Зошто се намалува бројот на е-продажни места во земјава, особено во услови кога е-трговијата во земјава бележи пораст? Дали причината за ова е заситеноста на пазарот со е-трговци, неисплатлив бизнис, како и страв од конкуренцијата, особено по појавата на Тему со екстремно ниски цени и бесплатна достава? Растечкиот тренд на е-трговци од 2016 година до крајот на 2023 година спласнува во 2024 година, покажуваат податоците од Народната банка за бројот на места на продажба за е-трговија.
Тоа се гледа од повеќе параметри, според кои порталот Пари направи анализа. Во јануари 2016 година, во земјава имало 585 уреди за плаќање на виртуелни места на продажба, односно на продажни места на интернет. До 2020 година нивниот број се зголемил двојно, а до крајот на 2023 година се зголемил скоро 4 пати. Но, во 2024 година настанува стагнација, која на крај резултира и со помал број уреди на места за е-трговија. На почетокот од годината имало 2.076 места, а на крајот 2.016.
Извор: НБРМ
Во исто време, последниот извештај од Асоцијацијата за електронска трговија покажува дека вредноста на вкупните онлајн трансакции во 2024 година изнесува 709,4 милиони евра, со што е остварен пораст од 9,3 насто во споредба со 2023 година. Бројот на вкупните онлајн трансакции изнесува 21,6 милиони и е за 11,4 насто повеќе во однос на 2023 година. Просечната вредност на направените онлајн трансакции изнесува 33 евра и е помала за 0,7 евра во однос на 2023 година.
Повеќе од половина, односно 60 насто од вкупната вредност на онлајн трансакции, се направени кон македонски е-трговци. Но, и кај овој параметар може да се забележи пад во 2024 година во однос на 2023 и на 2022 година. Учеството на домашните е-трговци изнесувало 72 насто од сите трансакции во 2022 година, а во 2023 година таа бројка е 70 насто.
Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска-Станков, очекува еволуирање на онлајн купувањето во земјава во текот на оваа година, особено поради отворањето на интернационалната понуда.
„Оваа година очекуваме овој придружен и клучен сектор да се унапредува како што расте онлајн купувањето и очекувањата на купувачите, како и плаќањата. Асоцијацијата за е-трговија и минатата година со своите активности придонесе за проширување и зајакнување на понудата во е-трговија, унапредување на дигиталните вештини, намалување на сивата економија и зајакнување на довербата во онлајн купувањето“, вели Ангеловска-Станков.
Што покажуваат податоците за бројот на е-трговци во земјава? Бројот на места со продажба за е-трговија од 2016 година до 2024 година е зголемен од 613 на 1.666 субјекти. Во однос на 2023 година има намалување за 42 места за е-трговија. Од вкупно 1.666 е-трговци лани активно прифаќале платежни картички 1.312 е-трговци.
Инаку, вкупниот број на трговци што прифаќаат платежни картички во земјава од 2016 до 2024 година е зголемен за 3.300, односно од 13.080 на 16.383 субјекти. Бројот на трговци со физичко место на продажба е зголемен од 12.467 на 14.717.
Извор: НБРМ
Во трговијата со физички места на продажба расте бројот на ПОС терминалски уреди и тоа со побрзо темпо од претходно. На крајот од 2024 година се регистрирани 34.864 ПОС терминали, што е раст од 2.000 за една година. Во 2023 година, исто така, бројот на ПОС терминали е зголемен за околу 2.000, додека во претходната година растот бил поумерен. Интересно е дека во 2016 и во 2017 година имало поголем број ПОС терминали, но во 2018 година нивниот број се намалува за околу 3.000.
Извор: НБРМ
Актуелниот нагорен тренд покажува дека трговците, сакале или не, се враќаат на безготовинската наплата затоа што и купувачите го бараат тоа, или, пак, се зголемува и бројот на нови трговски субјекти или на продажни места, што повторно резултира со повеќе ПОС уреди за плаќање со картичка.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска