Според Меѓународната агенција за енергетика, се очекува презаситеноста во глобалното снабдување со нафта да ги „попречи“ обидите на Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници, или ОПЕК +, да ги поткрене цените со намалување на производството.
Меѓународната Агенција за енергетика ИЕА со седиште во Париз во средата соопшти дека очекува растот на глобалното производство на нафта – предводен од Соединетите Американски Држави и другите земји во Америка – да го „надува резервниот капацитет (нафта) во светот“ на нивоа видени само еднаш претходно, за време на корона пандемијата, кога цената на нафтата падна.
До 2030 година, глобалната понуда на нафта ќе ја надмине побарувачката за „неверојатни“ 8 милиони барели дневно, според прогнозите објавени од агенцијата во нејзиниот среднорочен извештај за пазарот на нафта.
„(Тоа е) голем, голем вишок и… може да биде еден од највисоките во историјата“, им рече на новинарите Фатих Бирол, извршен директор на ИЕА.
Тој суфицит „може да ја наруши тековната стратегија за управување со пазарот на ОПЕК + насочена кон поддршка на цените“, се вели во извештајот на агенцијата, додавајќи дека презаситеноста може да резултира во „опкружување со пониски цени“.
ОПЕК, кој се здружи со Русија и другите производители, не одговори веднаш на барањето на CNN за коментар.
ИЕА, исто така, прогнозираше дека растот на глобалната побарувачка за нафта „прогресивно ќе забави“ во остатокот од деценијата, при што побарувачката ќе достигне врв до 2029 година, пред малку да се намали следната година.
Агенцијата рече дека забрзаното користење на технологии за чиста енергија, вклучително и „зголемената продажба на електрични возила“, ќе биде една од главните причини за побавниот раст на побарувачката на нафта.
ОПЕК + го ограничува производството околу две години во обид да спречи појава на огромен суфицит на понудата што може да ги намали цените и да им наштети на економиите на нејзините земји-членки зависни од нафта. Нејзините намалувања на производството изнесуваат околу 5,7% од глобалната понуда на сурова нафта.
Претходно овој месец, групата се согласи да ги продолжи тие длабоки намалувања на производството на сурова нафта до 2025 година, но исто така рече дека ќе почне постепено да ублажува некои од намалувањата од 1 октомври.
И покрај намалувањата, цените на нафтата забележаа надолен тренд во последните месеци.
Цената на нафтата од типот „брент“, глобалниот репер за нафта, падна за речиси 9 отсто откако го достигна највисокото ниво во последните пет месеци на почетокот на април, до 83 долари за барел во средата. Таа изнесуваше 91 долар на почетокот на април кога сомнителниот израелски воздушен напад врз амбасадата на Иран во Сирија предизвика нервоза низ нафтените пазари.
Цената на суровата нафта West Texas Intermediate, американскиот репер, исто така падна за 9% до 79 долари за барел во средата. Тој е намален од речиси 87 долари за барел на почетокот на април.
Пониските цени на нафтата делумно се резултат на рекордното производство на нафта во САД, што ја зголеми глобалната понуда, и загриженоста за слабата побарувачка во Кина – најголемиот светски увозник на нафта – како и во другите големи економии.