ПОВЕЌЕ

    „ИНФЛАЦИЈАТА НЕ ПОЧНУВА НА КАСА – туку многу порано“

    Време зa читање: 9 минути

    Анализа: Зошто цената на храната не е единствениот виновник за инфлацијата и што е базичната инфлација?

    Во последниот период вниманието на јавноста е фокусирано на растот на цените на храната, која е една од највидливите категории за граѓаните бидејќи значаен дел од својот буџет го трошат на ова. Сепак, економистите предупредуваат дека базичната инфлација — која ги исклучува високо променливите компоненти како храна и енергија — е клучен индикатор за разбирање на вкупната инфлациска слика. Ова значи дека причините за инфлацијата се пошироки и подлабоки.

    ЦЕНАТА НА ХРАНАТА: ДЕЛ, НО НЕ И ЦЕЛА ПРИКАЗНА

    Цените на прехранбените производи, особено на процесираната (обработена) храна, која во Македонија е во најголем дел е увозна, бележат значителен раст. Овој раст во голема мера е поврзан со глобалните шокови во синџирите на снабдување кои влијаат на светските цени на храната, повисоките трошоци за енергија и транспорт, но и со домашните услови. Покрај тоа, на цените на храната влијаат и трговската маржа — која генерално може да се дефинира како разликата помеѓу цената по која производителите ја продаваат храната и цената што ја плаќаат потрошувачите. Зголемувањето на трговските маржи, понекогаш е поврзано со концентрацијата на пазарот или недоволна конкуренција. Ова може да ја зголеми цената на храната надвор од основните трошоци за производство и транспорт. Да се потсетиме, против четири ланци од маркети се чека одлука колку ќе бидат казнети за картелско здружување, а за ова веќе е казнета Сојузот на стопански комори.

    Сепак, според економистите, една друга категорија, а тоа е базичната инфлација покажува дека растот на цените е присутен и кај други категории на производи и услуги што не се директно поврзани со храната, но влијаат на нејзината цена. Меѓу нив се и платите кои не се компонента на базичната инфлација, туку фактор кој влијае на компонентите на оваа инфлација.

    Овој проблем го отвори и премиерот Христијан Мицкоски на една од прес конференциите. За жал, мора да се констатира дека многу малку има јавна и стручна дебата за проблемот со базичната инфлација. Веројатно ако се отвори ваква дебата, ќе се открие дека добар дел од преземените мерките во минатото, имаат влијание на инфлацијата. Цената на храната е само последица на сево ова. Но, да одиме со ред.

    ШТО Е БАЗИЧНА ИНФЛАЦИЈА И ЗОШТО Е ВАЖНА?

    Базичната инфлација ги исклучува цените на храната, енергијата и течните горива — оние категории кои најчесто имаат висока волатилност (цената често им паѓа или расте) и има за цел да ги прикаже долгорочните трендови во инфлацијата. Во Македонија, базичната инфлација во првата половина од 2025 година се движеше од 3.4% до 5.6%, што укажува на позначајни инфлаторни притисоци кои не се ограничени само на волатилните категории. За нашата економија е важно да се истакне дека троши доста енергија за производство на стоки и услуги, па така свое влијание врз базичната инфлација има и цената на енергијата. За да биде појасно, во земјите на ЕУ за производство на еден производ се потребни до три пати помалку енергија отколку во Македонија.

    Тоа значи дека покрај храната, растот на платите, трговските маржи и поскапувањата во секторот услуги, туризмот и растот на цените во угостителството, ги поттикнуваат инфлаторните притисоци. Овие фактори создаваат фундаментални притисоци на пазарот што се потешки за краткорочно коригирање. За ова, треба долгорочни мерки, кои често не се популарни. Народски кажано, треба да се стегне некаде, за да се заузда инфлацијата.

    ВРСКАТА МЕЃУ БАЗИЧНА ИНФЛАЦИЈА И ЦЕНА НА ХРАНАТА

    Но, она што мене ми беше контрадикторно на прв поглед, по изјавата на Мицкоски дека базичната инфлација е висока и таа влијае на цената на храната, се обидов да си ја разјаснам. Во разговори со економисти, ми беше посочено дека иако базичната инфлација исклучува волатилни категории како храна и енергија, таа сепак има значајно влијание врз динамиката на цените на храната. Ова се случува преку неколку механизми:

    1. Пренесување на инфлаторни притисоци преку услугите каде влијание може да има и растот на платите:

    Кога базичната инфлација е висока, тоа најчесто значи дека трошоците за услуги и други основни трошоци растат. Овие повисоки трошоци се пренесуваат и во производствените и дистрибутивните синџири, што доведува до поскапување на прехранбените производи. На пример, поскапувањето на транспортот, складирањето и малопродажбата влијае директно на цените на храната.

    1. Зголемена побарувачка:

    Високата базична инфлација укажува дека има растечка побарувачка во економијата. Растот на цените во угостителството јасно покажуваат дека граѓаните имаат пари за трошење, со што индиректно се врши притисок и врз цените на храната.

    1. Инфлаторни очекувања:

    Кога базичната инфлација е висока и стабилна, тоа влијае и на очекувањата на производителите и трговците за идниот раст на цените. Тие ги прилагодуваат своите цени однапред, што дополнително ги турка цените на храната нагоре.

    Затоа, и покрај тоа што базичната инфлација формално ги исклучува цените на храната, нејзиното влијание има индиректно влијание на растот на цените на храната. Секако, напомнав дека има огромен број фактори зошто имаме скапа храна.

    ИНФЛАЦИЈА ВО ПРВАТА ПОЛОВИНА НА 2025 ГОДИНА

    Извор ДЗС (СПОРЕДБАТА Е МЕСЕЦ2025/МЕСЕЦ2024)

    ВЛИЈАНИЕТО НА ПЛАТИТЕ И ПЕНЗИИТЕ

    Растот на просечната плата и пензиите во изминатиов период влијае врз куповната моќ и побарувачката, што од своја страна создава дополнителен притисок врз цените, особено во услуги и прехранбени производи. Иако основицата беше ниска, сепак растот и на минималецот, на просечната плата и пензија е сериозно повисоко од растот на инфлацијата во изминативе шест години. Ако на ова се додадат огромните парични субвенции за време на корона кризата, кога стотици милиони евра неселективно завршија кај граѓаните, може да се заклучи дека растеа примањата и пензиите. Сепак, растеа и животните трошоци.

    КОМБИНИРАНА ТАБЕЛА – МИНИМАЛНА/ПРОСЕЧНА ПЛАТА/ПЕНЗИИ/ИНФЛАЦИЈА

    НАПОМЕНА: ЗА 2025 НЕ ЈА ПРЕСМЕТУВАМ ГОДИШНАТА, ТУКУ ПРОСЕЧНАТА ШЕСТМЕСЕЧНА ИНФЛАЦИЈА.

    Значаен фактор во порастот на инфлацијата е секторот на услуги, кој е директно поврзан со платите и побарувачката.

    УГОСТИТЕЛСТВОТО И ТУРИЗМОТ ЦВЕТААТ, АМА ВЛИЈААТ И НА ЦЕНИТЕ

    Поточно, дека се има пари покажува и податокот за растот на цените во угостителството. Економската логика вели дека цените растат кога има побарувачка за одредени услуги, а тоа може да се види и од табелата. Едноставно, и покрај кризата, се оди по ресторани и кафани, како и на одмор. Секако, ова влијае и на цените на храната.

    РАСТ НА ЦЕНИТЕ ВО УГОСТИТЕЛСТВОТО

    Дополнително, кон растот на цените удел има и туризмот, со своето влијание на цените на услугите како транспорт, угостителство и сместување.

    ТУРИСТИ ВО МАКЕДОНИЈА

    Ова што го набројав е само дел од факторите кои влијаат на инфлацијата. Може да се набројува и растот на кредитирањето, пред се на потрошувачките кредити, кои во основа се трошат ненаменски и за секојдневни потреби. Но, за овие бројки веќе сум пишувал. Па нема да се повторувам тука. Би се вратил на базичната инфлација која покажа дека е сериозен предизвик. Од Народната банка велат дека ја следат состојбата.

    СТАВ НА НАРОДНАТА БАНКА

    Народната банка внимателно ја следи базичната инфлација и вкупната ценовна динамика. Во последниот период, и покрај намалувањата на каматните стапки од страна на Европската централна банка, Народната банка ја одржува својата монетарна политика непроменета, со цел контрола на инфлаторните очекувања и стабилност на економијата.

    Мерките што ги користи се варијабилни: од прилагодувања на основната каматна стапка, преку интервенции на пазарот на пари, до макропрудентни мерки ако е потребно.

    „Би споменале дека централната банка во битката за инфлацијата не е сама, туку делува синхронизирано со останатите макроекономски политики. Оттука, поддршката за остварување на очекуваните ценовни нивоа, особено од фискалната политика е добредојдена бидејќи може директно да делува на побарувачката во економијата, а постои консензус на сите чинители дека ниската и стабилна инфлација која нуди предвидливост и за граѓаните и за бизнисот е основа и поддршка на растот на македонската економија“, велат за www.pari.com.mk од Централната банка.

    Ова значи дека во решавањето на проблемите со базичната инфлација мора да се вклучи фискалната политика, односно да се забрза фискалната консолидација која кај нас поспоро се одвива и затоа инфлацијата е повисока отколку во ЕУ, каде овој процес се одвиваше многу брзо.

    ЗАКЛУЧОК

    Цената на храната, иако значајна и чувствителна за граѓаните, е само дел од вкупната инфлаторна слика. Базичната инфлација, која е релативно висока и стабилна, укажува на пошироки економски притисоци кои се рефлектираат и преку растот на платите, услугите и туризмот. Затоа, мерките за справување треба да бидат долгорочни и базирани на фокус на фундаменталните причини, а не само на краткорочни решенија како замрзнување на цени или маржи.

    Ова значи, и власта и опозицијата дека треба да ја напуштат дневната политика и да се иницира здрав дијалог меѓу сите, да се донесат долгорочни мерки кои нема да бидат секојдневно оспорувани и јавно девалвирани, за да може да се отстранат структурните слабости кои ја поттикнуваат инфлацијата. Време е за сериозна дебата, а ние медиумите внимателно да слушаме што се зборува и верно и непристрасно да пренесуваме.

    АВТОР
    ГОРАН ТЕМЕНУГОВ, НОВИНАР

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично