Читајте квалитетна содржина на порталот ПАРИ – таму каде што информацијата вреди.
Во срцето на Југоисточна Европа, каде што економиите се менуваат брзо и се борат со домашни и глобални предизвици, а пазарите стануваат сè подинамични, банкарскиот сектор оствари исклучителни резултати во 2024 година. Оваа година се смета за една од најуспешните во последната декада за банките во Јадранскиот Регион, со профити коишто достигнуваат рекордни нивоа и активи што го зголемуваат влијанието на банките во економијата.
Но, кои банки доминираат во овој регион? Кои се најголемите играчи според големината на активата и кои успеаја да го зголемат профитот најзначајно? Дали растот на профитите е резултат на паметни стратегии, поволни пазарни услови или нешто сосем друго?
Оваа ексклузивна анализа ја истражува комплексната слика на банкарскиот сектор во земјите од Регионот – од Хрватска и Србија до Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија. Во продолжение, ги рангираме банките според големина на активата и остварениот профит за 2024 година, со детална споредба што ќе ја открие банката што забележала најголем пораст и го направила најголемиот скок во добивката. Анализираме 40 банки коишто ги објавија финансиските резултати за 2024 година.
Загребачка банка од Хрватска е убедливо најголема банка во Јадранскиот Регион со актива од 21,17 милијарди евра и покрај скромниот раст на средствата од само 3,90 насто минатата година. Хрватските банки ги држат првите три места според големината, со тоа што Ерсте банка, со раст на активата од 14 насто, опасно се доближува до Привредна банка Загреб, која минатата година бележи раст на активата од 5,13 насто.
Но, затоа пак, Привредна банка Загреб се заканува да ѝ го преземе приматот на Загребачка банка, која во 2024 година е апсолутен шампион во Регионот според висината на добивиката. Профитот на Загребачка банка за 2024 година изнесува 449,6 милиони евра, но во однос на претходната година нема зголемување. Од друга страна, Привредна банка Загреб со фантастичен раст на профитот од дури 66 насто е на чекор до Загребачка банка. ПБЗ за 2024 година пријави добивка од 437 милиони евра.
И со овие две банки завршува приказната со профитите коишто се приближуваат до половина милијарда. Следните пет банки на рангирачката листа имаат двојно помали добивки.
Интересна е Рајфајзен банка од Србија, која иако според големината е на десетто место во Регионот (6,3 милијарди евра), според висината на добивката е на високото трето место, со профит од 249 милиони евра. Зад неа е Банка Интеса од Србија со остварен профит од 229 милиони евра. Оваа банка е на четврто место според големината со актива вредна 8,7 милијарди евра и со остварен раст на активата од 11,15 насто.
Најголем раст на профитот минатата година бележи Адико банка од Хрватска, од дури 316,63 насто, со што 2024 година ја заврши со добивка од 38,14 милиони евра. Според растот на профитот, на второ место е црногорската Зираат банка со 82,74 насто. Но, добивката на оваа мала банка е скромна и изнесува „само“ 1,09 милиони евра. Потоа следуваат Привредна банка Загреб со зголемена добивка за 66 насто и Адико банка Србија со раст на профитот од 63 насто.
Првите девет места на рангирачката листа според висината на остварената добивка во 2024 година ги држат хрватските и српските банки, а на десетто место е Уникредит банка од Мостар со профит од 106,6 милиони евра. Со оваа банка завршуваат троцифрените добивки.
Најголемите македонски банки се во втората десетка според остварените профити. Секако, највисоко е рангирана Комерцијална банка Скопје, на дванаесетто место, со остварен профит од 80 милиони евра.
Во однос на големината, повторно Комерцијална банка Скопје е на највисокото место во Регионот во домашна конкуренција. На регионалната рангирачка листа оваа банка е на шеснаесеттото место со актива од 2,9 милијарди евра. Оваа позиција ја дели со Рајфајзен банка од Мостар, која минатата година ја заврши со добивка од 73 милиони евра.
Хрватска
Хрватските банки, кои го држат приматот според големината на активата и висината на профитите, во 2024 година остварија вкупна добивка од 1,5 милијарди евра, што е за 13 насто повеќе во однос на 2023 година. Показателите за профитабилноста се подобрени, така што приносот на капитал е зголемен од 15,5 насто на 16,4 насто, а приносот на имот од 1,8 насто на 1,9 насто.
Вкупниот имот на хрватските банки во 2024 година е зголемен за 7,1 насто и достигна вредност од 84,2 милијарди евра. Кредитирањето од страна на банките во Хрватска е зголемено за 6,1 насто.
Србија
Вкупно 55,8 милијарди евра изнесуваше нето-активата на деветнаесетте банки во Србија во 2024 година и за една година е зголемена за 11,8 насто. Вкупниот профит пред оданочување достигна 1,5 милијарди евра, што претставува годишен раст од 27,6 насто.
Приносот на актива на српските банки изнесуваше 2,8 насто, а на капитал 20,3 насто. Ова е рекорд од реформите на банкарскиот сектор започнати во 2000 година и продолжување на трендот на раст на профитабилноста од 2021 година. Високата профитабилност се поврзува со високите каматни маржи. Во 2024 година, каматните стапки на кредитите растеле многу побрзо од каматните стапки на депозитите.
Приходите од камати се зголемени за 16 насто на 3,1 милијарда евра, а трошоците за камати изнесуваат 900 милиони евра. Приходите од надоместоци и провизии се зголемени за 17 насто на 1,1 милијарда евра. Приходите од надоместоци од 2019 до 2024 година се речиси двојно зголемени иако банките инвестираат во дигитализација. Односот на трошоците и приходите од 75 насто во 2020 година е намален на 50 насто во 2024 година, што се должи на растот на приходите, но и на намалувањето на трошоците за физички простор и за вработени.
Македонија
Вкупната актива на тринаесетте македонски банки на крајот од 2024 година изнесуваше 12,24 милијарди евра. Доминантната тројка на домашниот банкарски пазар: Комерцијална банка, Стопанска банка и НЛБ банка, има заедничка добивка од вкупно 191,2 милиони евра во 2024 година. Во споредба со 2023 година, овие банки бележат зголемување на добивките. Најголем раст на профитабилноста, од 37,5 насто, бележи Комерцијална банка.
Во однос на приходите, овие банки заеднички инкасирале над 380 милиони евра. Главните приходи се генерирани од камати, провизии и вложувања во хартии од вредност. Со приливите од камати предничи Стопанска банка Скопје, која по овој основ наплатила 112,9 милиони евра. Во сегментот провизии и надоместоци прва е НЛБ банка, од кои обезбедила 25,16 милиони евра.
Црна Гора
И банките во Црна Гора продолжија да ги зголемуваат добивките, остварувајќи вкупен профит во 2024 година од 161,4 милиони евра, што е за 10,57 насто повеќе во однос на претходната година. Од 11 банки што работат во оваа земја, осум забележаа раст на добивката, а три имаа пад. Иако растот на добивките во 2024 година е помал отколку во 2023, кога порасна за 75,26 насто, сепак работењето на црногорските банки е исклучително профитабилно. Црногорската комерцијална банка, дел од групацијата ОТП, и понатаму е лидер на пазарот со профит од 60,09 милиони евра. Втора по големината на добивката е НЛБ банка, која оствари профит од 27,7 милиони евра. Овие две банки заедно остваруваат 54,3 насто од вкупниот профит на црногорскиот банкарски сектор, со што ја потврдуваат својата доминација на пазарот.
Босна и Херцеговина
Вкупната актива на финансискиот сектор во Босна и Херцеговина на крајот од 2024 година изнесуваше околу 26 милијарди евра и е поголема за 9,4 насто во однос на претходната година. Најголемо е учеството на банките од 87,7 насто, кои ги има вкупно 21.
Банките во Федерацијата БиХ во првите девет месеци од 2024 година (последно достапни податоци) остварија нето-добивка од околу 250 милиони евра, што е раст од 14,36 насто во однос на истиот период од 2023 година. Во Република Српска, пак, вкупниот профит на банките за девет месеци во 2024 година изнесуваше околу 100 милиони евра, што е раст од 34 насто во однос на истиот период од претходната година.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска