуваат на тоа дека работите во државата тешко се менуваат. Проблемите на кои посочуваат редовно се повторуваат во одговорите: недостиг од стручни кадри, зголемени оперативни трошоци, бирократија, несоодветно постапување на институциите, корупција… Каде се затајува? Недостасува ли волја за справувње со горливите проблеми, или?
Димовски: Сите овие работи претставуваат еден вид на системски проблеми кои, за жал, повеќе од 30 години никој не успеал да ги надмине, односно реши. Она што сум сигурен, е дека оваа Влада на чело со проф. д-р Христијан Мицкоски, ја има потребната мудрост, знаење, енергија и современ патриотизам за конечно да стави крај на овој девастиран систем кој опстојува повеќе од 30 години. Само мора да бидеме искрени, за да се решат системските проблеми во Македонија ќе треба време, ама во едно верувам – оваа Влада има волја за справување со сите горливи системски проблеми наследени од минатото.
Маја Анастасова