Германија ги продаде акциите на компанијата Дојче Телеком АГ за 2,5 милијарди евра, што е последната во низата продажба на државни акции во компании преку кои Германија се обидува да дојде до средства, пренесува Блумберг Адриа.
Германската државна банка KfW нуди 110 милиони акции на институционални инвеститори, соопшти заемодавачот доцна во понеделникот. По продажбата, уделот на KfW и на владата ќе биде 27,8 отсто, а ќе се зголеми и бројот на акции во слободен промет.
Министерството за финансии соопшти дека средствата ќе бидат наменети за докапитализација на железничката компанија Дојче Бан АГ и за изградба на железничка инфраструктура.
Благодарение на расположението на пазарот на капитал, продажбата беше успешно завршена“, велат од министерството.
Канцеларот Олаф Солц и неговата коалиција се обидуваат да обезбедат буџетски средства откако Врховниот суд минатата година ја откажа мерката за финансирање на која се потпираше владата во претходните години.
Берлин се обидува да најде мерки за штедење кои нема да го загрозат излезот од економската стагнација или модернизацијата на армијата, која долго време беше запоставена.
Последната продажба е дел од стратегијата што министерството ја нарекува „одговорна приватизација“.
Дојче Бан (Германските железници) моментално прифаќа понуди за својот логистички оддел DB Schenker, кој планира да го продаде за да собере повеќе од 15 милијарди евра, изјавија за Bloomberg извори запознаени со плановите. На почетокот на оваа година, KfW собра 2,2 милијарди евра преку продажба на акции во поштата (Deutsche Post AG).
Понудите за Дојче Телеком беа затворени во понеделник, а трансакциите најверојатно ќе завршат во четврток.
KfW и понатаму ќе остане најголем акционер во компанијата. Околу три недели пред продажбата, компанијата објави добри резултати за првиот квартал. Добриот резултат главно се должи на зголемувањето на продажбата во Германија и САД.
Вредноста на акциите оваа година скокна за 4,1 отсто, а KfW веќе продаде 22,4 милиони акции во вториот квартал.
Германија, исто така, е се поблиску до одлуката да ги исклучи кинеските компоненти од својата 5G мрежа до 2026 година, што секако би влијаело на работењето на компанијата. Претставниците на компанијата чие седиште е во Бон изјавија дека е нереално да се очекува оваа забрана да се спроведе до 2026 година.