“Интересни се случувањата по донесената одлука на Уставниот суд за укинување на член 163 став 3 од Законот за банки која беше објавена на 8 јуни 2021 година во Службен весник, со што и официјално влезе во сила. Уште на денот кога Уставниот суд ја одржуваше седницата, 25 мај 2021 година, кога ја укина оваа одредба од Законот за банки, Владата го задолжи Министерството за финансии да предложи законско решение со кое ќе се пополни правната празнина што ја предизвика одлуката на Уставниот суд. На ова следеше експресна реакција од Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка “Правда за штедачи”, кое изрази сомнеж дека Министерството за финансии е во состојба да понуди законско решение што би било издржано и со кое би се задоволиле сите засегнати страни”, велат оштетните штедачи од Еуростандард банка.
Според нивните информации здружението „Правда за штедачи” побарало од Владата со свои претставници да учествува во работното тело што ќе го изготвува законскиот текст, без оглед дали тоа работно тело ќе биде во рамките на Министерството за финансии или надвор од него.
“По ова барање, Здружението на 8 јуни 2021 година одржа средба со Претседателот Стево Пендаровски од кого, исто така, побара поддршка за решавање на својот проблем. Тој сесрдно истакна дека ќе се заложи кај Министерот за финансии за транспарентност во решавањето на ова сензитивно прашање, како и кај Гувернерката Анита Ангеловска-Бежовска за помош и соработка со Здружението во доменот на нејзините овластувања, особено во делот на достапноста на податоците околу Еуростандард банка со кои располага Народната Банка. Тоа е цврстиот институционален пат по кој се движи Здружението во својата битка за правда. Но, што се случува со институциите до кои Здружението ги упати своите барања и со кои бара соработка? Тука како да постои тивко игнорирање на нашите барања и предлози”, сметаат од таму.
Од здружението „Правда за штедачи” појаснуваат дека добиле одговор од Владата дека барањето ќе биде проследено до Министерството за финансии со замолница министерството да ги земе во предвид барањата на Здружението.Во продолжение остнатиот текст од соопштението на оштетените штедачи:
Но, Министерството за финансии „мудро молчи”. Од таму Здружението нема никаква информација, дали е формирано работно тело, кои се членови, дали се работи на законско решение, какво ќе биде решението. Сето тоа за нас е под превезот на тајност. Како да не се однесува на нас. Тоа е во потполна спротивност со заложбите на Владата за транспарентност во работата, особено кога се во прашање донесување на законски решенија кои директно засегаат одредена категорија граѓани. Како што е овој случај, кога законското решение што го подготвува Министерството за финансии може да има директно влијание врз депонентите – физички и правни лица, доверители во стечајната постапка на Еуростандард банка.
Од Министерството за финансии може да се добие единствено информација дека новото законско решение за пополнување на правната празнина ќе биде „европско”. Ова е многу широко и ништо не кажува, бидејќи Европа е континент со многу држави, од кои, дури и тие што се членки во Европската Унија немаат идентични решенија по овие прашања. Покрај тоа, пропаѓањето на Еуростандард банка има свои специфики, кои не можат да се поврзуваат само со „европско” решение. Да не заборавиме дека Еуростандард банка отиде во стечај во услови на светска пандемија предизвикана од КОВИД-19. Непосредно пред пропаѓањето, неколку месеци во државата беше прогласена вонредна состојба, во која Владата преку Уредби со законска сила имаше практично апсолутна власт. Во таква ситуација, со цел да им олесни на граѓаните, преземени беа низа мерки, меѓу кои и забрана за извршување во траење од шест месеци, пролонгирање на враќање на кредити кон банките, забрана за покренување на стечајни постапки три месеци по завршување на вонредната состојба, итн. Само во делот на забраната за покренување на стечајните постапки, Владата, со нова уредба, ја симна забраната, со што Еуростандартд банка отиде во стечај. Во таква ситуација, се прашуваме дали криза од планетарни размери имаше за сите, но не и за оштетените правни и физички лица од Еуростандард банка? Очекуваме дека Владата ќе ја има кризата во предвид при законското решение што го подготвува и на тој начин ќе ги реши проблемите на сите засегнати страни на праведен начин, како што, впрочем, предлага и Здружението во својот законски текст што го достави до Владата.
Во врска со „европското” решение што го подготвува Министерството за финансии, би сакале да потсетиме дека ова министерство баш и не се прослави со „европски”решенија. На пример, во постапката пред Уставниот Суд за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, министерството за финансии не баш „европски” вршеше притисок врз судот во која насока да одлучува, додека изминативе денови сведоци сме дека во Буџетот предвидува средства за исплата на К-15 за лица кои не оделе на работа, додека за тие кои го понесоа товарот на кризата, нема К-15. Ако еднаквоста е европска вредност, тогаш Министерството за финансии не може да се пофали со своите „европски” манири.
Затоа, Здружението „Правда за штедачи” ја потсетува Владата дека еднаквоста е темелна вредност на уставниот поредок. Дека во услови на светска криза, токму Владата превзеде мерки за еднаква дистрибуција на товарот од кризата врз општествените чинители. Дека преку промена на регулативата во Уредбите со законска сила Владата овозможи, додека Народната Банка ја однесе Еуростандард Банка во стечај насред светска пандемија од КОВИД-19. Дека со тој потег најмногу штета претрпеа физичките и правните лица – депоненти во банката. Дека Владата преку антикризни мерки на многу категории физички и правни лица им помогна со буџетски средства за да не претрпат или да ја намалат штетата во време на криза. Дека оштетените депоненти од Еуростандард Банка не бараат буџетски средства, туку ги бараат нивните лични средства сега заробени во стечајната маса на банката и дека јавниот интерес за заштита на сопственоста врз овие средства, како дел од заштитата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободата на пазарот и претприемништвото, е многу посилен, особено во услови на криза, од јавниот интерес што го истакнува Фондот за осигурување на депозити како еден од факторите за стабилност на банкарскиот систем, кој во моментот, според Народна Банка, не само што е стабилен, не само што не е во загуба, туку, неговите репрезенти – банките, во услови на криза, бележат неколкукратно зголемен профит. За разлика од депонентите на Еуростандард банка, кои загубија речиси се. Тие две состојби не можат да се изедначуваат, ниту поистоветуваат, најмалку да се сметаат за еднакви, особено во услови кога едните енормно профитираат, додека другите загубиле се.
Затоа, бараме Владата, во согласност со принципот што сама го прокламираше “едно општество за сите”, да има еден пристап кон сите категории граѓани и да не биде за едни мајка, за други маќеа. Секој треба соодветно да го понесе товарот на кризата, особено кога ковид кризата ги погоди сите. Недопуштено е некој да го зголемува профитот, другиот да губи се, и тоа да се прикажува како јавен интерес. Нашата надеж е дека Владата ќе го разбере тоа и дека ќе го реши проблемот на оштетените штедачи на начин што во новото законско решение ќе предвиди одредба како исклучок, Фондот да добие статус на доверител со редослед на наплата после доверителите – депоненти за банка која отишла во стечај во време на Светска пандемија почнувајќи од 11.03.2020 година, а за наредни случаи на ризични настани на банки оставаме Владата и Министерството за финансии да ги дефинираат измените на Законот за банки како што ќе одлучат повторно во интерес на граѓаните.