ПОВЕЌЕ

    Државата мора побрзо да се оспособи за глобалниот минимален данок – Павле Гацов предлага како тоа да се направи

    Време зa читање: 3 минути

    Македонија може да загуби триесеттина милиони евра на годишно ниво, доколку не се прилагоди кон глобалниот минимален данок, без оглед што во нејзините граници нема многу компании кои остваруваат приходи од најмалку 750 милиони евра. Во тој поглед не е осамен случај меѓу балкански држави-кандидати за влез во ЕУ. Земјите, пак, од европското семејство, заедно со повеќе други од светот, од почетокот на годинава ги прифатија правилата за овој вид оданочување иницирано од Меѓународната организација за економска соработка и развој ОЕЦД.

    Експертите и Советот на странски инвеститори веќе извесен период бараат од властите да се адаптира на новонастанатите меѓународни услови, пред сѐ поради фактот – ако странската компанија во Македонија плаќа петпроцентен данок, тогаш матичната ќе мора да доплати 10 проценти. Доволно за да се повлечат и да се дислоцираат од земјава.

    Првите плаќања на овој данок се предвидени за во 2026, но ќе се однесуваат на постигнувањата од оваа година. Иако се чини дека државата има време за адаптација, даночниот експерт Павле Гацов смета дека работите треба да се поттурнат.

    Еве што вели во неговата Фејсбук објава насловена „Да побутнеме малку, зашто доаѓа крајот на годината… Глобален минимален данок“:

    „Преку одредба во Законот за данокот на добивка во македонскиот даночен систем треба да се воведе оданочување со глобалниот минимален данок. Со овој данок ќе бидат опфатени мал број компании кај нас. Се работи за компании кои имаат странски матични компании (основачи) со големи приходи на ниво на групација.

    Предлог текст на измена на Законот за данокот на добивка

    Член „X“.

    Глобален минимален данок

    Даночните обврзници со седиште во Република Северна Македонија или кои остваруваат приход од вршење на дејност во Република Северна Македонија, а кои потпаѓаат под опфатот на глобалниот договор за минимален данок, се должни да пресметуваат и плаќаат глобален минимален данок согласно одредбите на овој закон.

    Даночен обврзник на данокот од став 1 на овој член е обврзник на данокот на добивка кој е поврзан ентитет во група која има годишен консолидиран приход еднаков или поголем од 750 милиони евра.

    Ефективната даночна стапка на глобалниот минимален данок изнесува 15% од утврдената даночна основица.

    Даночната основица за пресметување на глобалниот минимален данок се утврдува согласно методологија пропишана од надлежен орган, а која е усогласена со меѓународните стандарди.

    Даночните обврзници од став 1 на овој член се должни да доставуваат годишен извештај за пресметка и плаќање на глобалниот минимален данок до надлежниот даночен орган, најдоцна до 30 април во тековната година за претходната година.

    Доколку даночниот обврзник не ја исполни обврската за пресметка и уплата на глобалниот минимален данок согласно одредбите на овој закон, ќе се применуваат соодветни казнени одредби….

    Министерот за финансии ќе донесе поблиски прописи за начинот на пресметка, уплата и контрола на глобалниот минимален данок…

    …..

    Се разбира, при финалното усвојување, одредбите би можеле да се прецизираат и доработат понатаму“, пишува Гацов.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично