ПОВЕЌЕ

    ГЛАСИНИ ИЛИ ВИСТИНА: Добива ли „Македонијатурист“ нов газда?

    Време зa читање: 6 минути

    „Македонијатурист“ како организација од областа на угостителството и туризмот успешно опстојува повеќе од 60 години. Тоа е најголемата македонска хотелско-угостителска компанија. А, изминативе месеци е една од главните теми во јавноста, по социјалните медиуми, но и кај инвеститорите.

    Интересот го подгреваат информациите, кои засега се во зоната на шпекулациите, за скорото преземање на „Македонијатурист“ и за можните сопственички прегрупирања. Паралелно со тоа, се продаваат обичните акции со право на глас издадени од компанијата, се нуди цена повисока од тргуваната, се извршуваат блок-трансакции…

    Последната блок-трансакција се случи на првиот ден од октомври. Тежи повеќе од еден милион евра инвестирани во 8.321 акција на „Македонијатурист“, кои на купувачот му обезбедуваат сопственост од 1,84 проценти. За акциите овојпат е платена цена од 8.000 денари.

    Инаку, од аспект на серијата блокови, работната недела започна онака како и што заврши претходната. Со официјална објава на Македонска берза за две блок-трансакции. Преку нив се купени вкупно 5.381 обична акција за над 685 илјади евра. По единечна цена од 7.700 и 8.000 денари.

    Минатата недела, пак, заврши со речиси 90 илјади евра вложени во 648 акции на „Македонијатурист“. Пресметано по 8.100 денари за акција, цена на чинење и во двата блока. На овие две им претходеа исто така две блок-трансакции реализирани на почетокот од седмицата. Нивната заедничка вредност беше над 1,3 милиони евра за вкупно 10.393 акции, купени исто така по различна цена, од 8.000 и 8.100 денари.

    Освен тоа, во јавноста се провлекува и информацијата за многу влијателните, односно најголеми акционери во „Македонијатурист“, кои ги продаваат акциите. И набргу ќе има соопштение кое ќе обелодени – кој е новиот газда.

    Доне Таневски со децении е поврзан со „Македонијатурист“. Пред повеќе од една година се случија промени на врвот, Таневски се повлече, а на директорската позиција го наследи неговата ќерка Мирјана Таневска Ефремова. Всушност, Доне не се оддалечи сосема, туку стана претседател на Надзорниот одбор на „Македонијатурист“. Во тој состав се Верица Хаџи Василева Марковска како независен член, Владо Богдановски и Ѓорѓи Јанчевски (независен член). Најискусниот бизнисмен во областа на хотелиерството пред десетина години од „Форбс“ беше рангиран меѓу петмината најбогати Македонци.

    Вториот најголем акционер е неговата долгогодишна соработничка Соња Бибановска, менаџерка на „Холидеј Ин“. Со престанокот на мандатот во УО, и таа се повлече од првиот раководен тим.

    Инаку, уште во април голем акционер продаде 20.708 акции за повеќе од 1,7 милиони евра. Тогаш цената за акција беше 5.150 денари. Бидејќи се зборува за преземање на мнозински пакет, прашањето е дали помалите акционери ќе бидат заштитени и како треба да постапуваат? Која е објективната вредност на акциите при преземање?

    Стручната јавност вели дека се работи за исклучително вредна компанија која поседува огромен финансиски имот, хотели и други недвижности. Од кои само финансискиот имот во моментов има вредност од околу 40 милиони евра (во најголем дел акции од Комерцијална банка). Притоа, компанијата работи исклучиво со сопствени средства и нема кредитни задолжености. Во делот на хотелите, компанијата управува со „Холидеј Ин“, кој е неодамна целосно реновиран, „Бест Вестерн“ („Турист“), „Карпош“, „Белви“, „Водно“, „Бристол“ и „Јадран“

    Објективната вредност на целата компанија, според методата на вреднување на имотите, е далеку над моменталната пазарна вредност на акцијата од 8.100 денари, односно се проценува на околу 30.000 за акција.

    Според нашите соговорници, имајќи предвид дека во бизнисот би требало да се вложат дополнителни напори за да се валоризира полната вредност на компанијата, објективната вредност што би требало да се очекува при преземањето треба да се движи некаде во рангот помеѓу 15.000 и 20.000 денари за акција.

    На прашањето – дали малцинските акционери ќе бидат заштитени и како треба да постапуваат, од Комисија за хартија од вредност за порталот „Пари“ истакнуваат дека Законот за преземање на акционерските друштва е донесен токму со цел да се заштитат малцинските акционери во постапка на преземање.

    „Прво, со Законот се наметнува обврска на лицето кое само или заедно со лицата со кои дејствува заеднички, стекне 25% или повеќе од хартиите од вредност со право на глас (контролен праг за преземање) издадени од  определено акционерско друштво, вклучувајќи ги и акциите кои претходно ги поседувале, задолжително да даде понуда за преземање на преостанатите хартии од вредност, под услови и на начин утврдени со законот. Оваа обврска настанува со моментот на првата трансакција со која е надминат прагот на преземање“, нагласуваат од КХВ.

    Второ, од аспект на цената, додаваат оттаму, таа мора да е еднаква за сите хартии од вредност од определен род кои се предмет на преземање. Притоа, Законот предвидува прецизна рамка за утврдување на цената која преземачот мора да ја почитува.

    „Цената во понудата за преземање не смее да биде пониска од највисоката цена по која преземачот или лицата со кои дејствува заеднички купиле хартии од вредност во последните 12 месеци пред известувањето за намерата за преземање. Доколку оваа цена е пониска од просечната цена на хартии од вредност постигната на овластена берза во последните 12 месеци пред известувањето за намерата за преземање, преземачот е должен да ја понуди најмалку просечната цена постигната на овластена берза“, укажуваат од Комисијата.

    Според надлежните од КХВ, согласно Законот што ја регулира оваа област, сите акционери на целното друштво се рамноправни во постапката за преземање.

    „Тие мора да бидат целосно, точно и навремено информирани за понудата за преземање за да имаат доволно време правилно да ја оценат понудата, да ги дефинираат своите интереси да донесат одлука за прифаќање или одбивање на понудата“, потенцираат од Комисијата за хартии од вредност.

    Како што велат оттаму, преземачот и другите лица кои учествуваат во постапката за преземање не смеат со своето дејствување на пазарот на хартии од вредност да предизвикаат нарушувања, кои како последица би придонеле за вештачко зголемување или намалување на цената на акциите на целното друштво.

    Трет акционер во „Македонијатурист“ е задолжителниот пензиски фонд со кој управува Сава пензиско друштво. Ова друштво во „Македонијатурист“ поседува 8,8 отсто од акциите и од нив побаравме коментар во однос на моќните сопственички прегрупирања. Сепак, оттаму велат дека не сакаат да ја коментираат состојбата.

    „Во отсуство на релевантни и јавно достапни информации, не би сакале да коментираме шпекулативни информации и да навлегуваме во толкувања на сите тие случувања кои ги наведувате поврзани со „Макеоднијатурист“. Нашето акционерско делување секогаш е во интерес на нашите членови, и во интерес на успешното работење на компанијата каде што сме акционери“, истакнуваат од Сава пензиско друштво.

    Секако, се обративме и до „Македонијатурист“, за потврда или за демант на информациите што се пласираат во јавноста. Исто така, доколку има вистина, побаравме да кажат која е цената на преземањето, но до моментот на објавувањето на текстот од компанијата не дадоа било каков одговор, иако поминаа шест дена.

    Вкупните приходи на компанијата минатата година изнесуваа 5,6 милиони евра, а добивката по оданочување е 1,6 милиони евра.

    Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично