Светот добива нова глобална мрежа за прекугранични плаќања. Креација на американската компанија Circle, издавач на стејблкоинот USDC. Проектот е најавен како визионерски, и во некое догледно време – можен конкурент на Visa и Mastercard.
Овој потег се гледа како дел од пошироката стратегија на САД за задржување на финансиската доминација преку дигитализација на доларот. Воедно, со новата регулатива којашто ја донесе Трамп, стејблкоинот добива легитимитет во плаќањата, со што се овозможува доларот да продолжи да игра клучна улога и во дигиталната ера.
Ваквите потези на Трамп се реакција на заедничките иницијативи на БРИКС земјите и особено на Кина, која настојува да ја интернационализира сопствената валута – јуанот (ренминби). „Трамп не прави ништо поразлично од Кина. Кина со децении води меркантилистичка трговска политика преку депрецијација на јуанот за промоција на извозот и обемните државни субвенции на кинеските фирми. Од поново време, лидер е и во иновациите во финансиската сфера, вклучувајќи ја дигиталната валута на централната банка, преку која сака да ја прошири и зацврсти својата економска независност“, напиша неодамна финансискиот експерт Маја Кадиевска Војновиќ во колумната насловена „Криптомеркантилизмот“ на Трамп – Трговската војна со војната за доминација на американскиот долар, објавена на порталот Пари.
Со потезите што ги влече, целта на американскиот претседател е да не дозволи доларот да ја загуби доминацијата на светската финансиска сцена. Депрецијацијата на валутата, од една страна, заради поевтинување на извозот и поскапување на увозот, и обидите за воспоставување доларска дигитална надмоќ, од друга страна, се одговор со чекорите што ги прави Трамп, а веќе ги направи Кина. Трговската војна клучните играчи ја водат секој со своја визија – за (де)доларизација на трговијата во светски рамки.
Или, како што е наведено во колумната, одговорот на САД е „криптомеркантилизмот“, односно стратегијата која ја поврзува трговската политика со дигиталните финансии – со регулирање на стејблкоинот и со формирање владини крипторезерви. Исто така, Трамп најави и енормни царини за земјите кои ќе го напуштат доларот, демонстрирајќи ја длабоката врска помеѓу трговската војна и одбраната на доларот.
Под влијанијата на овие случувања, светот е подложен на големи промени. Сепак, овие промени не се иницирани од Трамп, туку од формирањето на БРИКС, односно растечката улога на овој блок земји која придонесе за појавата на иницијативи за создавање нови алтернативни финансиски системи, образложи Кадиевска Војновиќ. Во тој контекст и платформата mBridge, која беше развиена од централните банки на Кина, Тајланд, Хонг Конг и ОАЕ. Овозможува директни трансакции со дигитални валути на централните банки – без потреба од долари и без SWIFT. Поддржана од Банката за меѓународни порамнувања, оваа платформа е вистинска пресвртница во глобалните финансии, која го зајакнува економскиот суверенитет на земјите-учеснички.
Уште повеќе, земјите од БРИКС работат на отворањето на сосема ново глобално економско поглавје, во кое нема место за американската валута. Односно – трговија без долар.
БРИКС веќе работи на алтернативен меѓународен платен систем, кој ќе овозможи земјите да склучуваат трговски договори без користење на американскиот долар. Според изјавата на рускиот министер Сергеј Лавров, што ја пренесоа светските медиуми, платформата ќе биде отворена и за државите кои не се дел од БРИКС. А, ќе функционира надвор од SWIFT системот кој, според Лавров, е под доминација на САД и Европа.
Новиот платен механизам може драстично да ги промени финансиските пазари. Американскиот долар нема да има никаква улога во меѓународните трансакции и поголемиот дел од трговските договори би можеле да се порамнуваат преку различни начини на плаќање. Како што наведува Лавров, трансакциите ќе се порамнуваат во локални валути и доларот нема да биде инкорпориран на ниту еден начин.
„Има повеќе други иницијативи што се разгледуваат во рамките на БРИКС. Една од нив е предлогот на Бразил за создавање алтернативна платежна платформа, на која веќе се работи. Убеден сум дека земјите, дури и оние надвор од БРИКС, ќе имаат пристап до ваквите механизми кога ќе бидат создадени“, изјави рускиот министер.
Последниве години Русија и Кина вршат 92% од меѓусебната трговија во рубљи и јуани, а заедничката валута на БРИКС, позната како Unit, се разгледува како потенцијална алтернатива која ќе биде врзана за златото.
Американскиот долар се соочува со системска закана, но и покрај тоа, интернационализацијата на американскиот долар е сѐ уште висока. Како што потенцираше Кадиевска Војновиќ, како резервна валута има удел од 57% во вкупниот износ на алоцирани девизни резерви на крајот од 2024 година. И понатаму е доминантна валута во која централните банки на повеќе земји ги држат девизните резерви. Неговата долготрајна доминација се одржува и со американските државни обврзници како најбезбедни инвестиции, како и со трговијата со нафта, која традиционално е поврзана со доларот.
Со трговската војна и со обидите на глобалните актери – од БРИКС до крипто-компаниите – да креираат алтернативни системи, светот е во фаза на финансиска транзиција. Дали доларот ќе успее да ги задржи или ќе ги загуби клучните позиции, зависи од повеќе фактори, меѓу кои аналитичарите како особено важни ги издвојуваат способноста на САД да управува со своите внатрешни дефицити, а паралелно и со надворешните предизвици.
K.A.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.