ПОВЕЌЕ

    ДРЖАВАТА МОРА ДА ИМ ГИ ОЛЕСНИ УСЛОВИТЕ НА СТАРТ-АПИТЕ, ако сака развој на технолошки компании – Диме Галапчев за New Biz Podcast

    Време зa читање: 4 минути

    Има ли во Македонија финтек компании и дали она што го сметаме за такви всушност – не се тоа. Според Диме Галапчев од FinqUp, со кого разговараше Наташа Велковска во новата епизода на New Biz Podcast, под финтек не се подразбира да користиш технологија, туку да развиваш технологија за финансиската индустрија. „Многу е интересно, ако пребараш на интернет за финтек во Македонија, веројатно прво што ќе ти се појави е плаќањето паркинг преку мобилна порака“, вели тој.

    За разлика од сервисните компании, оние кои развиваат продукт, нешто што ќе остане македонско интелектуално сопствеништво, каде што вредноста што ја генерира тој продукт ќе остане тука, ги има малку, помалку од прстите на едната рака. „Но, исто така и не добиваме некоја мотивација да продолжиме тука да работиме, сите во еден момент гледаат да избегаат од тука“, вели Галапчев.

    Според него, државата не создала поволни услови за развој на компаниите кои развиваат финансиска технологија дома, во Македонија, туку континуирано им даваат предност на странските компании, иако голем дел од нив всушност се сервисни, а не развојни.

    „Тука треба да се нагласи и проблемот дека државата кај нас им дава и предност и погодности на странски компании за да вработат луѓе, да го искористат интелектот на Македонецот да развијат нешто и подоцна да ги уживаат благодетите на интелектуалното сопствеништво кое оди во матичната држава од кад што дошле. Многу од компаниите се од ТИР зоните и им е дозволено да го крадат нашиот интелект и да го носат на страна така да многу финтек производи се развиени – но, не се наши“.

    За тоа што е потребно државата да смени односно подобри за да им овозможи подобри услови на развој на новите, млади компании од областа на финансиската технологија, односно финтек-от, Галапчев вели:  „Да почнеме од најосновното – ако може некоја компанија која за мала плата експлоатира луѓе тука да добие ослободување од давачки кон државата, можеби првите што исто така треба да бидат ослободени се домашните продукт технолошки компании. Не може ние кои од нула тука инвестираме да имаме поголеми давачки од многу големи компании“.

    Тој, исто така, смета дека треба да се олеснат процедурите бидејќи за административни работи честопати треба да поминат и по пет различни институции и денови да изгубиш за едноставна работа, а тука е и олеснувањето на потешкотиите кога се во прашање интернационални трансакции, кои притоа не се ниту евтини. „Имаме случај кога имаме фиксна тарифа за трансакција во странство во износ од 20-25 евра. Автоматски тоа уништува многу бизнис модели. Касис што сега работи со трансакциите со картички, се надеваме дека со додавањето на СЕПА ќе биде во иднина олеснето правењето онлајн трансакции што досега беше скапо и многу бизнис модели немаа маргини како да го користат. Тоа што сега се надеваме дека ќе паднат наскоро тие цени е огромна грешка – требаше да паднат пред 10 години“, додава Галапчев.

    ФИНАНСИСКИОТ СЕКТОР МОЖЕ ДА БИДЕ ПОЕФИКАСЕН ако, место човечкиот фактор, со клиентите работи вештачка интелигенција – Диме Галапчев во New Biz Podcast

    Поради негативниот имиџ, создаден во минатото, за финтек компаниите од Македонија не е лесно пробивањето вон границите и тоа трае подолго во споредба со стартапи од други пазари. „Секогаш почнуваме не од нула туку од минус 5 бидејќи се соочуваме со следново: Им покажуваме надвор некој производ и не прашуваат од каде сме, велиме од Македонија. Ех, нема шанси некој од Македонија вакво нешто да направи. Имаме низок степен на доверба надвор, премногу измами се случуваат во нашата држава и кога одиш да продаваш нешто надвор, автоматски почнуваш од пониска позиција“.

    Целата епизода и слични на оваа се достапни на  New Biz Podcast

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично