Во 2020-та година се уништени 238 тони храна, која според нив, била небезбедна за потрошувачите.
„Во уништените 238 тони е уништено се’ она што не ги задоволува органолептичките карактеристики или рокот. Путер, кашкавал, сусам… Имавме уништување на месните преработки кои не ги задоволуваа критериумите. Тука постапува инспекторот, а уништувањето се врши под негова контрола“, информираше денеска директорот на АХВ, Николче Бабовски.
Тој вели дека казните за компаниите зависат од типот на прекршувањето и се движат од 250 до 9000 евра.
Изречени 8 глоби за небезбедна храна во првите 5 месеци од годината. Тој вели дека кога е во прашање безбедноста на храната, граѓаните најчесто поднесуваат претставки за производи со поминат рок, за сомнеж во квалитетот на производите, несоодветно означување и присуство на контаминенти во храната.
За слични вакви работи во врска со квалитетот на храната, граѓаните праќаат поплаки и во Органзацијата за заштита на потрошувачите. Претседателката на ова тело, Маријана Лончар-Велкова вели дека за овие прашања најдобро е да се реагира официјално, а не преку социјалните мрежи.
Овие информации беа споделени на одбележувањето на 7-ми јуни. Светскиот ден на безбедна храна, што првпат беше востановен во 2019 година од Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите Нации – ФАО. Агенцијата за храна и ветеринарство се приклучи на глобалната кампања за одбележување на овој ден со цел на јавната свест за безбедноста на храната и информирање на јавноста за важноста од превенирање и управување со ризиците поврзани со неа, унапредување на здравјето на граѓаните, економскиот просперитет, развојот на земјоделството и пазарите.