Банките во земјава располагаат со 9,8 милијарди евра, колку што на крајот од април изнесувале депозитите на граѓаните и компаниите. Во текот на тој месец депозитната база се зголемила за 0,4 проценти, додека на годишна основа има раст од 11,6 проценти. Истовремено, раст има и кај кредитите – за 0,8 насто на месечно и за 11,8 насто на годишно ниво. Вкупната задолженост на домаќинствата и на корпоративниот сектор е над 8,2 милијарди евра. Во овој сегмент постимулативно делува побарувачката на пари од бизнисот, додека во штедењето поголемо е влијанието на населението.
Според податоците на Народната банка за монетарните движења во април, вкупните депозити се во износ од 600.920 милиони денари. Забележаниот месечен раст во целост е базиран на штедачките навики на граѓаните, затоа што кај депозитите на корпоративниот сектор има намалување. Кај кредитите се работи за вкупна сума од 508.520 милиони денари.
За еден месец граѓаните заштедиле и депонирале во банките дополнителни 132,5 милиони евра. Нивните депозити пораснале од 400.473 милиони денари во март на 408.621 милион денари во април, или од 6,51 милијарда на 6,65 милијарди евра. Зголемувањето е измерено со два проценти, а како што се посочува од НБРМ, во најголем дел е базирано врз растот на депозитните пари, при дополнителен раст и на долгорочните и на краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во странска валута. Годишно се повисоки за 12,1 процент.
Паралелно со тоа, задолженоста на населението е поткрепена со нови 26,4 милиони евра. Во април, кредитите на домаќинствата достигнале 256.344 милиони денари (4,16 милијарди евра), со забележан месечен и годишен раст од 0,6, односно 9,8 проценти. Притоа, и двете промени произлегуваат од зголемувањето и на денарските и на девизните кредити, но сепак, граѓаните преферираат да земаат заеми во домашната валута.
И натаму најголемата побарувачка е за потрошувачките кредити, чиј вкупен износ во април е 132.006 милиони денари (2,14 милијарди евра). Кај нив месечното движење по нагорна линија е за 0,9, а годишното за 9,1 насто. Втори по користеност се станбените кредити со 98.503 милиони денари (1,6 милијарди евра), со месечно зголемување од 1,1 и годишно од 14 проценти.
Исто така, не е намален ниту интересот за купување автомобил со помош од банкарско задолжување. Априлското поместување е за 0,4, а годишното за 2,3 проценти. Притоа, достигнат е прагот од 6,7 милиони евра.
Во април е прекинат повеќемесечниот тренд на намалување на задолженоста со посредство на кредитни картички. Последната состојба е раст за 0,3 насто, додека на годишна основа падот продолжува – со 7,9 отсто. Кај минусните салда на тековните сметки е регистрирано месечно намалување од 9,3 проценти, во услови на годишен раст од 0,1 насто. А, кредитите одобрени по други основи опаѓаат и месечно (-2,3%) и годишно (-9,0%).
За 2,5 отсто во април се осипани вкупните депозити на корпоративниот сектор. Нивниот износ е 166.603 милиони денари оли 2,7 милијарди евра. За намалувањето од НБРМ велат дека е резултат на падот кај краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари. На годишна основа, пак, растот изнесува 12 процнети.
Потребата за пари на компаниите минатиот месец за еден процент ги зголемила вкупните кредити, кои достигнуваат 249.494 милиони денари (4,05 милијарди евра). Годишното зголемување е за 14,1 насто. За бизнисите поголема е кредитната поддршка во денари, што влијае и врз позитивните движења во овој сегмент. Освен тоа, се посочува дека кај кредитирањето во девизи е забележан пад.