Вработените во судската администрација пред скопскиот Основен кривичен суд повторно го изразија незадоволството од ниските примања. Овој пат револтот дополнително е зголемен со вчерашната одлука на министерот за финансии да не ја потпише одлуката на Судскиот буџетски совет за исплата на додатоци на плата во висина од 15 проценти. Воедно, и поради тоа што Министерството за финансии се оглушува од нивните барања за зголемување на палите за 30 насто. Обединети преку Независниот синдикат на државната администрација и Независниот синдикат на судската служба, кој е во негов состав и денес со транспаренти бараа „Европски плати за нас и за вас“. Доколку барањата не се остварат, од првиот ден на септември ќе стапат во генерален штрајк.
Тоа го најави Јасмина Величкова, претседателка на Независен синдикат на судска администрација:
„Денес штрајкуваме во сите судови – Битола, Струга, Охрид, Штип, Свети Николе, Тетово… Најавуваме генерален штрајк од први септември. Ќе блокираме и улици и нема да може од наши средства да се полни буџетот. Нема да се вадат ни уверенија за неосудуваност, ни за трето дете, да видиме каде одат овие пари“.
Нагласувајќи дека не се согласувааат со договореното меѓу Владата и ССМ, таа презентираше бројки за учеството на Кривичниот суд во државната каса.
„Во период од први јануари до денес се наплатени 13 милиони денари за паушал, за 12 месеци тоа би било 39 милиони денари од паушал. За такси за уверенија на сметка на буџет на неосудуваност и забрана на дејност, од први јануари до денес наплатени се 9.420.000 денари, за 2022 за уверенија наплатени се 16.232.000 денари. Со правосилни одлуки во 2022 за парични казни во буџетот од Кривичен суд се издвоени 82.597.000 денари“, образложи Величкова.
Исто така, нагласи додека именуваните и избрани функционери добија зголемување од 78 проценти, на вработените во судската служба им се укинуваат сите додатоци, при што сега има огромна разлика на плати со судството.
„Службеник со судија, соодносот е еден спрема пет, а судија со стручен соработник еден спрема три. Како никогаш досега и никаде во развиениот свет“, тврди Величкова.
Рената Георгиевска, потпретседател на Здружението на судска администрација порача:
„Реформите во судската власт треба да почнат од судската служба!“.
Воедно, Георгиевска побара поддршка од Судскиот буџетски совет и од Здружението на судии да издејствуваат донесување на нов закон за Судски буџет. Со него, посочи, судската власт ќе има самостоен буџет. Исто така, укажа, треба да се донесе и нов закон за судска служба, со кој статусот на судската служба ќе биде регулиран на начин на кој одговара на нејзината работа, должност, права и одговорности.