Започнувајќи како приказна за долгогодишно пријателство и соработка, компанијата Г- КОНСАЛТ е пример за успешен бизнис во полето на заштита на животната средина со голем потенцијал. Бизнис партнерите Марко Ацевски и Мартина Блинкова Дончевска, ја насочија заедничката аспирација за нов свеж пристап во консултантството во животна средина усогласен со европските пракси, со што успеаја да развијат успешен бизнис модел со голем број на клиенти и одлични резултати, за краток временски период.
ПАРИ: Секоја човекова активност има некакво влијание врз животната средина и обврска на едно развиено општество е тоа влијание да го ограничи, да ги уреди условите и да ги минимизира штетите кои од тие активности произлегуваат. Кои се алатките кои Вие, како консултантска куќа, специјализирана за услуги од областа на животната средина ги користите за да им овозможите на вашите клиенти успешно да ги реализираат своите проекти, притоа нудејќи безбедни, иновативни и економични решенија за какви било еколошки проблеми?
АЦЕВСКИ: Г-КОНСАЛТ е иновативна и професионална компанија која нуди висококвалитетни консултантски услуги во полето на заштита на животната средина. Комбинирајќи научно знаење, експертиза со најсовремени пристапи за заштита на животната средина. Континуирано ја усовршуваме нашата понуда на услуги за да ги задоволиме потребите на нашите клиенти и националните и меѓународните регулаторни барања. Искусни сме во креирање, водење и работа во мултидисциплинарни тимови каде за потребите на проектите соработуваме со голем број на реномирани научници и експерти од разни области.
БЛИНКОВА ДОНЧЕВСКА: Креативноста, професионализмот и експертизата во консултантските услуги од областа на животната средина е она што не издвојува од останатите. Нашите експерти се со долгогодишно искуство и соодветни лиценци во разни области од животната средина се клучни за нашиот успех, помагајќи им на приватните инвеститори, владините агенции, јавни установи, локални самоуправи и останати да ги мониторираат и ублажуваат влијанијата од нивните активности/дејности врз животната средина.
ПАРИ: Колкава е важноста на проценката за влијанието врз животната средина на инфраструктурните проекти и дали поради ваквите проекти, кои се третираат како општествено приоритетни може и смее да се стават во втор план можните штети врз животната средина и врз човековото здравје?
АЦЕВСКИ: Инфраструктурните проекти се од суштинско значење за економскиот развој и за подобрување на квалитетот на животот на заедниците. Развојот ние не можеме да го спречиме, но можеме да го насочиме онака како би бил помалку штетен кон животната средина и социјалните аспекти. Како консултантска компанија секогаш се стремиме кон обезбедување на развој кој е прифатлив за животната средина (особено биолошката разновидност) социјално одговорен, праведен и кој се потпира врз основните постулати на граѓанското општество.
Она што ги советуваме нашите клиенти е дека секогаш кога се планира, проектира, изведува одреден инфраструктурен проект, од круцијално значење е навремено да се земат во предвид заштитата на животната средина и социјалните аспекти, како би се овозможил одржлив развој, усогласување со национална и меѓународна регулатива и намалување на понатамошни трошоци. Односно, со спроведување на темелни проценки на состојбата со животната средина и социјалните аспекти, предвидување на влијанијата, анализа на ризици, предлагање мерки, разгледување на алтернативни решенија за просторна поставеност на инфраструктурата или избор на технологија, како и вклучување на сите засегнати страни во процесот на донесување на одлуки, возможен е развој што ги задоволува потребите на сегашните генерации без да ги загрози идните.
ПАРИ: Сте работеле на многу познати проекти за обновливи извори на енергија. Какви се Вашите сознанија и искуство во поглед на обемот на влијанието на еден парк со ветерници или поголеми фотоволтаични централи врз животната средина, и ако можете, споредете го со влијанието што врз животната средина го има една термоцентрала.
АЦЕВСКИ: Енергетските трендови, недостатокот од природни ресурси и климатските промени ја нагласија потребата за итна имплементација на зелената транзиција кон нискојаглеродна економија. Користењето на фосилни горива придонесува за 80% од стакленичките гасови во Северна Македонија, не е одржливо на долг рок поради истрошеност на резервите, а последиците врз здравјето на луѓето се сериозни. Според Стратегијата за развој на енергетиката на Република Северна Македонија до 2040 година, енергијата на ветерот е извор на енергија со најголем потенцијал за раст во земјата, проследен со енергијата од сонцето, па оттаму растечки е интересот на инвеститорите за ваков тип на проекти.
БЛИНКОВА ДОНЧЕВСКА: Додека проектите за обновливите извори на енергија растат и стануваат економски попривлечни, не треба да се занемарат влијанијата врз животната средина и социјалните аспекти што треба да се земат во предвид при оценувањето на нивната одржливост. Иако за некој погледот кон ветерните турбини на хоризонтот е симбол на напредок и чиста енергија, ветерните турбини влијаат на биолошката разновидност особено птиците и лилјаците поради потенцијалот за колизија со турбините или нарушување на нивните живеалишта. Пренамената на плодната почва во градежно земјиште за поставување на фотонапонски електрани го загрозува земјоделството, а со тоа и снабдувањето со храна и економијата.
Во нашето портфолио може да се најдат повеќе проекти за оцена на влијанија врз животната средина од проекти за обновливите извори на енергија. При изработка на студиите посебен акцент даваме на предконструктивен мониторинг кој обезбедува информации за присутноста, диверзитетот и дистрибуцијата на ретки и загрозени видови на флора и фауна во подрачјето од интерес. На пример, кога станува збор за ветерен парк, мониторингот ни помага да се утврди потребата од поместување столбовите, со цел да се избегнат влијанијата врз заштитените видови на растенија, миграторни патишта на птици и да се предложат мерки за ублажување на влијанијата; да се утврдат сезонски рестрикции за градежни работи, со цел да се избегнат непотребните влијанија врз животната средина за време на клучните периоди како што е гнездење; да се лоцираат местата каде што се потребни дополнителни мерки за ублажување (поставување дивертери за птици, платформи за гнездење птици, кутии за лилјаци) итн.
АЦЕВСКИ: Исто така, не треба да се изостават и социјалните аспекти односно пред да се планира/проектира одреден проект потребно е да анализа сопственоста на земјиштето, егзистенција на заедницата, бонитет на земјиште, подвижно и неподвижно културно наследство, ранливи категории на луѓе итн.
Како што напоменавме и претходно, со навремено проценување на влијанија врз животната средина и социјалните аспекти и превземање на превентивни мерки, се овозможува праведна енергетска транзиција и опстанок на живиот свет.
ПАРИ: Зошто се прави проценка на социоекономското влијание на одреден проект и колкава е важноста на учеството на јавноста во инфраструктурните проекти? Какво е Вашето искуство со овој аспект на подготвителните чекори за реализација на еден проект и колкава е заинтересираноста и инпутот на јавноста?
АЦЕВСКИ: Проценка на социо-економското влијание е подеднакво битно како и влијанието врз животната средина. Истото треба да биде соодветно обработено преку темелни анализи, воспоставување информации и состаноци со идентификуваните заинтересирани страни.
Согласно Архуска Конвенција секоја индивидуа има право на навремен пристап до информации и учетство во носење на одлуки за одреден проект. Не радува фактот што локалните заедници се се посвесни за тоа и сакаат да се информирани за тоа каде, кога и како можат да помогнат во креирањето на проект кој што ги задоволува потребите на државата и барањата на локалната заедница.
Јавните консултации кои се организираат, на кои сме присутни ние консултантите за животна средина и социјални аспекти, проектантите и инвеститорите, се одличен канал преку кој се добиваат најточните информации за развојниот проект. Позитивно е нашето досегашно искуство од вклучување на засегнатите страни – сопственици на имоти, бизниси, претставници од локални граѓански организации и сл. при изработка на Студиите.
ПАРИ: Колку е важна заштитата на биодиверзитетот и може ли еден обемен инфраструктурен или деловен проект од областа на енергетиката, на пример, да се реализира, а без притоа трајно негативно да влијае на уништување на хабитати, на загрозување на растителни и животински видови, меѓу нив и такви што се на црвени листи на зарозени видови? Со други зборови – дали на развојот мора да му се жртвува биодиверзитетот, или постои начин тие да коегзистираат?
БЛИНКОВА ДОНЧЕВСКА: Човековите активности влијаат видовите да исчезнуваат со стапка 100 – 1 000 пати побрза отколку природната. Според ФАО (Food and Agriculture Organisation), 60 % од светските екосистеми се деградирани или се користат неодржливо, 30 % од цицачите и птиците се критични или изгубени во последната половина на минатиот век, а дури 95 % ќе бидат сериозно оштетени до 2050 година како резултат на климатските промени.
Следејќи ја состојбата со енергетскиот, транспортниот, рударскиот сектор во Северна Македонија, се наоѓаме на раскрсница помеѓу забрзаниот економски раст и деградација на природата. Во таа насока, предизвик е изнаоѓање на механизми што нема да го забават проектираниот економски раст, ќе приоднесат за квалитетот на животот, и најбитно ќе овозможат долгорочен опстанок на биолошката разновидност и одржување на екосистемските услуги.
Консултантите на Г-КОНСУЛТ се обучени да секогаш во своите проекти ја користат алатката ‘’хиерархија за ублажување’’ преку која ги водиме нашите клиенти кон намалување на негативните влијанија од развојните проекти врз биолошката разновидност. Преку серија на суштински, последователни – повторувачки – чекори (избегнување, ублажување, обновување, неутрализирање или ако не успее ниеден од претхоните методи- компензирање) во текот на животниот циклус на проектот ги ограничуваме негативните влијанија врз биолошката разновидност.
Секогаш настојуваме „нашиот глас’’ да се земе во предвид уште во раните фази на планирање на проектот и со тоа да се избегне влијание, што всушност претставува и наједноставна, најефикасна и најекономична стратегија.
Користејќи го пристапот на претпазливост, во нашето досегашното искуство сме успеале да делуваме да се промени траса на инфраструктурен проект надвор од чуствителни области како заштитени подрачја, места каде гнездат загрозени видови на птици, места каде растат ендемични растенија, значајни природни репродуктивни центри за водоземци и влечуги, потоа сме вовеле сезоноски рестрикции на градежни ативности во период на гнездење на птици, сме довеле до намалување на ширината на работен појас при инфраструктурни објекти со цел зачувување на шумски екосистеми, предвидување за поставување на дивертери за да се намали можноста од судир на птиците и лилјаците и сето тоа проследено со предконструктивен, конструктивен и оперативен мониторинг. За оние проекти каде сме утврдиле дека влијанијата не можат целосно да се избегнат или минимизираат, предвидуваме компензациони мерки, со цел возобновување на еколошките функции и/или екосистемските услуги, како ревитализација и ревегетација на деградирано подрачје или пак превземање на активности за подигнување на свеста за значењето и заштитата на биодиверизтетот во проектната област.
ПАРИ: Една од алатките кои им се на располагање на компаниите кога е во прашање справувањето со климатските промени е и проценката на јаглеродниот отпечаток, кој нивната сегашна активност или нивните наредни проекти го создаваат. Колку во Македонија компаниите навистина се заинтересирани да утврдат каков е нивниот јаглероден отпечаток врз планетата, зошто е тоа потребно да се направи, односно – колку денес таа алатка се користи кај нас, како се врши таа проценка, посебно кога е во прашање загадувачка индустрија. Дали бизнис субјектите имаат законска обврска или проценката се прави од некои други причини?
БЛИНКОВА ДОНЧЕВСКА: Како држава воспоставивме мошне амбициозен Национален придонес кон договорот од Париз, до 2030 година да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за 52%, или нето од 85% до 2030 година, во споредба со 1990 година. Тргнувајќи од гледиштето дека невозможно е да се управува со нешто што не може да се измери, исто така не може да се мери нешто што не може да се опише, кон средината на 2022 Г-КОНСАЛТ воведе нова услуга – Пресметување на стакленички гасови т.е. јаглероден отпечаток (Carbon footprint) која може да се однесува на организација, компанија, индустрија, општина, институција, држава па и на индивидуално ниво.
Иако се работи за доброволна работа која не е законска обврска во многу држави па и кај нас, задоволни сме од заинтересираноста кај бизнис субјектите да го пресметаат јаглеродниот отпечаток и со тоа да ги намалат своите емисии на стакленички гасови преку инвестирање во обновливи извори на енергија, одржливо користење на природните ресурси, премин кон зелени јавни набавки, промена на транспортни навики, соработка со еколошки одговорни компании, или да се вклучат во широк опсег на активности за заштита на животна средина и сл.
Воедно, пресметките на јаглеродниот отпечаток помагаат при усвојуање на Environment, Social and governance ЕSG практиките и ESG известувањето на компаниите кои се една од најактуелните глобални теми и го опфаќаат односот на компаниите кон животната средина, за што постои се’ поголем интерес и кај инвеститорите.
Во иднина веруваме дека намалување на јаглеродниот отпечаток ќе стана важна компонента на корпоративната одговорност и како дел од своите напори, компаниите ќе одбираат да го намалат својот јаглероден отпечаток, и со тоа да ја подобрат својата одржливост и ќе помогнат во Зелената Агенда на ЕУ.
ПАРИ: Каква е идејата зад Green Mark ознаката и кој беше мотивот да осмислите ваков начин на „зелено брендирање“ на стопански субјекти?
АЦЕВСКИ: Растечкиот апетит за мерење на одржливоста на корпоративно ниво, ја зголеми нашата палета за уште една услуга, а тоа е развивање на систем за доделување на првата македонска еко ознака- GREENMARK.
GREENMARK е замислена како доброволна шема за зелено брендирање наменета да промовира услуги/производи со намалено влијание врз животната средина и да им обезбеди на потрошувачите точни информации дека стопанските субјекти придонесуваат за заштита и за унапредување на животната средина. Зелено брендирање ќе добијат само оние производи и услуги кои ги исполнуваат специфичните критериуми за еколошки перформанси, развиени од стручни лица.
Со поставување на повисоки еколошки стандарди за субјектите, ќе помогнеме во поттикнување на одржливото производство преку прифаќање на одржливи производствени практики, намалување на јаглероден отпечаток како и трошоците на субјектите.
Крајната цел на оваа еколошка ознака е да го намали негативното влијание на потрошувачката и производството врз животната средина, здравјето, климата, потрошувачката на природни ресурси и енергија и да поттикне одговорно однесување кон животната средина. Од друга страна зголемувањето на свеста кај стопанските субјекти за еколошките стандарди, ќе овозможи предност во процесот на зелени јавни набавки и поголема конкуренција на македонските производи кои се намените за извоз и поголема претпозналитвост на компаниите кои нудат услуги. Потикнувањето на зелена економија, ќе овозможи и отворање на нови зелени работни места кои стануваат се поатрактивни за младите.
новинар:
Југослава Дуковска