Прво интервју од серијалот на „3 ИНТЕРВЈУА СО ЗОРАН ВИТАНОВ“ за pari.com.mk
Не пречека со ведра насмевка, во пријатна атмосфера и добро кафе, првично го започнавме разговорот со тоа кој е Зоран Витанов денес?
Зоран Витанов е обичен човек со необични амбиции. Среќно оженет, татко на три деца. Струмичанец, економист, основач на ЦЕФЕ Македонија, лиценциран интернационален обучувач по преприемништво по ЦЕФЕ метода, која ја развивме во 100 држави со помош на Германското министерство за развој. Основач сум и на Асоцијацијата на менаџери на ЈИЕ и на Македонија. Претседател во Лајконет Интернационал со седиште во Виена.
Порано, кога бев млад и наивен верував дека преку политиката можам да го менувам светот, но денес сум само млад.
Пред 11 години ја напуштив политиката и целосно се фокусирав на претприемништвото. Денес развивам нетворк платформа во која членуваат над 150.000 потрошувачи во 50 држави од сите континенти, со вклучени над 1200 мали и средни претпријатија и преку 9.000 претприемачи во 27 држави.
Себе и мојот тим од 9.000 претприемачи се доживуваме како визионери/пионери во новата светска економска револуција наречена Дисинтермедијација, Краудфандинг, Краудсорсинг, Огментација, Автоматизација и Дигитална трансформација. На светско ниво целта ни е да бидеме присутни во 100 држави и да поставиме нови светски стандарди во маркетингот и во претприемништвото воопшто.
Патриот, горд Македонец и горд плаќач на даноци. Целта ми е да бидам најголем индивидуален плаќач на персонален данок, затоа што не си патриот кога пишуваш на социјалните мрежи, уште помалку си патриот кога си платен од буџетот, туку си патриот кога си меѓународно успешен и придонесуваш во општеството од каде произлегуваш без притоа ништо да не бараш за возврат!
Како луѓето да ја препознаат вистинската работа во којашто треба да инвестираат за да ги постигнат своите финансиски цели?
Првин, сакам да констатираме дека традиционалниот бизнис кој сите го познаваме е одамна мртов. Тоа што ние го гледаме со очи, е минато свршено време. Сé што гледаме, веќе е направено и завршено. Само со умот, а не со очите, можеме да ја видиме сегашноста каква што навистина е, како и иднината. Брзорастечките технологии драматично ни ги менуваат животите секојдневно, секаде. Веќе ни требаат нови вештини и од егзистенционално значење ни е потребата да се менуваме. Или ќе се менуваме, или технологијата присилно ќе не вкалапи.
Овде е важно да потенцираме дека технологијата треба да ни е блиска, но не да не зароби, не да станеме зависни од неа, туку да умееме да ја користиме така што таа ќе ни служи. Во блиска иднина, сé што може да се дигитализира и автоматизира, ќе биде такво и ќе биде релативно евтино, ќе поевтинува и ќе биде достапно. Сé што нема да може да се дигитализира и автоматизира, ќе има голема вредност, а тоа сте вие.
Во тој нов дигитален еко систем, ако сте прилагодени и соодветно обучени, ќе бидете енормно многу платени, во спротивно, ќе останете зависни и сиромашни.
Во такво опкружување речиси ќе исчезне поимот вработување, а оние кои ќе останат вработени ќе бидат многу ниско платени затоа што ќе бидат лесно заменливи од луѓе кои се спремни да работат за пониска плата. Технологијата ќе ги заземе најголемиот број од класичните работни места. Наместо вработувања, идните генерaции ќе бидат претприемчиви и ќе решаваат преку апликации и дигитално-софтверски решенија, проблеми. Накратко кажано, секој бизнис што ќе може физички да се допре и фати, така да се изразам, ќе биде зависен и ќе биде експлоатиран од дигиталните бизниси кои ќе им овозможуваат на „физичките“ бизниси да се продадат на пазарот, да дојдат до купувачите, кои пак од неорганизирани зависни конзументи кои делуваа во минатото како глувче кое цвили, сега ќе се претворат во лавови кои рикаат.
На пример, се сеќавам во 1980 година, татко ми кога купуваше автомобил, го плати однапред, го чекаше неколку месеци, по грешка наместо бела боја, каква што нарачал, кога доби жолта, му беше сугерирано да не рекламира, затоа што ќе чека уште 6 месеци за да го добие автомобилот во посакуваната боја. Денес, ако на социјалните мрежи се организираат 10.000 луѓе кои сакаат на пример, жолта металик Лада со жолти менувачи, и ако уплатат аванс од неколку стотини евра секој, Лада веднаш ќе воведе комплетна нова производствена линија за тие потрошувачи.
Сега потрошувачите диктираат!
За да бидам појасен за што зборувам, погледнете ги рекламите на спортските натпревари. Порано се рекламираа познатите ланци на хотели, сега се рекламираат познатите платформи за букирање на тие хотели, а хотелите им се претворија во слуги кои доброволно плаќаат 15% провизија на платформите, кои при тоа не поседуваат ниту еден кревет, наспроти десетиците милиони долари или евра инвестирани во хотелските згради. Убер е најголема такси компанија на светот, не поседува ниту едно возило, Али Експрес и Амазон се најголеми трговци, а немаат ниту еден свој производ.
Но, сега најновите трендови ги надминуваат дури и тие платформи. Сега самите потрошувачи преку мрежно организирање со уплатени аванси им диктираат и на корпорациите. Денеска моќта се префрла од корпорациите кон организираните конзументи кои преку дигитализација, мрежно организирање и авансно плаќање им ги диктираат условите на трговците.
Што ако така организираните конзументи, откако ќе изградат мрежа на конзументи и трговци кои ги опслужуваат низ многу држави, имплементираат и дигитална валута со која ќе тргуваат?! И што ако таа валута е во сопственост на организираните конзументи!? И што ако секој поединец денеска ја има таа можност да се организира!? Иднината им припаѓа на конзументите, но само доколку се мрежно организирани и дигитализирани, во спротивно се пролетери.
Добредојдовте во иднината!
Знаете, во економијата не се важни фактите, туку трендовите! Факт било дека Ное изгледал смешен кога градел Арка на врвот од планината, но трендот бил дека надоаѓа потоп! Факт е дека сé уште егзистираат традиционални бизниси и сé уште има луѓе кои живеат од плата на работни места кои не бараат посебни компетенции и факт е дека таквите работни места работат по принцип на размена време за пари! Но, тренд е дека со технолошкиот развој секое работно место ќе се мери по учинок!
Да резимирам, за да си ги постигнаат своите финансиски цели, луѓето веќе не треба да бараат работа, а не пак да ја препознаваат, туку треба да се вмрежуваат, бидејќи, како што вели Ворен Бафет, „Your network is your networth“ (вашата мрежа е вашата нето вредност), а треба да инвестираат во себе, во знаење и вештини, и да не прашуваат колку чини тоа инвестирање, туку да се прашаат колку ќе ги чини доколку не инвестираат.
Дали постои нешто што го демотивира Зоран Витанов? Сигурно сте се судриле со одреден проблем во работата што силно влијаел врз мотивацијата.
Порано да, многу ме демотивираше тоа што луѓето не ги разбираа нашите визии за светските економски трендови, ме демотивираше медиокритетската средина која со сите сили те убедува дека нема да успееш, па ме демотивираше тоа што кога почнавме да растеме и да покажуваме резултати, почнаа да измислуваат невистини за нас. Некои од нив навистина емотивно ме погодуваа, ме разочаруваше леснотијата на која луѓето веруваа на таквите невистини, но најмногу од сé ме демотивираше незнаењето на луѓе кои се продаваат на пазарот како познавачи на темите од кои немаат елементарни познавања и оставаат во заблуда огромна маса на народ.
Денес, сето тоа ме мотивира!
Кога подлабоко ќе размислиш, тие луѓе само ни го гланцаат успехот, бидејќи резултатот е сé поочигледен, а нивната жолчна потреба да не оцрнат на крај само се претвора во една прекрасна реклама каде тие сакајќи да не оцрнат, само ја натераа јавноста да се заинтересира што тоа навистина правиме.
Да се изразам народно, тие само ни го „искастрија лозјето“, да не губиме време со уплашени и незнајковци, туку нашите идеи ни овозможија да им ги објаснуваме само на оние кои размислуваат со сопствени глави.
Сега најмногу сум им благодарен токму на тие кои се обидуваа да не оцрнат. Шопенхауер своевремено рекол: „секоја голема идеја, на почетокот се исмева, потоа се негира, а на крај се прифаќа како стандард“.
Оттука, денес веќе ништо не може да ме демотивира.
Дали е точно тоа дека само упорните претприемачи успеваат во работата? Покрај упорноста, што друго е потребно за успех во работата?
Една од оние формули за успех кои јас ги применувам секогаш ја опфаќа и упорноста, но таа е последна. Пред неа секогаш ја поставувам визијата, за која веќе говорев на почетокот. Ако немаме јасна визија, немаме на што да останеме упорни. Доколку немаме јасна визија за себе, препорачувам да најдете луѓе кои имаат визија достојна да се реализира и следете ја нивната.
Откако ќе си ја дефинирате визијата, следен предуслов за успех е храброста да се тргне кон реализација на визијата. Дури откога ќе се охрабрите, треба да сте до крај упорни и издржливи за да одолеете на сите предизвици по пат. Всушност, овде, преку упорноста јас им ја мерам големината на луѓето. Според мене, големината на луѓето се мери според големината на проблемот кој успеал да ги кутне. Јас секогаш кога ќе наидам на проблем, останувам упорен поставувајќи си го прашањето „дали е толкав мојот капацитет, дали е тоа проблемот кој не можам да го пребродам?“ Веднаш, во истиот момент проблемот го преформулирам како предизвик и не се откажувам додека не најдам решение. Запаметете, пречките на кои наидуваме се патоказот кој треба да го следиме на патот кон успехот. Сите ние на пазарот сме платени правопропорционално со големината на проблемите кои умееме да ги решаваме.
Кој Ваш успех го сметате за најголем досега?
Напуштањето на политиката. Да бидам попрецизен, проценката дека во иднина компетентните масовно ќе ја напуштаат политиката и ќе мигрираат во претприемништвото, каде личниот раст и општсвениот придонес им е императив, а политиката ќе остане збирштина на луѓе со ниско морални вредности со чест на сé поретки исклучоци. За најголем успех го сметам тоа што одлучив да се потпрам на личните компетенции, со кои ќе го полнам буџетот и ќе придонесувам во општеството, а не да го празнам.
Да бидам уште попрецизен, за најголем успех го сметам фактот дека сум еден од најголемите плаќачи на персонален данок во државата.
Парите не ја купуваат среќата во животот, но факт е дека го олеснуваат живеењето. Колку во Македонија парите се главниот мотив и двигател на работите?
За жал, во Македонија само парите се мотив и двигател, што според мене е една од основните причини за падот на моралните и етичките вредности во сите сфери на живеењето. Парите не се цел, како што огромното мнозинство ги подразбира. Парите се само средство за постигнување на повозвишени цели. Парите сами по себе не можат да ве направат среќни.
Повеќето пари можат да ви овозможат повеќе време. Повеќето време ви овозможува повеќе слобода, а слободата е таа што ве прави среќни. Е сега, кога луѓето ги подразбират парите како цел, тие се спремни да се стекнат со пари и по пат на неетички методи, со што автоматски ја губат слободата. Не постои поголема трагедија во животот од тоа да имате многу пари, но да си ја изгубите личната слобода и интегритет. Но и не постои поголема среќа од тоа да имате пари, слобода и зачуван личен интегритет. Ако на ова го додадеме и здравјето, ја добиваме формулата за среќен и исполнет живот.
Значи, љубовта кон парите е формула за несреќа, но користењето на парите како средство за постигнување на личните цели е предуслов за среќа. Ако размислите подлабоко, кога парите ги сакаме толку многу што не сакаме да се одвоиме од нив, тие немаат никакво значење и се извор на несреќи. Само кога се ослободуваме од нив, тие добиваат реална употребна вредност. Исто како слугата, ако слугите ги оставиме без работа и ни безделничат по дома, ние се претвараме во нивни слуги. Само кога ќе им дадеме работни задачи, тие се полезни. Ослободувајте се од парите, а врзете се за семејството и за саканите.
Велат дека стравот од неуспех е најголемата кочница на патот кон успехот. Постои ли начин да се победи стравот од неуспех?
Секако дека постои. Основна причина на стравот од неуспех е дека ќе бидеме одбиени и нема да бидеме сакани ако не успееме. Всушност, вие неможете да не успеете сé додека се обидувате да успеете. Единствено доколку сами се откажете, сами одлучувате да не успеете. Патот до успехот ве води само преку голем број на мали неуспеси. Само масивната акција да продолжите после неуспехот ќе ве одведе до успех. Наивно е размислувањето дека со неколку обиди на среќа може да се успее. Среќата е изговор на неуспешните за резултатот што го постигнуваат успешните.
Секој успех е акумулиран збир на многу мали неуспеси. Еве мал пример: ако вие тргнете на пат долг 200 км, дали сте успеале да стигнете, кога ќе дојдете до првата патарина која е на 20км од почетокот на патувањето? Не. Зошто тогаш не се вратите назад и не си кажете, „еве јас тргнав, ама не успеав да стигнам?“ Затоа што ви е сосема јасно дека ви преостануваат уште 180 км возење без да дојдете до крајната дестинација. Недостигот на визија за крајниот резултат, ја намалува вербата дека ќе го достигнете, затоа што не можете да поверувате во нешто што не можете да го видите, а тајната на успехот е да поверуваш пред да го видиш. „Блажени се тие што поверувале без да видат, зошто нивно е царството небесно (успехот)“.
Кога ќе поверувате во успехот, желбата да успеете станува поголема од болката да не успеете. Тоа е формулата да се елиминира стравот од неуспех. Кога болката од неуспехот е поголема од желбата за успех, ќе ве совлада стравот од неуспех.
Освен стравот од неуспех, подеднакво важен е и стравот од успех, кој е исто толку опасен, а ние не го перципираме. Кај стравот од успех, ние не ја прифаќаме како возможна сликата за себе како успешна личност и сами се откажуваме, па не ни започнуваме со акција која би не довела до успех. Мое мислење е дека во Македонија луѓето повеќе страдаат од страв од успех, дури до таа мера што тие воопшто не веруваат во успех, па не преземаат никаква акција да подобрат нешто во животот. Тој е поопасен страв со самото тоа што е латентен, луѓето не знаат ни дека постои. На пример кога јас со моите родители зборував за моите планови и моите идни успеси, татко ми дури велеше дека го нервирам со „моите фантазирања“. Тоа е типично за луѓе кои имаат страв од успех.
Кога би морале да изберете една категорија помеѓу опортунисти и оптимисти – во која категорија повеќе би се пронашле себе си?
Оптимист, секако, со тоа што според мене оптимистите се визионери! Јас ги двојам луѓето на песимисти, реалисти и визионери. Песимистите се штетни за себе, но реалистите се опортунисти. Тие се опасни за околината. Тие се убивачи на визионерите. Тие се медиокритетите со чијшто опортунизам ја глорифицираат просечноста, сервилноста и неетичноста, наспроти либертаријантството, претприемништвото и визионерството.
Природна средина за опортунистите е политиката, а природна средина за визионерите е претприемништвото. Сé додека живееме во општество на медиокритети и опортунисти, иднината како општество не е светла, но никој не може да ве спречи вас во личниот раст и придонес во општеството, сé додека вие сте визионер! Убавата вест е дека вие одлучувате дали ќе сте песимист, опортунист или визионер. Јас за себе одлучив, успеав и сега се обидувам да ги охрабрам сите околу мене. Секој сам ќе си одлучи, исто како што јајцето нема да се испили ако го скршите од надвор, туку само ако пилето го скрши одвнатре. Во секој од нас лежи лидер, инспиратор, визионер. Сите сме се родиле како гасеници, но не сите ќе умреме како пеперутки.
Со оглед на нивото на економскиот стандард во Македонија, колку пари се потребни за да ги задржиме младите луѓе во државава?
Пак ќе кажам, не е до парите, до внатрешната промена е. Ако инсистирате на вообичаен одговор, би рекол 50.000 мкд месечно по работоспособен, но треба да разбереме дека парите се последица на внатрешната состојба. Тоа значи дека не може внатрешната состојба да ни ја променат политичарите или некој околу нас, туку самите ние. Во Библијата е потенцирано начелото „како е внатре, така е надвор“.
Парите се енергија која се акумулира врз основа на тоа, на која фреквенција резонираме внатрешно, но тоа е тема која опфаќа познавање од микробиологија и квантна физика. За оние кои сакаат да знаат повеќе, предлагам да се запознаат со учењето на микробиологот Брус Липтон и од темата на квантна физика и да истражат повеќе за познатиот експеримент на „двоен процеп“. Или можеби тоа е тема за некое следно интервју.