Гласањето на дијаспората чинело повеќе отколку печатењето на ливчињата за сите гласачи, или 50 милиони денари (813 илјади евра) наспроти 46 милиони денари (748 илјади евра). Податоците произлегуваат од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации – „Изборите и јавни набавки“, каде што е констатирано дека Државната изборна комисија за спроведување на последните претседателски и парламентарни избори, заклучно со 20 мај годинава склучила 22 договори за јавни набавки во вкупна вредност од 213.625.656 денари, односно 3.473.588 милиони евра.
Меѓу сите нив, тие 50 милиони денари се и највисокиот износ за склучен договор од ДИК, поврзан со организацијата на изборниот процес.
„Вредносно најголем склучен договор за изборите 2024 година е за ‘транспорт и сместување на членови на изборните органи (ИО) во дипломатско конзуларните претставништва (ДКП) за избори’, склучен со Друштво за туризам, промет и услуги Њу вејс оф травел ДООЕЛ Скопје во вредност од 50 милиони денари (813 илјади евра). Договорот опфаќа транспорт и сместување на по најмногу 8 лица на 31 дестинација во светот. Во оваа постапка понуди доставиле две фирми, Њу вејс оф травел ДООЕЛ Скопје и Авиотурс Травел Сервис ДООЕЛ Скопје. Поради високата вредност, оваа тендерска постапка била предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки. Во текот на контрола се дадени одредени насоки до ДИК, но и во повторната евалуација на понудите, за најповолна е избрана понудата на Њу вејс оф травел. Инаку, проценетата вредноста на тендерот е за 9 милиони денари повисока од вредноста на склучениот договор“, пишува во извештајот.
Исто така, нотирано е дека овој договор е „повисок дури и од договорот за изработка и печатење на доверливиот изборен материјал што изнесува 46 милиони денари (748 илјади евра) склучен со Акционерско друштво Печатница Киро Дандаро заштитно друштво Битола“, а е склучен преку постапката со преговарање без претходно објавување оглас.
„Оваа нетранспарентна постапка, со одобрение на Бирото за јавни набавки, е применета откако во претходна постапка за која бил објавен оглас се донела одлука за поништување. Вистинската причина за поништувањето не е јавно објавена бидејќи во Известувањето за поништување на постапката е наведено образложение ‘бројот на кандидати е понизок од минималниот број предвидени за постапката за јавна набавка”. Но, Законот за јавни набавки не предвидува минимален број на понудувачи во отворена постапка, каква што била применета во случајот“.
Во извештајот се посочува дека за печатење на доверливиот изборен материјал се преговарало само со битолската Печатница.
Освен ова, од ЦГК утврдиле:
Тендерите на ДИК за заедничките претседателски и парламентарни избори годинава чинеле 767 илјади евра повеќе отколку збирот на тендерите за овие избори кога се спровеле поединечно во 2019 и 2020 година.
Дури 41% од договорите за јавни набавки поврзани со изборите, ДИК ги склучила во постапка со директно преговарање, без оглас.
Во групата фирми кои традиционално ги добиваат тендерите на ДИК се издвојуваат три фирми.
Во годините кога има парламентарни избори, вредноста на јавните набавки во земјата достигнува рекордно ниво. За годинашните избори – се антиципирало во ланските набавки.