Автор: Сашко Кметовиќ
Авторот на АНАЛИЗАТА е дипломиран новинар и магистар по корпоративно право
Нашата држава многу ретко се наоѓа помеѓу првите држави во Европа и светот според одредено рангирање, без разлика дали станува збор за економски раст и развој, квалитет на образование, квалитет на здравство, квалитет на живот и слично. За жал едиствена ранг листа каде што сме помеѓу првите земји во Европа и светот е листата за загаденост на воздухот. Нашите градови рушат рекорди и се помеѓу градовите со највисоко ниво на загадување на воздухот, многу често и први во Европа. Овој податок е поразителен не само за државата, туку и за секој еден од нас, сите ние имаме дел од одговорноста за ситуацијата во којашто се наоѓаме.
Денес, кога во светот сите зборуваат, дебатираат и имплементираат најразлични мерки и проекти за заштита на животната средина и денес, кога во Италија веќе се воведуваат задолжителни часови за климатските промени со цел да се подигне свеста за последиците од негрижата за животната средина, кај нас сé уште се дебатира дали и каде треба да се премести одредена дива депонија.
Ваквиот однос доведе мерните станици на Министерството за животна средина секојдневно преку зимата да покажуваат дека нашите граѓани дишат воздух со концентрација на ПМ10 честички двојно над дозволената граница согласно регулативите на Европската Унија. Воздухот кој што го дишиме има катастрофални последици по здравјето на луѓето. Загрижувачки се податоците на релевантните светски и европски институции кои покажуваат дека во Македонија илјадници граѓани имаат проблеми со здравјето како последница на загадениот воздух.
Одделот за животна средина на Обединетите нации заклучи дека жителите на Западен Балкан во просек губат 1,3 години од својот живот поради загадување, затоа што честичките од прав и чад се директно поврзани со кардиоваскуларните заболувања.
Проблемот со загадениот воздух е акутен, сериозен и голем проблем и само со сериозен пристап, волја и финансии може да имаме одредено намалување на загадувањето. Поразително е тоа што од година во година нема никакво подобрувања на квалитетот на воздухот, иако се спроведуваат голем број на мерки. Тоа говори дека не се вложува доволно во решавање на овој проблем. Мерките не треба да се спроведуваат само преку зимата, туку и преку целата година.
Фото преземена од Index24.mk: снимка од дрон – Донче Илијоски
Покрај здравјето на граѓаните кое е на прво место, овој проблем има сериозни финансиски импликации за државата. Загадувањето на воздухот не претставува само закана по човековото здравје, туку и ризик за државниот и локалниот економски раст и развој. Загадувањето на воздухот има сериозен ефект врз економскиот раст и развој бидејќи ги зголемува трошоците за здравствена нега, ја намалува продуктивноста на работното место и ја зголемува стапката на морталитет.
Светската банка неодамна предупреди дека загадувањето ја чини Македонија повеќе од 300 милиони евра годишно, односно 3,2 проценти од БДП.
Загадениот воздух е причина за разноразни срцеви и белодробни заболувања, намален коефициент на интелигенција како и аутизам. Како резултат од загадувањето на воздухот многу работници имаат здравствени проблеми и отсуствуваат од работа, а тоа влијае на продуктивноста и чини пари. Доплнително и паричните средства кои граѓаните ги одвојуваат за третирање на овие состојби, како и парите од Министерството за здравство коишто, исто така, се трошат за решавање на овие проблеми, удираат по самата економија. Загадувањето на воздухот претставува дополнителен здравствен трошок кој прикриено ги зголемува државните трошоци и тоа се случува континуирано со години.
Фото: Фактор.мк
Според податоците на Државниот завод за статистика, државата во период од 2015 година до 2017 година од граѓаните и компаниите наплатила над 500 милиони евра даноци за животната средина по најразлични основи или во просек по 180 милиони евра годишно.
Според податоците од 2015 година па навака, собраните даноци за животна средина се зголемуваат од година во година, но не и инвестираните средства за зашитита на животната средина.
Дококлу се споредат собраните средства од даноци за животната средина кои изнесувале во просек околу 180 милони евра годишно и истите се споредат со само 19-те милиони евра кои се предвидени во државниот буџет за 2020 години во најразлични мерки и проекти, можеме да дојдеме до заклучок дека само 11% од средствата прибрани од даноците за животна средина, се инвестираат и се предвидени за зашитита на животната средина.
Според препораките на еколошките здуженија, екологистите и сручните лица треба да волжуваме годишно по 100 милиони евра за да видиме сериозно подобрување на воздухот. Овие средства што државата ќе ги инвестира во намалување на загадувањето на воздухот нема да бидат трошок за државата, туку на долг рок ќе претставува заштеда за државата и превентивно ќе делува како заштита на здравјето на граѓаните.
Од една страна загадувањето годишно ја чини државата 300 милиони евра, од друга страна државата собира даноци за животна средина околу 180 милиони евра, а од трета страна инвестира само 19 милиони евра годишно за заштита на животната средина. На овој начин не можеме да очекуваме дека ќе имаме видливи разултати и загадувањето на воздухот ќе се намали.
Можеби овој проблем нема да се реши за една или две години, но доколку се пристапи сериозно, се инвестираат серизони средства и се имплеменитраат сериозни проекти, со сигурност ќе се намали загадувањето на воздухот. Проблемот со загадениот воздух ги мачел и други поголеми метрополи и држави кои што успеале да се справат со истиот. Доколку и кај нас има сериозна волја и решителност пред сé кај државата, но и кај граѓаните можеме да го решиме проблемот со загадувањето, да дишиме чист воздух и да се радуваме на зимата.
*Ставовите на авторот на овој текст се лични ставови. Порталот www.pari.com.mk се оградува од објавените ставови и одговорноста за изнесеното е исклучиво на авторот на текстот.