И во Македонија може да се заработи и добро да се живее од плата. Пример се вработените на кои минатата година им била исплатена просечна плата од близу седум илјади евра. Се занимаваат со трговија на струја. Овој просек се однесува на компанијата Рењувабал Енерџи Суплај РЕС, која функционира со 16 работно ангажирани лица.
Нивните месечни примања за една година се зголемиле за 236,49 проценти. Во 2023 година просечната плата во друштвото за трговија и снабдување на електрична енергија изнесувала 125.577 денари или нешто над две илјади евра. А, лани достигнала 422.554 денари, што е еднакво на 6.870 евра.
Колективот е мал, но функционален. Преклани броел 12, а лани се проширил за четворица нови членови. Што значи бројот на вработените се зголемил за 33,33 проценти. Секој од нив на компанијата и донел 384.945.902 денари, односно по околу 6,3 милиони евра. Сепак, една година претходно биле поефикасни. Во 2023 година приходот по вработен бил во износ од 495.543.295 денари или нешто над осум илјади евра. Тука е забележан пад од 22,32 отсто.
Тимот го сочинуваат тројца управители – Александар Петрески, Љупчо Најдов и Јури Богомилов Катанов, по двајца менаџери и раководители на сектори, петмина соработници и четворица специјалисти. Еден од менаџерите, во чиј домен е продажбата, е Огнен Анѓушев.
Рењувабал Енерџи Суплај е и во стоте компании, според податоците од Бизнис Мрежа, кои минатата година оствариле најголеми приход. Рангирани се на 40. позиција. Трговијата со струја им донела приливи од над 100 милиони евра (6.159.134.435 денари). Резултатите од работењето се за 3,58 проценти подобри од прекланското остварување од 96,7 милиони евра (5.946.519.542 денари).
Високи се и расходите на РЕС. Нивниот раст (7,20%) процентуално е повисок од движењето кај приходите. А, износот е 98,8 милиони евра.
Добивката, пак, за една година забележала пад од 72,73 отсто. Од четири милиони евра преклани, на 1,1 милион евра лани.
Еден од основачите на РЕС е семејната компанија на бизнисменот Кочо Анѓушев – Централ Инвест и сестринската Феро Инвест со електрани чиј вкупен инсталиран капацитет е 35 MW. Вториот основач, кој сега е и целосен сопственик на РЕС, е бугарската компанија Кер Токи Пауер. Како што пишува, во Бугарија имаат сопствено производство од обновливи извори од 90 MW и договори со други производители во својата балансна група со инсталиран капацитет од над 400 MW. А РЕС има склучено и договори за откупување на енергија со 80 други приватни производители во земјата, кои поседуваат хидроцентрали, фотоволтаични централи и био-гасни централи, со вкупна инсталирана моќност од околу 55 MW.
На нивната веб-страница не е направена измена во делот на сопственоста. Пред нешто повеќе од една година, од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата беше објавено известувањето за концентрација, односно дека бугарското акционерско друштво Кер Токи Пауер ќе стекне целосна контрола врз македонската компанија РЕС – Рењувабал Енерџи Суплај. Всушност, ова известување дојде во јануари лани, откако претходно во декември Анѓушев беше ставен на американската црна листа.
РЕС има долга референтна листа на клиенти. Снабдува околу 190 компании исклучиво од приватниот сектор, кои се меѓу главните носители на економскиот живот на државата – од областа на телекомуникациите, прехранбената индустија, метало-преработувачката индустрија, странските инвестиции во слободните економски зони, компании од услужната дејност, банкарскиот сектор…
„Ние сме единствена компанија на македонскиот пазар која им нуди на компаниите снабдување од сопствени извори на обновлива електрична енергија кои гарантираат сигурност и најдобри цени на пазарот“, пишува на нивната веб-страница.