Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески ги повика сите парламентарни политички партии да ја потпишат Декларацијата за општествен консензус и за економски реформи, политики и мерки, што Комората ја донесе на својата стогодишнина, бидејќи смета дека на тој начин сите релевантни општествени чинители би се согласиле дека во наредните 10 години приоритет ќе има економијата.
Азески оценува дека државата се наоѓа во комфорна зона и само бизнисот може да ја разбуди и да ја извади од комфорот. Бара да престане праксата на носење закони по скратена постапка, зашто на тој начин се заобиколува Стопанската комора, но и сите бизнис асоцијации кои треба да се произнесат за тоа.
„Време е да ги дефинираме приципите на соработка меѓу приватниот и јавниот сектор. Време е да ги обединиме нашите сили и да работиме заедно, било како компании, универзитети, академска заедница или политички партии, за да го оствариме нашиот заеднички потенцијал. Во наредните 10 години приоритет да и се даде на економијата“, вели Азески.
Декларацијата, позната и како Рамковен договор за десетгодишен приоритет на економијата, веќе е потпишана од над 300 најзначајни компании, МАНУ, сите државни универзитети, сите бизнис асоцијации и од ВМРО-ДПМНЕ, како парламентарна политичка партија.
Во Декларацијата се наведува дека неповолните состојби во економијата во значаен дел се должат на нефункционирањето на правната држава, непочитувањето на пазарните законитости, политизацијата и доминација на партиските над државните интереси.
Стопанската комора во Декларацијата потсетува дека македонската економија остварува разочарувачки бавен раст. Од 1992 година наваму има реален раст на БДП од 1.7 отсто просечно годишно. Учеството на јавниот долг во БДП се зголеми од 23 отсто во 2008 година на 57,9 отсто на крајот на јуни 2023 година. Маневарскиот простор за нови задолжувања се стесни и земјата се соочува со ризикот да стане презадолжена доколку трендот на задолжување продолжи. Македонија не успеа да го реформира својот образовен систем и не продуцира кадри со знаења и вештини што ги бара пазарот и новото време. Во текот на три децении Македонија не успеа да го заокружи квалитетно нфраструктурното поврзување, ниту во земјата ниту со соседните земји. Поради отсуство на конзистентен пристап земјата остана високо зависна од увоз на енергенси, а со тоа и подложна на силни ценовни удари без обезбедена алтернатива.