Од 1 јануари 2026, Македонија ќе мора да плаќа еколошка такса ако произведува електрична енергија од јаглен, односно ќе плаќа за производи кои за да се направат користеле енергија која испуштила CO2 во атмосферата. Оваа давачка во моментов е од 70 до 80 евра од мегават час. Ова значи дека од јануари 2026 без да има било каква корекција на цената на струјата што се произведува во РЕК „Битола“, која сега е над 60 евра по мегаватчас, ќе имаме драстично зголемување од над 100 отсто. Ова значи дека ќе влијае на цената, а од друга страна РЕК „Битола“ и ЕСМ нема да имаат никакви директни придобивки од ова зголемување на цената.
Ова е давачка на ЕУ и ако сакаме да извеземе во неа, сите производи кои имаат електрична енергија од РЕК „Битола“ и од останатите термоцентрали во државава, ќе се оптоварат за 70 до 80 евра по мегават час. Компаниите и државава имаа три години да се прилагодат на оваа нова давачка. Порталот Пари разговараше со неколку соговорници упатени во овој сектор и релевантни институции со цел да дадат одговори за оваа проблематика во две продолженија – до каде е прилагодувањето кон оваа давачка – дали ќе влијае на конкурентноста на македонската економија и дали ова може негативно да се одрази врз нашиот извоз во ЕУ, дали фирмите се прилагодија…
Со имплементацијата на Механизмот за гранично јаглеродно оданочување ќе се воспостави цена на јаглеродот на увезените производи во ЕУ
На 10 мај 2023 година Европската Унија ја усвои Регулативата која се однесува на „Механизмот за гранично јаглеродно прилагодувањe (CBAM)“ која стапи на сила на 01 октомври 2023 година.
Како што велат од Стопанска комора на Северна Македонија за порталот Пари, регулативата е со бројни и долгорочни последици како за економиите во ЕУ, така и за економиите надвор од европскиот блок кои се трговски партнери на ЕУ. Со оваа регулатива засега се опфатени компаниите што произведуваат железо и челик, алуминиум, цемент, ѓубрива, водород и електрична енергија, но по 2026 година се очекува да бидат опфатени и дополнителни сектори. Оттаму велат дека досега компаниите од овие сектори ги извезуваа своите производи во ЕУ без да подлежат на дополнителни давачки, односно данок за јаглеродот што се емитува во процесот на производство на нивните производи.
-Со имплементацијата на Механизмот за гранично јаглеродно оданочување ова ќе се смени, односно ќе се воспостави цена на јаглеродот на увезените производи во ЕУ. Сега, додека сме во преодниот период, сè уште конкретно не е дефинирано колкава ќе биде давачката за CBAM („Механизам за прилагодување на границите на јаглеродот”). Од тие причини тешко е да се направи проекција колкав би бил товарот врз извозот. Тоа што го знаеме за сигурно е дека при имплементација на директивата, финансиските обврски кои произлегуваат од CBAM постепено ќе се зголемуваат – објаснуваат надлежните од СКСМ.
Оттаму додаваат дека неодамна Европската комисија ја усвои Реформската агенда на Македонија која е изготвена според Планот за раст на ЕУ, посочувајќи дека треба да се има предвид дека во делот за Зелена транзиција се адресираат пазарни реформи, декарбонизација, но и први чекори кон воведување на национален систем за тргување со емисии. Заради ова дополнително треба да се направат анализи какво ќе биде влијанието врз извозот во поглед на давачките за емисиите на јаглерод, имајќи ги предвид и националниот систем за тргување со емисии и CBAM механизмот.
-Тоа што сигурно можеме да кажеме е дека доколку производните процеси не се променат и не се декарбонизираат, компаниите ќе се соочат со зголемени трошоци за производство – децидни се од комората.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, на поставените прашања поврзани со новата еколошка такса велат дека целта на оваа мерка е да се обезбеди еднаков надоместок за јаглеродните емисии на слични производи, без разлика дали се произведени во земја-членка или во трета земја. Механизмот е во комплементарност со Системот за тргување со емисии на ЕУ кој се користи за наплата на емисиите на стакленички гасови во постројките на територијата на Европската Унија и обезбедува рамноправност при увоз на стоки преку потребата за CBAM сертификати.
-Кога се увезуваат стоки опфатени со регулативата СВАМ, важно е да се поседуваат соодветни податоци за емисиите на стакленички гасови за да може увозникот да ја процени потребата за СВАМ сертификати. Повисок степен на декарбонизација подразбира намалување на емисиите на стакленички гасови, и затоа количината на сертификати CBAM потребни за увоз на одреден производ на пазарот на ЕУ е помала.
Земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, се меѓу најпогодените бидејќи нивната подготвеност за усогласување со регулативата е ограничена. За жал во изминативе години многу малку се правеше за обезбедување на потребните услови, а сега останува малку време за целосно исполнување на условите до 1 јануари 2026 година – укажуваат од МЕРМС.
Мали и средни претпријатија немаат знаење и ресурси за да се усогласат со сложените регулативи
Во однос на прашањето до каде се подготовките за новата ЕУ давачка, од Стопанска комора велат дека оваа преодна фаза на CBAM е проверка на реалноста за некои од компаниите, но засега за само мал дел од бизнисите во земјава и регионот. Ова е период на учење и е потребна поддршка од сите засегнати страни во процесот.
-Постои итна потреба од техничка поддршка за да се изградат капацитети и да се обезбедат насоки за компаниите во сите фази. Треба да се воспостави сеопфатен екосистем, со стопанските комори како фокусна точка, за да се здружат ресурсите и да се обезбеди доволно квалификувана работна сила за поттикнување на зелената трансформација. Локалните компании сакаат да се декарбонизираат, но се соочуваат со конкурентни и оперативни предизвици: За компаниите CBAM-от е комплексен поради обемната документација и недостатокот на национална поддршка. Инфраструктурни предизвици во зголемување на интеграцијата на обновливите извори на енергија. И јавниот сектор треба да ги подобри упатствата и процедурите за компаниите за исполнување на барањата за декарбонизација – појаснуваат од СКСМ.
Додека големите компании преземаат чекори со среднорочни планови за зелена енергија и технолошки инвестиции, упатените од комората велат дека малите и средните претпријатија – кои се значаен дел од синџирите на снабдување – заостануваат.
-Многу мали и средни претпријатија немаат знаење и ресурси за да се усогласат со сложените регулативи како што е Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување на Европската Унија (CBAM), и токму тука е потребна поддршка од сите засегнати страни.
Олеснителна околност за транзициската фаза е тоа што со неа се предвидува само процес на мониторинг и известување, но не е предвидена верификација на поднесените податоци од страна на овластен верификатор во земјата членка на ЕУ, ниту пак е потребна набавка и поднесување на „СВАМ“ сертификати – нагласуваат од СКСМ.
Во рамки на Стопанската комора на Северна Македонија веќе се организирани низа настани и обуки со цел информирање, но и обучување на компаниите за CBAM-от, неговата примена, известување, калкулирање на јаглеродни емисии во производството и слично. Дополнително, во рамки на Коморскиот инвестициски Форум на Западен Балкан, изготвен е и сеопфатен прирачник за ЦБАМ коијшто за компаниите нуди детални информации во поглед на изготвувањето на извештаите, процесот на следење и известување на параметрите како и структурата за известување по сектори.
Министерството за енергетика работи на предлог-законот за енергетика, а се предвидуваат и активности од МЕМО и МЕПСО за поврзување на пазарите. Треба да следи донесување на соодветни подзаконски акти и соодветни активности од страна на МЕМО и МЕПСО со цел да се спои пазарот ден-однапред, како и да се воспостави пазар во тековниот ден, кои понатаму треба да се спои со европските пазари во тековен ден.
-Во меѓувреме, Министерството за животна средина ќе треба да воведе систем за трговија со емисии, согласно Директивата на ЕУ ЕТС. Потребна е и дополнителна администрација за мониторинг, известување и акредитација. За да профункционира системот за следење и наплата на емисиите, неопходно е градење на административните капацитети, вработување на соодветен кадар во Министерството за животна средина и просторно планирање кој ќе работи на имплементација на овој систем и соодветно обука. Откако овој систем є воспоставен, ќе може да се воспостави соодветна наплата на јаглероден надоместок – велат од Министерство за енергетика.
Инвестирањето во нови технологии е од клучно значење за зајакнување на глобалната конкурентност
На прашањето како ќе се одрази ова врз конкурентноста, од Стопанска комора на Северна Македонија велат дека приватниот сектор генерално има позитивен став во однос на Зелената транзиција, гледајќи на овој процес како можност за технолошка трансформација и зголемена конкурентност. Сепак, без соодветна финансиска и техничка поддршка, многу бизниси – особено малите и средните претпријатија – се соочуваат со проблем при исполнувањето на климатските цели.
-Комбинирано финансирање, поддршка за градење капацитети, како и квалификувана работна сила се приоритет за да се поттикне оваа трансформација. Неодамнешното истражување во рамките на студијата за ниршоринг и декарбонизација, објавена од страна на Коморскиот инвестициски форум во соработка со Виенскиот институт за меѓународни економски студии (wiiw), укажува на позитивна перспектива меѓу компаниите. Иако се свесни за предизвиците што ги претставува декарбонизацијата, тие ги препознаваат и можностите што ги нуди, позиционирајќи ја оваа транзиција како потенцијално средство за технолошка трансформација и полесно интегрирање кон единствениот пазар на ЕУ. Компаниите се свесни дека декарбонизацијата не е идна цел туку итна потреба – потенцираат од комората.
Инвестирањето во нови технологии, додаваат оттаму, е од клучно значење за зајакнување на глобалната конкурентност, бидејќи одржливоста се смета за извор на додадена вредност. Сепак, примарниот предизвик е што повеќето бизниси се борат сами да се справат со оваа трансформација.
-Од тие причини потребна е директна помош и поддршка од сите засегнати страни во овој процес. Потребно е да се обезбедат финансиски стимулации и техничка поддршка за да им се помогне на домашните компании да се декарбонизираат и да ги исполнат меѓународните стандарди. Потребно е воведување на нови законски регулативи и подобрување на управувањето на институциите и инфраструктурата во земјата.
Соработката помеѓу компаниите и институциите, но и граѓанскиот сектор е еден од клучните предизвици во насока на прилагодувањето кон CBAM. Без ефикасен систем за поддршка на компаниите, некои можеби нема да ја преживеат оваа трансформација или ќе се соочиме со де-индустријализација во земјава, но и во регионот – упатуваат од СКСМ.
Како што велат оттаму, во однос на ЦБАМ механизмот, периодот на прилагодување завршува со завршување на 2025 година. Од 2026 година започнува периодот на наплата.
– Роковите за приспособување се кратки, а периодот за подготовка се намалува. Времето до 2026 година бара интензивни подготовки и усогласување за да се постигнат барањата на CBAM регулативата. Владата ќе ги засили своите активности и поддршката кон компаниите, со што ќе овозможи брзо и ефикасно усогласување со барањата на новата регулатива – објаснуваат од Министерство за енергетика.
Од сите сектори кои се опфатени со CBAM регулативата единствен сектор за кој е предвидено времено изземање е секторот енергетика.
За да се избегне CBAM, компаниите треба да докажат дека користат електрична енергија од ОИЕ
Доколку е можно, кои се решенијата за да се избегне оваа давачка ги прашавме надлежните од Министерство за енергетика и од Стопанска комора на Северна Македонија.
-За да се избегне CBAM, компаниите треба да докажат дека користат електрична енергија од обновливи извори. Воведувањето на CBAM ги поттикна компаниите да инвестираат во обновливи извори, а некои веќе поседуваат свои капацитети од обновлива енергија или планираат набавка на таква енергија, што може да ја елиминира потребата за надоместок. Најавата за воведување на ваквиот данок е и една од причините што имаме таков бум на капацитети од ОИЕ. Доколку биде изграден систем преку кој ќе може да се докаже дека потеклото на електричната енергија која се користи во производството е од обновливи извори на енергија, тогаш нема да се плаќа овој данок – упатуваат од МЕРМС.
Оттаму велат дека во регулативата за CBAM механизмот, наведен е привремен исклучок од обврската за плаќање CBAM надоместок при извоз (само) на електрична енергија во земја-членка на ЕУ.
-За да подлежиме на исклучокот треба да ги исполниме следните два услови. Да постигнеме целосно спојување на пазарите за електрична енергија и тоа за пазарот ден однапред и во тековниот ден, најдоцна до 31 декември 2025 година. И да развиеме патоказ и да се обврземе на имплементација на механизам за наплата на Јаглероден надоместок, со цена која ќе е еквивалентна на ЕУ ЕТС цената до 2030 година и да се заложиме за постигнување јаглеродна неутралност најдоцна до 2050 година – велат од Министерството.
Според нив, првата точка е во надлежност на МЕРМС и на неа се работи интензивно. Во однос на втората точка, која е во надлежност на Министерството за животна средина, земјата треба интензивно да работи на воспоставување на систем за трговија со емисии, поточно првично за воведување на МРВА пакетот (monitoring, reporting, verification and accreditation) кој е дел од Директивата за ЕУ ЕТС 2003/87/ЕЦ.
-Енергетската заедница има дефинирано услови кои земјите потписнички треба да ги исполнат за да бидат опфатени со ова изземање. Процесот на исполнување на овие услови сè уште трае и е во релативно рана фаза. Имајќи ја предвид цврстата решителност на ЕУ за исполнување на целите за климатска неутралност до 2050 годинa како и активностите на унијата коишто дополнително се преземаат во насока на декарбонизација на европската индустрија, потребно е домашните компании сериозно да пристапат кон обврските предвидени со CBAM регулативата и процесот на администрирање предвиден со транзициската фаза од механизмот – појаснуваат од Стопанска комора.
Тие нагласуваат дека овој период најдобро е да се искористи за барање финансиска и техничка поддршка за декарбонизација и подобрување на конкурентноста; инвестиции во зелени технологии за намалување на јаглеродните емисии; како и стекнување со потребните сертификати за исполнување на меѓународните стандарди за полесно интегрирање во глобалните синџири на снабдување.
Катерина Михајлова
Со овој текст, порталот Пари се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада.