ПОВЕЌЕ

    (ФОТО): СТО ГОДИНИ СТАРИТЕ СНИМКИ ОТКРИВААТ катастрофално топење на стотици глечери на Гренланд

    Време зa читање: 4 минути

    Во новото истражување објавено претходно оваа недела, истражувачите кои ги надгледуваат глечерите на Гренланд открија дека темпото на нивното топење се зголемило за пет пати во последните 20 години. Во 1980-тите и 90-тите години, глечерите на островот во просек се намалувале околу пет метри годишно. Денес тоа е во просек 25 метри. Ова е важно затоа што во текот на истите тие две децении, околу 21% од вкупниот пораст на морското ниво може да се припише на овие глечери што се топат. Тоа има глобални импликации за крајбрежните градови ширум светот, кои ќе треба да ја зајакнат својата инфраструктура за да се борат со надојдените води.

    „Ние сме во нова ера каде глечерите генерално се во повлекување, со големи последици за нивото на морето кое ќе се зголемува побрзо и побрзо“, соопшти тимот кој работеше на студијата за гренландските глечери.

    Кога климатскиот научник Лаура Ларока ја посети Данска во 2019 година,  таа дојде со илјадници стари воздушни фотографии од леденото крајбрежје на Гренланд, кои беа повторно откриени во замок надвор од Копенхаген пред околу 15 години. Фотографиите, кои сега се сместени во Данскиот национален архив, и помогнаа на неа и другите истражувачи да ја реконструираат глацијалната историја на територијата и како таа се промени во услови на брзо затоплување на климата.

    Откако дигитализираа илјадници архивирани хартиени слики кои датираат од 1930-тите, тимот на Ларока ги комбинираше со сателитски снимки на Гренланд денес за да измери колку е променет неговиот замрзнат пејзаж. Си-Ен-Ен објави дел од тие фотографии заедно со снимки од денешниот изглед на пејсажот, за споредба.

    Споредбата покажа дека глечерите на Гренланд доживеале алармантна стапка на повлекување што се забрзала во последните две децении. Студијата, објавена оваа недела во списанието Nature Climate Change, покажа дека стапката на повлекување на глечерите во текот на 21 век била двојно побрза од повлекувањето во 20 век.

    Работата „одземаше многу време, и беа потребни многу луѓе, многу часови физичка работа“, рече Ларока, водечки автор на студијата, која беше постдокторат на Универзитетот Нортвестерн во времето на истражувањето. „Промената е неверојатна – таа навистина го истакнува брзото темпо со кое Арктикот се загрева и се менува“.

    Во текот на изминатите неколку децении, Арктикот се загревал четири пати побрзо од остатокот од светот, покажа студија од 2022 година. Последиците од тоа затоплување се зголемуваат. За прв пат во историјата, врнеше дожд на врвот на Гренланд – Маунт Гунбјорн (3.694 мнв) – во текот на летото 2021 година. Претходно оваа недела, научниците открија дека огромните глечери на северен Гренланд, за кои долго време се сметаше дека се релативно стабилни, сега претставуваат потенцијално „драматични“ последици за порастот на нивото на морето.

    Она што најмногу ја погоди Ларока е тоа што данските пилоти кои ги направиле оригиналните фотографии не знаеле дека тие ќе бидат голем придонес во науката за климата речиси еден век подоцна.

    „Прилично е интересно што многу од овие фотографии се направени поради воени операции“, рече таа. „Но, интересно е како повеќе од 100 години подоцна, ги користиме овие фотографии за доброто на човештвото, за науката да документираме колку овие глечери се промениле со текот на времето“.
    Ларока, сега доцент на Факултетот за океан фјучерс на Државниот универзитет во Аризона, рече дека се надева дека оваа нова визуелно тешка студија ќе го привлече вниманието на територијата што брзо се топи и заканата што таа ја претставува за светските крајбрежја со зголемувањето на нивото на морето.

    „Нашите избори во следните неколку децении и колку ги намалуваме нашите емисии навистина се важни за овие глечери“, рече Ларока. „Секое постепено зголемување на температурата ќе има значителни последици за овие глечери, а таа брза акција за ограничување на порастот на глобалната температура навистина ќе помогне да се намалат нивните идни загуби и придонес кон нивото на морето“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично