Освен од ирско-американската компанија АПТИВ, друга официјална информација за заминување на странски инвеститор или за редуцирање на работната активност и намалување на вработените – нема. Идната година оваа компанија ќе престане да работи, но не затоа што не и одело добро во Македонија, туку поради нивниот план за реструктуирање на глобално ниво, изјави за Пари директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски, кој нагласува дека во догледно време јавноста ќе биде информирана за нови странски инвестиции.
„Од АПТИВ добивме официјална најава дека, согласно нивниот план за реструктуирање на глобално ниво, планираат фабриката во Македонија да прекине со работа во 2026 година. До денес, освен од АПТИВ, друга таква информација нема“, тврди Димовски.
Повлекувањето е мотивирано од глобалните случувања, вели, посочувајќи дека во ноември кога ја посетил фабриката, немало индиции дека ќе уследи таков потег.
„Од информациите што стигнаа до мене, АПТИВ има проблем и со фабриките во Полска и во Португалија. Во ноември бев во фабриката и немаше никаква индикација дека ќе се случи такво нешто. Па, поради глобалните случувања, се случува да се повлече АПТИВ од Македониија. А, не заради тоа што тука лошо работеше компанијата. Сепак, тоа е одлука на корпорацијата. АПТИВ на глобално ниво се дели на две компании, а како што слушнав, планираат да ја продадат дивизијата Електрик. Можно е македонската, која според информациите и долументите е под АПТИВ Унгарија како гарант, а тие се во дивизијата Електрик, да се продаде“, наведува директорот на ТИРЗ.
Воедно, посочува, нема каква било информација дека најголемиот извозник од Македонија, британскиот „Џонсон Мети“, планира да го намали бројот на работно ангажираните.
„Во однос на ‘Џонсон Мети’ немаме добиено таква информација. Реално, ја следиме состојбата со бројот на вработените, како варираат во компаниите. Од она што го видовме, немаше таква индикација. Ќе следиме и понатаму, сѐ додека не добиеме официјална информација“.
Исто така, нагласува, не се потврдени ниту кажувањата дека одделни компании лоцирани во ТИРЗ веќе ги укинуваат работните викенди, што е своевиден знак за намалениот обем на работа. „Нема таква информација. Секоја компанија, зависно од сопственото производство, планира дали ќе работи за викенд, или не. Тоа е различно од компанија до компанија“, дециден е Димовски.
Наспроти тоа, нагласува директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, ќе има нови инвестиции, кои ќе креираат додадена вредност во нашата економија.
„До крајот на месецов или на почетокот од март ќе поставиме камен-темелник на нова инвестиција. Во април ќе има отворање, односно инвестиција официјално ќе започне со работа. Имиња засега не кажуваме, кога ќе дојде време ќе објавиме. Можам само да кажам дека е од областа на производството“, вели Димовски и додава дека се во тек бројни преговори со потенцијални инвеститори: „Преговараме, месецов ќе имаме разговори со повеќе компании. Ќе комуницираме лично, зашто поголем дел од досегашната комуникација е онлајн. Ќе има инвестиции кои ќе креираат додадена вредност во македонската економија“.
Компаниите од развојните индустриски зони се извозно ориентирани. Податоците, пак, од Државниот завод за статистика, не се поволни: во 2024, споредено со претходната 2023 е забележан годишен пад од 6,6 отсто. На прашањето – дали падот е евидентен и кај компаниите што се во рамките на ТИРЗ, Димовски одговара:
„Сега ги правиме годишните анализи, засега не можам да кажам точна бројка. Битно е што кај извозот правиме двојна анализа. Освен пресметковната вредност за секој извоз, побарав и волуменски да видиме дали има разлика. Познато е, цената на влезните материјали последниве години флуктуира, така што многу е важен волуменот на извозот. Важно е што поголеми количини да имаме во извозот. Најдоцна утре ќе ги добиеме податоците за пресметковната вредност во евра, а за волуменскиот ги чекаме извештаите од компаниите, па ќе можеме да направиме споредба“.
Можноста речиси секој месец во текот на годинава да има нови инвестици ја најави и премиерот Христијан Мицкоски, кој очекува „огромен процент на реализација“.
„Очекувам овој месец на таква инвестиција со нови 200 работни места и околу 25 милиони евра инвестиција, да се стави камен-темелник. Друга да се пушти во април. Некаде меѓу март и јуни барем пет нови инвестиции, да се стави камен-темелник или да се донесе одлука за инвестирање во земјава“, наброи премиерот, посочувајќи дека Македонија ќе биде прва во регионот според странските директни инвестиции по жител. Оваа проекција ја заснова на ланскиот показател – заклучно со номеври беа забележани 1,04 милијарди евра, износ кој ќе биде уште поголем кога ќе се пресметаат и ефектите од месеците до крајот на 2024.
„Во фаза на преговори сме со уште 15 инвеститори. Со дел од нив сме завршени, со дел сме во преговори, а со дел сме во потесна конкуренција со уште неколку земји. Очекувам дека со огромен процент на реализација овие инвестиции ќе бидат успешни“, изјави Мицкоски.
Засега, тоа се планови и проекции, од чија реализација ќе зависат идните економски движења. Моментално, бројките потврдуваат дека проблемите на глобално ниво се рефлектираат кај компаниите што работат во Македонија, пред сѐ од доменот на автомобилската индустрија. Таков е случајот со АПТИВ, од каде што плата заработуваат и 500 македонски работници, со оглед на тоа дека станува збор за интернационална компанија, која ангажира над 200 илјади лица.
Што се однесува до „Џонсон Мети“, иако до Дирекцијата на ТИРЗ, како што велат, немаат официјални сознанија, во дописот до „Телма“ ја соопштуваат намерата за редуцирање на вработените. Како што се наведува, поради „неодамнешните глобални економски притисоци на автомобилскиот пазар“, принудени се на „прилагодувања на сменските модели“, со цел да се избалансираат понудата и побарувачката, што „ќе резултира со ограничен број на работни места кои би биле предмет на намалување“.
Бројките од државната статистика велат, од јануари до декември 2024 година е остварен извоз од 478.808 милиони денари и бележи пад од 6,6 проценти. Износот пресметан во евра е 7,78 милијарди евра и како што наведуваат од ДЗС, понизок е за 6,5 проценти во однос на остварувањето во 2023 година.
„Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи“, вишува во последното известување од Државниот завод за статистика.
М.А.