ПОВЕЌЕ

    Ангеловска-Бежоска: Деглобализацијата може неповолно да се одрази и на родовата еднаквост

    Време зa читање: 2 минути

    „Истражувања покажуваат дека растот на глобализацијата позитивно се одрази на стапката на активност на жените, односно земјите со поголема трговска отвореност имаат поголемо ниво на родова еднаквост. Според Извештајот на Светската банка фирмите извознички вработуваат повеќе жени ‒ жените се една третина од работната сила во споредба со помалку од четвртина во фирмите коишто не извезуваат, а особено повеќе вработуваат фирмите во странска сопственост и фирмите учеснички во глобалните синџири на снабдување каде што жените учествуваат со 37%, наспроти фирмите коишто не се дел од овие синџири на снабдување (25%). Оттаму, се проценува дека деглобализацијата не само што може позначително да го намали вкупниот светски БДП, зависно од интензитетот и каналите на влијание, дури и до 12%, туку може и понеповолно да се одрази на жените.” Ова го посочи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во своето предавање пред студентите од „Американ колеџ”, како почесна членка на „Делта Му Делта Пи Алфа – Скопје”.

     „Жените сочинуваат половина од светската популација, но значително помалку се вклучени во економските текови, што е особено важно за земји како нашата со недостиг на работна сила. Според Извештајот на Светскиот економски форум, родовиот јаз и натаму е предизвик во светски рамки, но и во нашиот регион, вклучително и во македонската економија. Притоа, се оценува дека ако и натаму се напредува со сегашната динамика, ќе бидат потребни 131 година за постигнување родова еднаквост”, посочи гувернерката која истакна дека за да се постигне таков напредок, неопходни се суштински реформи: надминување на институционалните, регулативните и културните препреки, политики што ќе ја поттикнат женската вклученост на пазарот на труд, поддршка за изнаоѓање рамнотежа во семејните и работните обврски и еднакви можности за кариерен и лидерски развој.

     На предавањето, на кое се обрати и Венера Крлиу, проректорка за образование, се отвори и дискусија со студентите и членовите на „Делта Му Делта Пи Алфа”, кои ѝ поставија прашања на гувернерката, пред сѐ за нејзиниот кариерен развој и предизвиците на функцијата којашто ја извршува, како и најактуелното прашање во моментов коешто се однесува на американските царини и нивниот ефект врз домашната економија и странските директни инвестиции.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично