ПОВЕЌЕ

    СО РЕБАЛАНСOT ПОВЕЌЕ ПАРИ за пензии, социјала, образование…

    Време зa читање: 3 минути

    Ребалансот на Буџетот денеска е на дневен ред во матичната Комисија за финасирање и буџет. Приходите се зголемени за еден процент, што значи дека ќе има околу 57,5 милиони евра повеќе отколку што беше планирано претходно. И расходите се зголемуват за 57,5 милиони евра. Ребалансираниот буџет на приходната страна тежи 5,89 милијарди евра, а на расходната 6,56 милијарди евра.

    Во однос на проекциите, растот на БДП останува на 3,7 проценти, додека инфлацијата е благо ревидирана нагоре на 2,8 проценти.

    „На страната на приходите, зголемувањето за 3,5 милијарди денари произлегува од повисоки неданочни приходи, додека капиталните приходи и трансферите се намалени. Даночните приходи остануваат речиси непроменети, што се толкува како индикатор за стабилни проекции. Расходите се зголемени, исто така за 3,5 милијарди денари, при што најголем дел се поврзани со социјалната заштита (3 милијарди денари) и образованието (1,3 милијарди денари). Фискалниот совет ја поздравува определбата за зголемување на капиталните инвестиции, но повторно апелира за подобра реализација“, пишува во мислењето на Фискалниот совет за ребалансот на Буџетот.

    ЗА ШТО ЌЕ ИМА ПОВЕЌЕ ПАРИ?

    Социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се планирани во износ од 117,1 милијарда денари (безмалку 2 милијарди евра), односно непроменети се во однос на придонесите планирани со Буџетот за 2025 година. Но, со ребалансот има значајно зголемување на парите за пензионерите, како и за таканаречените транзициони трошоци за Вториот пензиски столб, а тоа е износ од околу 40 милиони евра. Зголемување има и за социјалната заштита преку Министерството за социјална политика, демографија и млади во износ од 8,2 милиони евра. Потоа, најголемото зголемување е кај расходите за образованието – за 21,1 милион евра. Тука влегува и зголемувањето на платите, како и капиталните инвестиции.

    За општините, пак, капиталните дотации се зголемени за 7,3 милиони евра.

    КАДЕ ЌЕ СЕ КРАТИ?

    Најголемо намалување на расходите има кај економските работи. Поконкретно, тоа се однесува на намалување на расходите за привлекување странски директни инвестиции, поддршка на инвестициони вложувања, финансиска поддршка на инвестициите, ТИРЗ. Намалување има и кај економската промоција и поддршката на мали и средни претпријатија.

    „Значително намалување има и кај расходите за животна средина и тоа од 868 милиони денари, област која треба да биде приоритетна, имајќи ја предвид и Националната развојна стратегија“, забележува Фискалниот совет.

    Ако се разгледа каде стои минус во основната структура на ребалансираниот Буџет, негативниот предзнак го има кај субвенции и трансфери, и тоа намалување од 29,7 милиони евра, кај социјални надоместоци за 4,9 милиони евра, а мало кратење има и кај здравствената заштита.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично