Обично кога економските теоретичари сакаат да пласираат одредени тези во јавноста, првиот бран на негодување е од оние кои бараат веродостојни докази за истите. И тоа би требало така да функционира за се. Последните примери, што се надвор од областа на економијата, се поврзани со вакцините против Covid-19. Нивната веродостојност ја потврдуваа со тоа што самите производители беа меѓу првите што ја примија првата доза од вакцината. Во економски речник, за да може да веруваме на некоја пласирана теза, најчесто бараме личен пример дека истата е успешна. Иако голем дел од економската литература е применлива во многу пошироки рамки, одколку индивидуална примена, сепак еден од критериумите е личноста да има успешен финансиски резултат. Пример, не би можеле да му веруваме на некој што пласира економска теорија за развој на мали бизниси, а фактички самиот работи во државна институција или некој што пласира идеи за вложување на берза, а нема купено ниту една акција! Токму од тие причини феноменот Дејвид Рикардо е запаметен во економската историја како успешен во сите сегменти. Бил исклучително богат човек, а исто така пласирал идеи и теории кои и ден ден се движечка економска сила. Неговиот кариерен пат започна во Англија кога на свои 14 години започнал да работи заедно со неговиот татко, кој бил брокер, за да на 21 година започне сопствен бизнис во истата дејност. Избркан од страна на семејството, поради верски несогласувања поврзани со неговата сопруга и со само 800 фунти капитал, го започнал својот пат во светот на инестициите. Најголемо влијание врз неговата академска кариера била книгата на Адам Смит – Богатството на народите, која била пресвртница во неговиот живот. После нејзиното читање веќе ја изгубил страста за берзата и парите и своето време го алоцирал кон економската наука.
Времето кога работел и творел Дејвид Рикардо е поврзано со долгогодишните несогласувања помеѓу Англија и нејзините сојузници, од една страна, и Франција предводена од Наполеон, од друга страна, а моментот кога ја остварил најголемата добивка во својот живот е поврзана со клучната битка кај Ватерло. Имено, за време на текот на војната Англиската армија била финансирана преку задолжување на државата, преку кредити кои биле гарантирани со неколку видови на обврзници. Акумулираните средства од разни инвеститори биле наменети за воено опремување, а рочноста и каматата биле однапред дефинирани. Битката, кај сега белгиското место, Ватерло се одигра на 18-ти јуни 1815 година, а само неколку дена предходно, 14-ти јуни 1815 година, владата позајми 36 милиони фунти преку издавање на обврзници кои во тоа време се нарекувале конзоли(анг. consols). Вкупниот пакет бил понуден на пазарот со три опции:
- 130 фунти, 3% редуцирани ануитети
- Б, 3% конзоли (вредноста на Б да биде одредена преку наддавање)
- 10 фунти, 4% конзоли
Компанијата на Рикардо се одлучи да се вклучи во инвестицијата, како еден од најголемите инвеститори и притоа ја одрбрале втората опција. Да не заборавиме дека во време на војна голема е веројатноста да се случат непредвидливи работи и текот на настаните да биде поинаков од планираното. Рикардо се одлучи да инвестира во обврзници со фиксна цена, договорена пред битката, а ги продаде истите после прогласувањето на победата, по цена која се креира со наддавање. Ризикот кој го превзеде му донесе нето добивка од 1 милион фунти, за само неколку дена. Атрактивноста на конзолите наеднаш порасти, а со тоа и нивната цена. Добивката на Рикардо можеше да биде уште поголема, но тој започнал со продажба уште пред да има официјална потврда за победата на Англија, но сепак тука до израз доаѓа неговата претпазливост која секогаш се водела од принципот на повеќе помали влогови и добивки, за полесно амортизирање на шокови.
Дејвид Рикардо некогаш не оставил писмени записи околу неговите техники за тргување, но неговите соработници пренесувале дека цврсто се држел до две златни правила: Намалување на загубите и Реинвестирање на профитите. Тој исто така голем дел од своето време го посветувал на подценетите и преценетите ситуации и никогаш не го следел ефектот на стадо. И во денешно време инвеститорите се врзуваат за одредени написи кои ќе излезат во јавност и врз основа на тоа ги темелат своите инвестициски потези. Причината за вложување на свои средства, само врз основа на нечија туѓа (точна или не) претпоставка е сигурен начин за остварување негативен принос. Од друга страна итрината на Рикардо, која многумина ја осудуваат, е поврзана со неговото влијание врз цените на одредени акции или обврзници преку неговите јавни дебати. Доколку сакал да постигне пораст на одредени обврзници ги насочувал луѓето таму да ги вложуваат своите пари, а доколку сакал некоја обврзница да ја купи по пониска цена, се насочувал кон креирање негативно јавно мислење. На крајот после одреден период купувал или продавал обратно од тоа што го прокламирал. Во бизнисот, посебно пред повеќе од 200 години, моралните вредности и кредибилитетот не играле битна улога. Иако денес нормативите и регулативите се многу позатегнати, сепак, не може да се каже дека имаме постигнато голем напредок на тоа поле.
Продолжува…
Редакција Пари