ПОВЕЌЕ

    Пратениците ја „скенираат“ државната каса – продолжува расправата за буџетскиот ребаланс

    Време зa читање: 3 минути

    Во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет денес продолжува расправата по предлогот за прекројување на државната каса, со кое и приходите и расходите се зголемуваат за еден процент – за по околу 57,5 милиони евра. Проектирано е ребалансираниот буџет да располага со 362,4 милијарди денари или 5,89 милијарди евра, а да се потрошато 403,7 милијарди денари, односно 6,56 милијарди евра. Сето тоа во услови на планиран раст од 3,7 проценти и инфлација со мала нагорна корекција од 2,8 проценти.

    Со овој ребаланс треба да се обезбедат пари за исплата на повисоки пензии и плати во МВР, како и дополнителни 300 милиони денари за капитални расходи. Тие се поставени на нивото од 47,5 милијарди денари. Повеќе средства ќе има и за општините. Тоа се обезбедува со реалоцирање на средствата, при што најмногу се крати кај расходите за привлекување странски директни инвестиции, поддршка на инвестициони вложувања, финансиска поддршка на инвестициите, ТИРЗ, а намалување има и кај економската промоција и поддршката на мали и средни претпријатија.

    Пратениците на позицијата и опозицијата во текот на вчерашниот ден изнесоа противречни мислења. За едните – со вака скроениот ребаланс ќе се зголеми квалитетот на животот на граѓаните, а се носи во услови кога нема минус, туку зголемени приходи. А, за другите – потврда дека економијата тоне, а власта се луксузира.

    Претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев, кој вчера говореше пред пратениците, посочи дека ревидираниот Буџет е во согласнот со буџетската стратегија. Сепак, нагласи, доколку инвестиците за капитални расходи не се реализираат како што се проектирани, да не се пренаменуваат за тековни расходи. Како што реше, неопходно е да се заштедат и да се пренаменат за трошења за наредните години.

    „Фискалниот совет ја охрабрува определбата да се води сметка за секој трошок, вклучително и трошокот на задолжување којшто достигна два проценти, каматните расходи достигнаа скоро два проценти од БДП. И од тој апсект ако се погледа примарниот буџетски дефицит, ќе се види дека тој многу побргу се намалува од вкупниот буџетски дефицит. Тука треба да се искористат сите обиди, особено во период сега на намалување на каматните стапки на меѓународните финансиски пазари. Ја повторуваме нашата препорака доколку инвестициите за капитални расходи не се реализираат онака како што се проектирани, да не се пренаменуваат во тековни расходи коишто и така се веќе на максимално високо ниво во Буџетот за 2025 година. Нашата препорака е да се заштедат во тој случај и да се пренаменат за трошење за наредните години“, рече Бишев.

    Во текот на вчерашниот ден со анализа излегоа од Фајнанс Тинк – Институтот за економски истражувања и политики, со оцена дека проектираниот раст на даночните приходи е амбициозен. Со зајакнувањето на експанзивноста на фискалната политика, преку ребалансот на Буџетот, упорноста на инфлацијата ќе остане и во следниот период. Оттаму и нивните предвидувања дека извесната материјализација на ризикот од неостварување на даночните приходи со крајот на годината ќе се компензира со потреализацијата на капиталните трошоци, со што годината ќе заврши со проектираниот – или понизок буџетски дефицит.

    По општата расправа која е во тек, во Собранието ќе следува амандманска расправа. Поднесени се околу 200 амандмани, а 160 се од СДСМ.

    М.А

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично