ПОВЕЌЕ

    Граѓаните се задолжуваат, но помалку со еко-кредити: За „зелени“ потреби исплатени 16,1 милион евра 

    Време зa читање: 4 минути

    Се зголемува интересот за зеленото кредитирање, прикажан со годишен раст од 7,4 проценти. Зелената поддршка повеќе ја бараат компаниите, каде што се пласирани 314,7 милиони евра. За разлика од другите видови, граѓаните се повоздржани во поглед на зелената банкарска понуда. И покрај поволностите под кои се нудат, на домаќинствата им се исплатени 16,17 милиони евра. Ова е состојбата од последниот ден на септември.

    Кај зеленото кредитирање, според податоците на Народната банка, има зголемување од 1,4 милијарди денари, или за над 22,7 милиони евра. Кога овие резултати ќе се споредат со оние од крајот на 2019, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, нивото на зелените кредити е подигнато за 2,8 пати.

    На крајот од третото годинешно тримесечје, состојбата на зелените кредити во билансите на банките е 20.350 милиони денари (330,9 милиони евра). Разликата во однос на крајот од 2019 година е очигледна, бидејќи тогашниот износ бил 7.176 милиони денари (116,6 милиони евра).

    Уделот, пак, на зелените во вкупните кредити сѐ уште е на релативно ниско ниво. Од крајот на 2019, па заклучно со третиот квартал годинава, статистиката на Народната банка забележала промена од 2,2 на 4,4 проценти.

    Исто така, од податоците се гледа и ориентираноста кон банките. Домаќинствата, најголемиот дел од нив, се корисници на овој вид кредити од средните по големина банки – 588.231.000 денари (9,56 милиони евра). Тоа претставува учество од 31 отсто на зелените во вкупно одобрените кредити на граѓаните од страна на банките кои спаѓаат во оваа група.

    Повеќето компании користат зелени кредити кај големите банки. На 30 септември е евидентиран износ од 13.199.066.000 денари или 214,6 милиони евра, со удел од 7,2 проценти во вкупните кредити што тие банки ги исплатиле на субјектите од нефинансискиот сектор.

    Што се однесува до понудата за домаќинствата, има избор, затоа што речиси сите банки го имаат сегментот зелено кредитирање.

    На пример, Комерцијална банка одобрува заеми до 50 илјади евра, поврат до 20% oд кредитот во вид на грант, имаат годишна и променлива каматна стапка од 7,534%, а рокот на отплата е до 20 години. И Шпаркасе ги дава овие кредити со максимален износ од 50 илјади евра, рокот за отплата е до 95 месеци. Во првите три години каматата е фиксни 7,5%, а потоа променлива – од  7,75% зависно од интерниот рејтинг на клиентот. И, како што пишува на нивната веб-страница „успешно имплементирани и потврдени проекти се прифатливи за инвестициски грантови до 20% од инвестиционата вредност“.

    Максималниот износ на зелен кредит кај Халк банка е до 600.000 денари. Може да се отплаќа до 95 месеци, а има и тримесечен грејс период. Каматна стапка од 5,8% е фиксна за првите две години, а за понатаму е 2 п.п + референтната стапка за пресметување на законската казнена камата, но не може да биде пониска од седум проценти.

    Кај НЛБ банка во тек е понуда на овие кредити без манипулативни трошоци, а тоа ќе е можно до крајот на декември. Средства можат да се добијат со и без хипотека, од што зависи и износот (до 1.500.000 денари без, до 6.000.000 денари со хипотека). Во првиот случај рокот на отплата е до 95 месеци, со фиксна камата од 4,5% за целиот период, а во вториот до 240 месеци и фиксни 4,7% сѐ додека не се отплати кредитот.

    Банките кои нудат зелени кредити, всушност се партнери на GEFF во Северна Македонија – дел од Програмата за финансирање на зелена економија во Западен Балкан, со која Европската банка за обнова и развој обезбедува и поддржува инвестиции во зелена економија.

    Зелените кредити се заеми наменети за проекти кои поврзани со одржливи, еколошки или цели кои придонесуваат за зелената транзиција во општеството.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично