Предлот законот за ратификација на Договорот меѓу македонската и Владата на Обидинетото Кралство вчера пристигна во Собранието, а денес веќе го мина филтерот на Комисијата за надворешна политика. Воедно, со него е дополнет дневниот ред на 52. пленарна седница, која поради тоа речиси и не започна, затоа што пратениците од Левица побараа пауза. Со образложение дека наместо да се отвори јавна дебата, на брзина се сака да мине овој предлог, кој со кредит во висина на државниот буџет ќе ги задолжи идните генерации.
Во Комисијата за надворешна политика предлогот доби 10 гласа „за“ и ниеден „против“. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, со објаснување дека овој договор ќе го поттикне економскиот развој на државата, побараа поддршка од сите парламентарци.
„Ова е историски договор кој е од големо значење за Македонија, значаен е за политичкиот и за економскиот развој. Само што заврши комисиската расправа по однос на оваа точка, за ратификација на договорот, и продолжува денес на пленарна седница. Овој договор преставува цврст темел со една од најголемите светски сили“, нагласи Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, по оваа основа државата секоја година ќе инкасира од 100 до 120 милиони ера.
Со оглед на мнозинството, веројатно уште денес Собранието ќе се изјасни и ќе го ратификува Договорот за партнерство, потпишан минатата недела во Лондон. Договорот предвидува стратешка соработка за реализација на инфраструктурни проекти. Надлежности во извршувањето на договореното ќе имаат министерствата за транспорт, за здравство, за дигитална трансформација, за надворешни работи и надворешна трговија, за енергетика, рударство и минерални суровини.
Во анексот А се наведени проектите. Како прво посочена е програмата за обновување и реконструкција на болниците во Штип, Кичево, Куманово, Битола, во тетовско-гостиварскиот и во охридско-струшкиот регион, како и Универзитетскиот клинички центар и градските болници во Скопје. Потоа следи брза железница долж транспортниот Коридор 10, со побврзување на граничните премини Табановце и Богородица, како и на главниот град со аеродромот Скопје. Има и програма за развој на Коридорот 8, за развој на капацитетите за сајбер безбедност и дигитална трансформција на Владата, како и развој на капацитетите за производство и пренос на електрична енергија.
Со потпишувањето и ратификацијата на договорот, државата формализира билатерална поддршка со земја која веќе не е дел од ЕУ, но е економски и политички влијателна. Меѓутоа, деталите за тоа под кои услови ќе се користат достапните пет милијарди фунти, не се откриваат. Оттаму и реакциите и сомнежите во јавноста. Одделни правници се сложуваат дека на прв поглед договорот е типичен инструмент за меѓународна соработка. Но, потенцираат, во него нема клаузула за негова ревизија од страна на домашните институции, дури и ако се измени правниот контекст. Потоа, не се наведуваат конкретни услови под кои државата може да ја прекине соработката, што може да ја лимитира суверената контрола. И, се остава можност за склучување анекси или под-договори, без задолжителна транспарентност.
Неспорно е дека на Македонија и е потребна инфраструктурна обнова и изграда. Токму затоа економистите се согласуваат дека ваквите партнерства го обезбедуваат неопходен капитал, но бараат и зголемена одговорност во транспарентноста и начинот на користење на средствата. Воедно, забележуваат дека не може да се предвидат натамошните конкретни финансиски импликации за државниот буџет и за јавниот долг, затоа што не се објавуваат деталите. Тоа, пак, велат, е недозволиво кога се работи за енормно задолжување, на кое му претходеше едната милијaрда евра од Унгарија.
Неодамна и економските експерти и аналитичари од Фајнанс Тинк се изјаснија за британските пари. „Алоцирањето јавни средства за стратешки инфраструктурни и капитални проекти претставува клучен двигател на одржлив и долгорочен економски раст. Ваквите инвестиции имаат мултипликативен ефект врз економијата – од една страна, тие го поттикнуваат растот на бруто-домашниот производ преку директно ангажирање на градежниот и сродните сектори, а од друга страна, поставуваат основа за зголемена продуктивност и конкурентност на долг рок“.
Сепак, посебно ги истакнаа ризиците: „Секое задолжување ќе влијае врз зголемување на јавниот долг, барем на краток до среден рок. Нема економска логика да се аргументира дека јавниот долг не би пораснал. Доколку проектите кои се предвидени да се финансираат се веќе проектирани во Фискалната стратегија, тогаш во најдобро сценарио, јавниот долг не би пораснал повеќе од неговата проекција во Фискалната стратегија, но тоа не неопходно значи дека тој би се намалувал“.