Анализата е направена за 24 месеци заклучно со крајот на првиот квартал оваа година што ја објави Аналитика.мк е наменета за избор на банка, каде новооснованите фирми (стартапи) отваараат сметка.
Регистрацијата на новиот бизнис, освен со Централниот регистар, е поврзана и со деловна банка каде што е потребно да се отвори првата жиро-сметка на фирмата. Изборот најчесто е поврзан со претходното искуство на основачот како комитент, но зависи и од кредитната поддршка што ја нуди банката за малите и за средните претпријатија. Секако, има влијание и близината на филијала, односно експозитура до седиштето на бизнисот, бидејќи како по правило истата банка ја избираат и вработените. Влијание при изборот има и развиеноста на мрежата на банкомати во земјава.
Сепак, според искуството на бизнисмените, при изборот на банката што ќе ги следи во бизнисот сѐ повеќе има влијание и висината на кредитната поддршка, различните инструменти на поддршка што се нудат, како и можноста преку неа да се добие пристап до меѓународна кредитна линија со привилегирана каматна стапка, како што е Европската инвестициска банка.
Анализата на податоците за банките што ги избрале новооснованите 32.193 фирми што се активни покажува дека во фокусот на претприемачите биле 14 домашни банки во коишто биле отворени меѓу 108 и 6.401 жиро-сметка. Најмногу нови бизниси, или 18,97 % од нив, одлучиле да отворат жиро-сметка во НЛБ банка АД Скопје.
На второ место е Комерцијална банка АД Скопје кај која 13,42 % од почетниците во бизнисот го довериле водењето на паричните текови. На трето место е Стопанска банка АД Скопје која учествува со 12,42 %. Големата банкарска четворка се комплетира со Халк банка АД Скопје во која сметка отвориле 10,56 % од активните бизниси. Само овие четири банки успеале да привлечат дури 55,37 %, додека во сите преостанати 10 банки сметки отвориле 44,63 % од новооснованите фирми.
Петторангираната ТТК банка ги сервисира 4,67 % од новите бизниси, односно за половина помалку во однос на четвртопласираната банка. Сличен процент на нови комитенти имала и Охридска банка, односно 4,62 % од фирмите. Во УНИ банка АД Скопје прва жиро-сметка отвориле 3,98 % од бизнисите. Овие три последни банки заедно имале број на сметки како и прворангираната банка – НЛБ. Сите наредни банки на листата поединечно имале помалку од 900 отворени сметки. Осморангираната Шпаркасе банка Македонија имала кај себе 2,69 % од сметките, додека наредната Прокредит банка зела 2,37 % од бизнисите кај себе. На десетто место е позиционирана Стопанска банка АД Битола. Кај неа жиро-сметка отвориле 2 % од новите компании. Централна кооперативна банка привлекла 1,89 % од фирмите, додека Силк роуд банката 1,22 % од новите бизниси. Претпоследна на листата е Еуростандард АД Скопје со 0,91 %, додека кај последнорангираната Капитал банка од Скопје бизнисот одлучиле да го водат 0,33 % компании.
Треба да се напомене дека, според податоците од Централниот регистар, речиси една петтина од фирмите, или поточно 19,88 % од нив, сѐ уште немале отворено жиро-сметка во некоја од деловните банки. Најверојатно сѐ уште не биле активирани или, пак, немале потреба, бидејќи ја немале реализирано првата бизнис зделка.
Анализата покажува дека најголем број новоосновани компании одлучиле водењето на финансиите да им го доверат на четирите најголеми банки во земјава или 55,37 % од бизнисите. Средните банки презеле скромни 7 % од колачот, а остатокот им припаднал на малите банки. Очигледно е дека финансиската моќ, бројноста на експозитури и филијали, како и мрежата од банкомати и терминали кај трговците биле решавачки за бизнисмените кога ја носеле одлуката која банка да ја изберат за да ги следи во работењето.
Во соработка со Таргет Груп, Бизнис Мрежа.