Денеска повторно бојкот на маркетите поради високите цени. Граѓаните под слоганот „Црн петок за маркетите“ испраќаат порака до големите трговски ланци и го изразуваат незадоволстото за цените на прехраната. Минатиот петок после бојкотот прометот во маркетите беше намален за речиси 50 проценти. Граѓаните се надеваат на уште подобар исход денеска.
Но, економските експерти се децидни дека бојкотот на граѓаните кон маркетите не е и не може да биде никакво решение на проблемот со растот на цените, велејќи дека тоа е само симболика, т.е. порака која граѓаните ја упатуваат кон маркетите и Владата, дека не се задоволни од тоа како се формираат цените во маркетите.
Тие нагласуваат дека За да се стабилизираат цените треба да се опфатат и мерки каде ќе има и државна интервенција на пазарот, што значи дека товарот на борбата за пониски цени треба да се финансира и од буџетот на државата, изразено преку интервенции од стокови резерви, намалени даноци, царини, такси и слично.
Во однос на тоа, се очекува Пазарниот инспекторат до крајот на оваа недела да ги заврши шестмесечните контроли во кои се вклучени дистрибутерите, снабдувачите, производителите и трговците. Министерот за економија Бесар Дурмиши вели дека деновиве ќе ги соопшти мерките што ќе ги преземе владата за цените на основните прехранбени производи.
„Легитимно право на граѓаните е да бојкотираат, ние ги разбираме и ги поддржуваме во оваа иницијатива, некои трговци ги зголемија цените, оштетувајќи го буџетот на граѓаните или семејствата, во тој случај ги зголемија цените без никаква причина или логика или економска основа. Пазарниот инспекторат е на терен, увидот ќе заврши многу брзо, а многу брзо по контролите ќе ве информираме за чекорите што ќе ги преземеме како Влада“, изјави Дурмиши.
И премиерот Христијан Мицкоски вели дека го разбира граѓанскиот револт за бојкот. Ги повика на дијалог производителите, дистрибутерите, маркетите и потрошувачите за, како што рече, да нема ескалалации и поголеми последици.
„Јас сум еден од потрошувачите и да понекогаш сум револтиран кога плаќам исти производи по повисока цена од тие цени коишто се во соседството. Имаме и други проблеми, какошто се друг тип на трговци, со друг тип на производи, какошто се лекови, бела техника итн., коишто продаваат производи ако се споредат со тие од околината се некогаш два до трипати поскапи. Тоа е невозможно да е последица на лоша зделка или последица на некои царински давачки или на нешто друго. Прашањето е колку е доста има ли доста?“, посочи Мицкоски.
Од Сојузот на стопански комори, пак, тврдат дека супермаркетите не се одговорни за поскапувањето. Нивната анализа покажала дека маркетите не ги зголемуваат цените самостојно, туку поради новите ценовници од производителите или добавувачите.
„Само во месец јануари до маркетите се пристигнати ценовници од над 40 добавувачи и производители во 92 категории и поткатегории производи. Дури и најпрофитабилниот супермаркет не е ни блиску до профитабилноста на водечките производители. Некои супермаркети дури и работат со загуба“, пишуваат од ССК.