Серија фактори и од објективна и од субјективна природа влијаат врз глобалната економија. Под нивно влијание, финансиската и економската состојба станува посложена и полоша во многу земји во светот. Во сегашните кризни услови, при динамична промена на побарувачка за стоки и услуги, конкурентноста на компаниите се обезбедува преку нејзините инвестиции, имиџ и, пред се, со предностите кои може да се генерираат , а произлегуваат од човечките ресурси. Современите студии откриваат дека се поголема е побарувачка за ангажирање и задржување на високо квалификувани менаџерски човечки ресурси, како во приватниот бизнис, така и во јавните институции. Во сегашните услови, се појавија одредени контрадикции во барањата на младите луѓе, кои што им се наметнати од моменталната социјална и економска состојба, условена од потребата да се бараат нови форми и методи на работа и различни професионални вештини и знаење.
Постојаниот интерес за техниките на игри во теоријата и во практиката на управувањето со различни тимови е одреден од нивните широки можности во процесите на истражување и решавање на специфични проблеми на една организација, зголемување на нивото на нејзината конкурентност, обука и развој на персоналот.
Како што покажува практиката, под услов на предходно обезбедена научна и методолошка поддршка, гејмификацијата станува најефикасниот механизам за обука на персоналот, нивно подобрување и мотивација, како и зголемување на продуктивноста. Анализите на оние компании кои го примениле овој метод сугерираат дека размислувањето за игри треба да се користи во маркетингот, иновациите, мотивација на вработените во различни области на бизнисот и дека гејмификацијата ќе мора да се воведе во деловните процеси.
Гејмификацијата се користи парцијално кога се оценува организација од аспект на развој на методи за управување со времето, а исто така гејмификацијата се смета за алатка за зголемување на продуктивноста на трудот и влијае на ефикасноста на човечките ресурси и продуктивно користењето на работното време од страна на претпријатието Растот на продуктивноста на трудот значи заштеда на работна сила и е еден од најважните фактори за зголемување на продуктивноста. Се подразбира дека еден од начините за зголемување на продуктивноста на трудот е нејзиното интензивирање. Но, засилувањето како такво може да доведе до значителни преоптоварувања што би ги претрпил персоналот и ќе има негативно влијание врз вработените и врз претпријатието во целина. Затоа, потрагата по современи методи што овозможуваат да се зголеми интензивирањето на работната сила, додека се задржува и развива потенцијалот на вработените во претпријатието често води кон примена на игри и техники кои го олеснуваат суштинскиот дел од работните активности и го олеснуваат психолошкиот стрес.
Принципот на вметнување на гејмификацијата во бизнис процесите може да се одвива преку најразлични програми за наградување на најдобрите поединци, давање можност за искажување на своите таленти преку поразличен пристап од воспоставениот и давање можност за креативно размислување во склоп на игра. Иако на почетокот од актуелизирањето на оваа идеја насоките беа дека само вработените во компаниите треба да бидат дел од програмата, сепак последните маркетинг кампањи на најпознатите светски брендови активно ја користат гејмификацијата во своите продажни планови. Тоа го остваруваат преку вклучување на потенцијалните потрошувачи во одреден вид на игра која понатаму станува главен “медиум” за вкрстена продажба. Сугестиите се дека тековните и потенцијалните потрошувачи на стоки и услуги треба да бидат вклучени во деловните процеси додека играат. Покрај тоа, научниците веруваат дека не може да се замисли работата на модерен маркетинг менаџер без да се користат разни игри за да се привлечат купувачи.
Развојот на технологијата и се поефтините начини на комуникација ќе бидат катализатор на примената на гејмификација во најразлични области, а пионерите ќе ја имаат пол-позицијата во трката за потрошувач повеќе. Визијата за проактивна примена на овој метод е да го направи светот едно подобро место за живеење и делување. Свет во кој стресот, анксионозноста и стравот од губење на работното место ќе бидат минато, а ќе се промовираат нови идеи, секако без губење на осетот за реалноста. На крајот, најголемата игра е да бидете дел од реалноста.
Редакција Пари