Бизнис моделите кои денес се категоризираат како традиционални модели на работење на банките во минатото претставувале иновативни модели. Меѓутоа, фактори како што се промени во законската регулатива, технолошките иновации и промени во однесувањето на клиентите придонеле за развој на нови модели во банкарското работење. Можеби највпечатлив е ефектот од развојот на финтек индустријата и нејзиното влијание врз понудата на финансиски производи и услуги кои традиционално се нудат од страна на банките. Како последица од развојот на технологијата и финтек индустријата, традиционалниот банкарски бизнис модел станува неефикасен и неконкурентен.
Една од главните причини е тоа што овој традиционалните модел се потпира на широка мрежа на филијали и експозитури кои генерираат високи оперативни трошоци во своето работење. Од друга страна, се развиваат модели кои ги надминуваат ограничувањата на традиционалниот модел и драстично го менуваат начинот на понуда и користење на финансиските прооизводи.
И покрај тоа што постојат бројни модели кои настанале со развојот на технологијата тие може да се категоризираат во две основни групи, и тоа, дигитални банкарски модели и моделот на необанки (neobanks business model). Треба да се напомене дека најголемите разлики помеѓу традицоналните и модерните модели во банкарското работење не се од аспект на видовите на производите кои се нудат туку од апсект на активностите поврзани со овие производи и услуги. Исто така, разлика може да постојат и во обемот и разноликоста на бројот на финансиски производи и услуги кои се нудат на клиентите. Од аспект на активностите поврзани со производите, најголеми разлики се идентификувани во начинот на понуда и користење на финансиските производи.
Трите основни категории во кои може да се припаѓаат банкарските модели согласно степенот на употреба на технологијата и начинот на поуда на своите производи се традиционалните банкарски модели, моделите на дигитални банки и моделите на на необанки.
Традиционалните банкарски модели – се модели според кои што банките работат со децении и кои овозможиле банкарските институции да нудат широк асортиман на производи и услуги. Понудата на голем број на производи произлегува од потребата да се подобри ефикасноста во работењето на банките и максимално искористување на постоечките капацитети. Овие банкарски модели се засноваат на развој на широко распространета мрежа на филијали и експозитури со цел опфаќање на поголем пазарен удел и привлекување на клиенти. Меѓутоа, поседување на високо развиена мрежа на експозитура е проследено со високи оперативни трошоци и намалување на оперативната ефикасност.
Моделот на дигитална банка – е модел во кој постоечките банки имплементираат технолошки иновации со цел да го подобрат начинот на понуда на производи и начинот на комуникација со клиентите. Тука може да се направи разлика помеѓу моделот на дигитална подружница и дигитална банка. При кимплементирање на првиот модел, постоечките банките може да се одлучат да формираат дигитална подружница. Од друга страна, моделот на дигитална банка подразбира дека постоечките банки поминуваат низ процес на дигитална трансформација на интерните процеси. Степенот на дигиталната трансформација зависи од ресурсите кои што се достапни на банката. Може да се каже дека дигиталните банки, до одреден степен, го претставуваат преминот од традиционалните кон необанките кои се наоѓаат на спротивните страни при степенот на користење на технолошките иновации.
Моделот на необанки – може да се категоризира како еден од најнапредните модели гледано од аспект на степенот на употреба на финансиската технологија и начинот на понуда и комуникација со клиентите. Необанките се финансиски институции кои фунцкионираат целосно онлајн, односно овие банки немаат никаква физичка локација (освен централните канцеларии). Продажбата и диструбицијата на производите кои ги нудат банките се реализира целосно онлајн преку употреба на најразлични апликации. За разлика од традиционалните банки, необанките се насочени ко задоволување на потребите на одредени сегменти на клиенти или клиенти кои немаат пристап до традиционалните финансиски производи. Вака дефинираниот модел подразбира дека необанките се фокусираат на понуда на конкретен вид или група на производи и услуги.
Земајќи го во предвид начинот на функционирање на необанките, можеби токму овој модел е подобен во услови кога постојат бројни ограничувања во работење поради појавата на коранавирусот. Необанките со својот начин на функционирање ја елиминираат потребата за физичко присуство во банките и создавањето на редиците пред експозитурите.
Дали вие би ги користеле услугите на необанка доколку се отвори ваков вид на банка кај нас? Дали мислите дека необанките ќе бидат сериозна конкуренција на традиционалните банки?
Автор: Вон.Проф. д-р Зоран Темелков
Повеќе текстови од авторот, [ тука ]