Граѓаните веќе подолг период се жалат дека цените на прехранбените производи се зголемуваат и тоа без економска логика. Минатиот петок, граѓаните првпат го искажаа незадоволството со бојкот. Сега, во најава е „Црн петок“, а очекувањата се дека со оваа форма на притисок ќе дојде до намалување на цените.
Но, се провлекува прашањето – дали бојкотот на маркетите може да донесе промени? И, што воопшто може да се промени? Минатиот петок во однос на четвртокот прометот беше намален за 46 отсто. Но, ден потоа бил скоро 12 насто поголем во споредба со претходната сабота.
Порталот Пари разговараше со неколку економски експерти, кои одговорија на прашањата дали воопшто ова еднодневно бојкотирање може да даде резултати? Дали намалениот промет во денот кога има бојкот многукратно се зголемува претходниот или наредниот ден?
Кој ги одредува цените во маркетите, дали тие се резултат на економските услови или големите трговски синџири вештачки ги зголемуваат маржите за поголем профит? Дали пазарот функционира фер? Кои се можните решенија за оваа криза?
МАЛ ПАЗАР – ГОЛЕМИ МАНИПУЛАЦИИ
Според претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, бојкотот на граѓаните на маркетите не е и не може да биде никакво решение на проблемот со растот на цените.
„Тоа е само симболика, т.е. порака која граѓаните ја упатуваат кон маркетите и Владата, дека не се задоволни од тоа како се формираат цените во маркетите.
На еден слободен пазар цените се формираат на база на понудата и побарувачката на стоки. Очигледно, побарувачката порасна на база на зголемените плати, пензии и други надоместоци. Кога би немало доволно побарувачка, тогаш маркетите ќе мора да ги намалуваат цените за да ги продадат своите производи. Без доволно промет тие нема да реализираат доволно маржа за да ги покријат своите трошоци за плати на вработените, трошоци за потрошена електрична енергија, закуп и други трошоци во работењето“, објаснува Димитров за порталот Пари.
Но, сепак, како што додава, ова е на еден идеален пазар на кој има доволно развиена понуда и побарувачка и на кој пазарните законитости сами го регулираат пазарот и ги формираат цените.
„Македонија е мала држава, со мал пазар и лесно е да дојде до одредени непазарни влијанија, како на пример, трговците да ги уценуваат производителите да плаќаат дел од нивните трошоци. Или, за реклама, баркодови на производите, местење на полиците и други измислени финти кои ги зголемуваа цените“, укажува Димитров.
За да се отстранат ваквите недоследности се донесе Законот за нефер трговски практики, кој не само што ги утврдува и забранува сите вакви ујдурми на трговците, туку и го ограничува и рабатот што трговците можат да го бараат од производителите и дистрибутерите. Но, претседателот на собранието на ОРМ, вели дека само со доследна примена на овој Закон ќе дојде до отстранување на сите недоследности и ќе се намалат цените.
„Главниот проблем е што наместо Државниот пазарен инспекторат, за контролор на Законот се назначи Комисијата за заштита на конкуренцијата, која нема скоро никакви кадровски капацитети. Сега се започна со нејзино екипирање, но се уште тие имаат далеку помали капацитети од Државниот пазарен инспекторат. Нелогично е пазарните инспектори во еден маркет да контролираат истечени рокови на производите или други неправилности, а да не го контролираат нефер однесувањето на трговците“, потенцира Димитров.
СУЗБИВАЊЕТО НА ИНФЛАЦИЈАТА БАРА КООРДИНИРАНИ АКТИВНОСТИ КАЈ ФИСКАЛНАТА И МОНЕТАРНАТА ПОЛИТИКА
Во разговор со универзитетскиот професор Зоран Ивановски, тој го изрази својот став во однос на бојкотот на маркетите, велејќи дека тоа е единствено психолошка и популистичка мерка со која привидно се креира притисок врз нивото на цените и во пракса не дава резултати.
„Маркетите знаат дека намалениот промет во денот кога има бојкот многукратно се зголемува наредниот ден. Исто така, административните мерки насочени кон контрола на цените преку државна регулација на цените и трговские маржи е одамна напуштен концепт на регулирање на цените кај пазарните економии. Мерката само создава зголемени расходи кај администрацијата и не дава практични резултати, всушност расходите за оваа намена се поголеми од остварените бенефити“, објаснува Ивановски.
Според него, стабилизацијата на цените не може да се реализира само со притисок врз трговците, туку бара координирани активности кај фискалната и монетарната политика за сузбивање на инфлацијата.
„За да се стабилизираат цените треба да се опфатат и мерки каде ќе има и државна интервенција на пазарот, што значи дека товарот на борбата за пониски цени треба да се финансира и од буџетот на државата, изразено преку интервенции од стокови резерви, намалени даноци, царини, такси и слично“, укажува Ивановски.
Тој истакнува дека дивеењето на цените не е случај само кај производите кои ги купуваме во маркетите. Уште поизразено е кај пазарот на недвижности, каде секојдневно цените на станбениот простор неконтролирано растат. Неговиот став е дека во вакви околности е потребна сериозна и комплексна државна интервенција поставена на реална основа и со почитување на пазарната логика.
ПОГОЛЕМА КОНКУРЕНЦИЈА ПРЕКУ ПОГОЛЕМО ДОМАШНО ПРОИЗВОДСТВО НА ХРАНА
И универзитетскиот професор Марјан Петрески во однос на бојкотот, не смета дека ќе има агрегатен ефект на пониска потрошувачка, бидејќи граѓаните мора да купуваат храна.
„Ако тоа не го направат во петок, ќе го направат следните денови, таа потрошувачка во голем дел е и нееластична во однос на цените, меѓутоа можни се одредени структурни поместувања и насочување на купувачите кон пазарни играчи кои се перцепирани како фер и избегнување на останатите“, укажува Петрески.
Според негово истражување, околу 2/3 од притисокот кај цените на храната којшто се сѐ уште опстојува во овој период се должи на пазарната структура, односно недоволната конкуренција, не само кај трговијата на мало туку и кај другите алки во синџирите на снабдување.
„Остатокот 1/3 произлегува од, исто така, релативно солидната побарувачка, којашто пак е поддржана со солиден раст на платите (лани, во реални показатели, значи со земен предвид ефектот на инфлацијата, тие пораснаа за близу 10%), потоа високиот раст на пензиите (кои ќе пораснат уште еднаш за висок износ во март), потоа солидниот кредитен раст кај населението. Тоа ја одржува потрошувачката релативно висока. Да, точно е дека кај граѓаните циркулира перцепцијата дека цените пораснале повеќе од платите, меѓутоа официјалната статистика ни го говори спротивното, и барем ние аналитичарите не може да замижуваме пред тој факт. Затоа, во однос на овој втор фактор, потребна е особена внимателност, посебно преку делувањето на фискалната политика“, вели Петрески.
Во однос на недоволната конкуренција на пазарот, професорот додава дека именувањето на проблемот го дава и одговорот: потребни се мерки кои ќе осигурат поголема конкуренција преку поголемо домашно производство на храна, влез на нови играчи на пазарот и поголема транспарентност за купувачите, а краткорочно тоа дава простор и за проширување на надлежностите и посилно делување на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
ШТО ПОСТИГНА СОСЕДСТВОТО СО БОЈКОТОТ?
Без оглед на теоријата и економската наука, граѓаните се принудени да се организираат и да преземат мерки за високите цени, што упатува дека проблемот е во државите каде што живеат, без оглед дали се или не под капата на ЕУ.
И Бугарија се обидува да го следи примерот на Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора со повик за бојкот на трговците. Организатор на протестот е Движењето „Системот нè убива“, Федерација на потрошувачите во Бугарија и Обединетите пензионерски синдикати. Тие на социјалните мрежи повикаа за национален протест, бидејќи како што објавиле во последните недели во трговските синџири и во сите помали продавници за прехранбени производи забележано е драстично зголемување на цените на стоките.
И во Грција на 19 февруари е планиран бојкот на маркетите поради високите цени.
Сепак, бојкотот во Хрватска даде резултати, Трговскиот синџир „Конзум“ најави намалување на цените на 250 домашни производи кои не се опфатени со владината одлука за ограничување на цените. Оттаму посочуваат дека станува збор за „атрактивни производи од хрватски производители, кои редовно се наоѓаат во корпите за купување на повеќето нивни клиенти“. Намалените цени на овие производи остануваат непроменети до 01.06.2025 година.
Катерина Михајлова