ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I САША ПОПОВИЌ, ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР НА VEGA IT: Формула за успех во свет каде што промените никогаш не застануваат

    Време зa читање: 5 минути

    Саша Поповиќ, генерален директор на VegaIT е еден од првите потврдени говорници на претстојната конференција The Economist MeetUp: Светот во 2026, во декември оваа година. Токму по тој повод зборувавме за  нивната култура на постојан напредок, за лидерството што ги балансира долгите визии со секојдневното менаџирање, и за тоа како гледаат на иднината што ја носи ИТ-револуцијата.

    Во ИТ-индустријата каде што брзината на промените не трпи застој, опстануваат само оние што знаат да се приспособуваат, учат и инвестираат во себе. Преку дисциплина, јасна стратегија и отвореност кон новите технологии како вештачката интелигенција, Vega IT успева не само да чекори во чекор со времето, туку и да создава своја предност.

    Пари: Во една динамична индустрија како ИТ, како успевате да ја одржите културата на континуирано унапредување во компанијата?

    Поповиќ: Тоа е нешто што ни го наметнува самата индустрија во која работиме – индустрија што се менува со неверојатна брзина. Без постојано унапредување, едноставно не би можеле да останеме релевантни на пазарот, а со тоа ни да опстанеме на долг рок. На некој начин, оваа динамика ни е и олеснителна околност. Ни стана природно – а можеби дури и полесно отколку во некои други индустрии – постојано да работиме на себе, да инвестираме и во личен развој и во бизнисот, па дури и во области каде што тоа на прв поглед не изгледа неопходно.

    Пари: Зошто стагнацијата може да биде опасна за една компанија?

    Поповиќ: Често сум се среќавал со примери, како во практика така и во бизнис литературата, каде што компании „удираат во ѕид“ – не успеваат да продолжат со развојот, токму затоа што организацијата не еволуирала. Во такви случаи, одредени поединци во тимот стануваат пречка за понатамошен раст, бидејќи останале на нивото од пред неколку години, додека бизнисот се обидува да оди напред. На прв поглед ова можеби не изгледа толку значајно, но во реалноста тоа е критичен момент. Компанија што не се развива, многу лесно може да влезе во фаза на стагнација, а оттаму и во постепено опаѓање – па дури и исчезнување од пазарот.

    Ние не сакаме да дозволиме такво нешто да ни се случи. И токму тој страв, таа свесност, е силен мотиватор за постојан личен и организациски напредок. Изградивме култура во која едни со други си даваме поттик, учиме едни од други, се мотивираме меѓусебно и се потсетуваме колку е важно да не запираме со развојот.

    Пари: Како балансирате помеѓу стратешко размислување и секојдневно управување во една брзорастечка компанија?

    Поповиќ: Една од клучните работи што ми помага во ова е дисциплината во планирањето време за стратешко размислување и одлучување.

    На пример, двапати годишно организираме strategy retreat настани, на кои учествува лидерскиот тим на компанијата. Дополнително, еднаш или двапати годишно организираме и настани со вклучување на колеги од нашите канцеларии во странство. Тогаш правиме преглед на тоа каде се наоѓаме како бизнис, со какви предизвици се соочуваме, кои се новите пазарни можности, како се одвива реализацијата на претходниот план и каде сме во однос на поставените цели.

    Врз основа на овие анализи, или креираме нов стратешки план или го прилагодуваме постојниот – зависно од новонастанатите околности. Размислуваме дали е време за промени во стратегијата или само за нејзино унапредување за подобро справување со тековната реалност.

    Овие активности се одвиваат неколкупати годишно и обично траат по два до три дена – исполнети со анализи, идеи, тимско размислување и планирање.

    Пари: Како го следите напредокот и оперативната реализација на плановите?

    Поповиќ: Имаме месечни состаноци на лидерскиот тим, на кои ги разгледуваме резултатите од претходниот месец, ги идентификуваме новите предизвици и можности, и ја споредуваме состојбата со нашите стратешки планови за да утврдиме дали е потребно некое прилагодување.

    Дополнително, одржуваме и неделни состаноци, на кои разгледуваме дали постојат стратешки или важни оперативни теми што бараат наша итна посветеност.

    Меѓу овие состаноци, фокусот ни е насочен кон реализација на договорените планови и секојдневните активности – така што создадовме стабилен баланс помеѓу оперативниот менаџмент и стратешкото размислување.

    Пари: Како ја гледате иднината на ИТ индустријата во светло на брзиот развој на вештачката интелигенција?

    Поповиќ: Вештачката интелигенција ја гледам како огромна можност за ИТ-компаниите да бидат поефикасни и поконкурентни на пазарот. Таа исто така овозможува развој на иновативни услуги и производи кои нудат поголема вредност за клиентите.

    Од друга страна, гледам и ризик – или дури закана – за оние компании кои нема да успеат навремено да ги усвојат алатките и процесите засновани на вештачка интелигенција. Таквите компании ризикуваат да станат помалку конкурентни, помалку ефикасни, поскапи за клиентите – и со тоа сѐ помалку релевантни.

    Затоа, важно е кон вештачката интелигенција да пристапиме и како кон можност и како кон ризик. Не смееме да бидеме рамнодушни кон тоа што се случува. Ова е технологија што се развива секојдневно, и често не можеме ни да замислиме каде ќе биде за една, три или пет години. Нашата задача е да ја следиме внимателно и да го искористиме најдоброто што ни го нуди.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично