Поврзувањето со факултети од странство, обезбедувањето меѓународни акредитации и двојни дипломи ќе го подобри квалитетот на студиските програми, вели проф. д-р Атанас Кочов од Машинскиот факултет, кој е во трката за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”.
„Тоа не е непозната практика, но кај нас, за жал, е малку застапена. Направивме обид, но безуспешен. Пред повеќе од една година со Економскиот факултет од Љубљана, во делот на организациските науки, со нашата студиска програма од индустриско инженерски менаџмент, на УКИМ му ја понудивме таа можност. Да имаме заеднички акредитирана студиска програма и двојна диплома. Но, тоа не се реализираше“, посочува професорот Кочов, појаснувајќи ги приоритетите на кои ќе работи доколку ја добие довербата и стане ректор на најстариот македонски Универзитет.
Придобивките од тоа ќе почувствуваат сите, професорите, студентите, државата, бидејќи на тој начин ќе се влијае врз подигнувањето на квалитетот на образовното ниво и на стандардите.
„Заедничките студиски програми ни се неопходни. Тоа ќе значи натпревар меѓу наставниот кадар – наш и странски. Тоа ќе им ги отвори вратите на нашите студенти, за да можат одреден временски период да поминат на странски универзитет. Значи, не само преку програмата Еразмус, туку и преку директни преговори“, тврди кандидатот за ректор.
Кочов е дециден: „Секое дете мора да помине еден степен на образование во странство. Пред се, за соочување со друг, поинаков образовен систем и за своја сопствена надградба“.
Реагира и на одливот на младите во кои државата инвестирала и им овозможила да стекнат знаења во врвните светски образовни центри.
„Македонија е единствената држава во светот која инвестирала милиони евра во последипломски и докторски студии. Во период од седум – осум години Македонија го финансираше образованието кои децата го стекнуваа на првите сто универзитети од Шангајската листа. Но, никој од ни не е вработен на УКИМ. Тоа јасно покажува дека треба интерно да се преиспитаме доколку цел ни е квалитетот“.
За овој проблем Кочов има решение.
„Тоа што државата го инвестирала, мора да го врати назад. Знаењата, вештините да се имплементираат не само во УКИМ, туку и на другите државни универзитети. Враќањето на тие деца и нивниот ангажман ќе го подигнат квалитетот на образовнието. Тие веќе имаат направено мрежа, имаат контакти, но за жал на сите нас, на УКИМ и на државата, најмногу од нив се останати во странство и работат за напредокот на други земји“.