После една година и неколку месеци социјално дистанцирање во обид да се избегне злото наречено Covid-19, ги правам првите похрабри обиди за обновување на физичките контакти со мои блиски пријатели со цел колку-толку да се вратам на нормалната животна траекторија и да се спасам од психолошката пост-Ковид замка, на која секојдневно не потсетуваат психијатрите и психолозите. Не е лесно да се врати истата близина, мислам физичка, затоа што потсвеста (барем нас свесните) не опоменува дека кризата не е завршена. А, и последните бројки на новозаразени сведочат за тоа. Но, затоа желбата и потребата за топол и искрен разговор останале.
Долгогодишното пријателство, споделените убави и тажни моменти, искуството, созревањето, возраста си го прават своето. Го живееме периодот од животот кога толку многу можеме да постигнеме, а во исто време и толку многу можеме да изгубиме. Веднаш да бидеме на чисто – да пуштиш дете на факултет во странство никако не смее да биде загуба за еден родител. Тоа може да биде само гордост, надеж, прогрес. Но, фактот дека го пушташ и знаеш дека никогаш нема да се врати назад боли и тоа до срце. Уште повеќе затоа што знаеш дека си немоќен што било да смениш или подобриш за толку кратко време за да го убедиш сопственото дете дека има иднина и во родната земја.
Е, токму заминувањето на децата во странство е главната тема што ја отвораме со моите пријатели во овие жешки денови. Тоа е мислата што ги мачи нив затоа што во август и во септември ќе ги испратат своите деца во Словенија, Италија, Холандија, Канада, Австрија, Грција… Моите деца се уште се мали и испраќањето ќе го одложиме за десетина години. Но, нема да го пропуштиме сигурно бидејќи иднина од 10 години не дава никаква надеж во оваа држава, во која се потрошени децении и децении во тапкање во место, а во многу сегменти и во тонење, пропаѓање, назадување со губење на секакви морални, етички, човечки и општествени вредности што некогаш постоеле.
Затоа и ме освести како студен туш муабетот на една пријателка, дека се откажала од сите амбиции што ги имала да создаде нешто материјално и капитално во родниот град како наследство за своите деца и сега има само една амбиција – да ги натера да се образуваат и да живеат во некоја друга држава. „Тоа што јас не го направив, мора да го направат тие за подоцна да не се каат“, ми вели.
Немам одговор. Факт е дека на земјава и се случува егзодус на младите. Пандемијата со Covid-19 навидум го стопираше веќе започнатиот процес, но тој реално се случува. Откако ќе заврши пандемијата, ќе се случува уште повеќе. Од државата си заминуваат тие што сакаат да учат, но и луѓето со знаење.
Овој процес многу скапо ќе ја чини Северна Македонија. Од заминувањето на младите не губат само родителите и државата, туку и сите граѓани затоа што младите се моторот за модернизација и промени. Без нив нема прогрес.
Без нив нема да порасне животниот стандард во земјава! Не може да расте животниот стандард со пензионери, неквалификувани или нискоквалификувани работници и со партизирана и корумпирана јавна администрација. Нема да порасне ни со увоз на работници од ниско развиени земји затоа што тие од лошото виделе полошо и нивниот таргет е плата колку за да преживеат.
Без нив нема економски напредок. За раст на економијата се потребни капитал, инвестиции и стручна работна сила. Да не се фабриките во технолошко- индустриските зони и инвестициите на неколку домашни компании, што се бројат на прсти, капиталот и инвестициите во земјава ќе бидат во минус. Инвестициите во слободните зони по дефиниција се од времен карактер бидејќи никогаш не се знае од каде ќе удри конкуренцијата. Многу земји го имаат поминато тој пат неуспешно.
А, домашните компании се соочуваат со недостиг на стручни, одговорни и вредни работници. Образовниот систем, од основно до високо образование, е комплетно инертен и продуцира само квантитет без квалитет (тој мал квалитет ја напушта државата). Останува на компаниите да ги обучат вработените за да имплементираат нови технологии со надеж дека нема да им заминат за неколку месеци во странство или кај конкуренцијата. Лојалноста одамна е изгубена во домашниот корпоративен свет.
Не можеш да продуцираш квалитетни работници во земја во која крајна цел на мнозинството млади што не ја напуштаат државата е вработување во јавна администрација. Притоа очи ќе си извадат во самата партија за директорска и градоначалничка фотеља. И тоа како прво вработување во животот.
Стратегија за спас на земјата од егзодусот на младите ниту има, ниту ќе има. Тоа прашање бара многу знаење, посветеност, реформи и истрајност. Кај нас политиките се исклучиво од дневен карактер.
Фејсбук пост