Светските рангирања се само уште една потврда дека македонскиот универзитетски бренд „Св. Кирил и Методиј“ минува низ кризен период. УКИМ е позициониран на 1.990-то место на листата 2.000 најдобри универзитети во светот за 2023 година, која произлегува од Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR). На овој список, за само четири години нашиот државотворен Универзитет забележал негативно поместување за 174 места. Уште полошо, минатата година воопшто не котираше на Шангајската листа. Тоа укажува дека има проблеми во образовниот процес, во наставата, истражувањата, со што се стеснуваат и можностите за вработување. Сепак, сето тоа е предизвик за проф. д-р Атанас Кочов од Машинскиот факултет, кој во трката за ректор на УКИМ влегува свесен за состојбите и со понуда на решенија.
„Сите што сме дел од УКИМ секојдневно ги споделуваме проблемите – драстично намалување на бројот на студенти, одлив на млади и успешни кадри на странски универзитети, неопремени лаборатории, најнизок стандард на сите вработени, светските рангирања… Состојбите не се едноставни, но не се нерешливи. Потребни се визија и енергија. Токму актуелните состојби ми дадоа поттик да се кандидирам за ректор“, говори Кочов за подготвеноста да се справи со предизвиците.
Меѓутоа, потребно е да се ангажира и државата и да ја обезбеди неопходната поддршка за повторното воздигнување на најстарата високообразовна институција, која е нераскинлив дел од македонскиот идентитет.
„Неопходна е реорганизација на процесите во УКИМ. Но, не е можно да се направи посериозен напредок без финансиска интервенција од државата. Само на тој начин, со взаемна помош и поддршка, напорите ќе станат забележливи не само кај домашната академска јавност, туку ќе можеме да направиме и значаен скок на светските ранг-листи“, посочува професорот, кој бара УКИМ да го добие третманот што го заслужува.
„Станува збор за најстариот државотворен Универзитет, кој ги опфаќа сите научни области, вклучувајќи ги и оние што се од посебен национален интерес. Затоа, мора различно да се третира во однос на сите други универзитети. Мора да се најде и утврди трајно решение за УКИМ да има финансиска сигурност, неопходна за реализација на наставно-образовниот и научно-истражувачкиот процес. Секако, преку Законот за високото образование. Но, не смееме да дозволиме УКИМ да се деградира и третира во согласност со постојното законско решение, заедно со сите други државни и приватни универзитети“, дециден е Кочов.
Тоа е она што треба да се одработи во координација со државата. Другите активности ќе се спроведат самостојно во рамките на Универзитетот.
„Ќе настапиме поотворено и ќе ја манифестираме подготвеноста за меѓународна соработка, за научно-истражувачки проекти. Ќе отвориме канцеларија за меѓународна соработка и проекти, која досега ја нема на УКИМ. Пред се, мора да се мобилизираме сите ние кои сме дел од академската заедница на Универзитетот и мора да сме многу поангажирани на меѓународен план. Во смисол на вмрежување, поголем број визитинг-професори, предавачи од странство… Во таа насока и посебна грижа и ангажирање во наставниот процес на сите наши успешни алумни што предаваат на врвни светски универзитети, поголемо искористување на можностите за студиски престои во странство преку стратегиски договори за размена и договори за двојна диплома“, се дел од решенијата што ги предлага кандидатот за ректор, со цел возобновување на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.