ПОВЕЌЕ

    BLUE CHIP КОМПАНИИ

    Време зa читање: 4 минути

    Со развојот на можностите за инвестирање преку бројните инвестициски фондови, сега сите „пасивни” инвеститори имаат можност да бидат дел, или да поседуваат удели/акции, во најголемите светски корпорации. Исто така, оние кои развиле доволно финансиско познавање за берзанскиот пазар ја имаат можноста сами да креираат свои инвестициони портфолија.

    При определбата за купување на акции од одредена компанија треба да се посвети внимание на голем број на показатели од аспект на успешност, ликвидност и пазарна позиционираност. Иако во светот на инвестициите скоро и да не постои 100% безризичен пласман, сепак, колку е пообемна анализата толку ќе биде посигурна одлуката. Во светот на инвестициското работење се развил терминот Blue chip компании , кој означува компанија која е меѓународно позната, има позитивна репутација и нуди висококвалитетни производи или услуги. Бизнис моделот на овие компании сугерира на профитабилност дури и во услови на голема волатилност на пазарите. Овие компании имаат долга историја на успешно работење проследена со константен раст.

    Терминот Blue chip е вметнат во инвестициската терминологија во 1920 година од страна на брокер на Dow Jones, притоа реферирајќи на терминот blue chip кој се користи во покерот. Сините чипови во покерот означуваат најголема вредност. На почетокот овој термин беше поврзуван само со компании кои имаат највисоки апсолутни вредности на своите акции, но во поново време истиот се поврзува со компании кои имааат голем раст и стабилно работење, а со тоа очекувањата се дека ќе бидат поделени високи дивиденди.  Едни од најпознатите Blue chip компании се Coca Cola, Amazon, Apple, Microsoft, Nike, Mc Donald’s и сл.

    Пример за препознавање на вакви компании ќе направиме преку споредба на две акции од македонската берза: Цената на една акција на Алкалоид на 26.11.2021 година достигна просечна пазарна цена од 17.501 МКД, додека на истиот ден акцијата на НЛБ Банка постигна цена од 28.924 МКД. Доколку овие компании се анализираа со првобитната дефиниција на терминот евидентно е дека само акцијата на НЛБ Банка ќе можеше да го носи приматот на врвна компанија, но исто така и акцијата на Алкалоид и тоа како го заслужува терминот blue chip компанија.

    Секако една од главните предиспозиции на добро инвестициско портфолио е диверзификацијата и притоа доколку одлуката падне на овие компании она што може да го очекувате е следно:

    1. Сигурни приноси – овие компании на квартално ниво генерираат стабилни приноси во форма на дивиденди. Поради тоа што се добро етаблирани служат и како алатка за премостување на безбедноста на инвестираните средства. Овие компании можеби не нудат огромни заработки на краток рок, меѓутоа носат стабилна и загарантирана добивка.
    2. Висок кредитен рејтинг – Поседувањето на високо ниво на сопствен капитал ги прави овие компании комотни во сервисирањето на сите финансиски обврски, а со тоа издадените акции добиваат висока кредитоспособност.
    3. Ниско ниво на ризик – Со оглед на тоа што овие акции се издадени од компании со стабилни финансиски перформаси, се смета дека ризик факторот е релативно помал во споредба со останатите акции. Инвеститорите може дополнително да го намалат ризикот на инвестиција во blue chip компаниите преку креирање на портфолио од неколку вакви акции.
    4. Долгорочна инвестиција – Оптималниот период за вложување во вакви компании обично е над 7 години. Ваквиот рок го прави инвестирањето во вакви компании погодно за постигнување на долгорочни финансиски цели. Токму поради долгорочноста на инвестициите во голем број на држави капиталните добивки од blue chip компаниите имаат повластени даночни стапки.

    На крајот, колку и да изгледа дека инвестирањето во ваквиот тип на акции е сигурен, сепак нивото на ризик кое се превзема е големо. Прво, од една страна индивидуалниот инвеститор не секогаш може да биде сигурен дали една компанија е blue chip, а од друга страна кога станува збор за инвестирање преку инвестициски фондови ваквиот тип на инвестирање е само скромна пропорција од целокупното портфолио. Да не заборавиме дека очекувањата од инвестициските фондови се секогаш високи и сразмерно на тоа се пласираат акумулираните средства. Инвестициите во blue chip компаниите се на ниво на вложување во недвижности и државни обврзници.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично