Примената на вештачката интелигенција и новите технологии во музиката се присутни меѓу музичарите одамна. Некои од нив ги применуваат делумно, а некои повеќе. Согласни се дека тие можат да бидат од корист во повеќе сегменти во креирање на музиката, но и во постпродукцијата, а особено за презентација на нивната музика преку користење на современите алатки и социјалните медиуми. Во оваа епизода на New biz podcast Наташа Велковска разговара со Мартин Данчев за дигиталната технологија како инспирација и и пробивот во музичката индустрија.
„Дефинитивно сме сведоци на една голема револуција, и кај нас и во светот, со вештачката интелигенција. И најтренд прашања во денешницата се: Чија е таа трака? На Мартин или кој било продуцент или на вештачката интелигенција? И мислам дека нема едноставен одговор на ова прашање, и може да се гледа ова прашање низ 200 различни призми. Најверојатно е битно, првенствено, секој да си го најде начинот како тие алатки вас ќе ви служат да го добиете тоа што треба да го добиете, да се исполни вашата замисла, не замислата на алатката. Зашто на крајот на денот, сметам дека технологијата е тука за да ни помогне и да ни инспирира, како ние да ги составиме нашите замисли. Ама, дефинитивно има многу проблематики, што се веќе поставени на масата, на пример авторски права. Од друга страна, имаме веќе и некои јасни изјави на доверливи институцији, департментот од владата на Америка – имаше јасно излагање дека со користење на тие алатки што креираат целосно музичко дело, односно само со ваш текст внесен, дека таа музика, не е валидна за да имате заработка од делото како такво. Дека, најглавен е човечкиот фактор, и дека човекот мора да биде вклучен во процесот. Меѓутоа, и тие музики имаат примена и создадоа на некој начин голем проблем во музичката индустрија, затоа што многу работни места беа и се загрозени. Маржата на цените падна за многу работи. Ако можам да си направам во две секунди музика и знам, лично имам познавање како да ја создадам таа музика, зашто би платил некој друг да го прави тоа? Ама, мислам, утехата тука е дека тоа се случува во секоја сфера, не е само музиката исклучок. И, најверотно, треба со текот на времето да најдеме начини како се тоа ќе има некоја смисла и ќе служи на луѓето“, објасни Данчев.
Тој вели дека чувствува отпор кон вештачката интелигенција од колеги, од музичари, од луѓе кои што работат на создавање музика, во однос на тоа дека нема да го користат и сакаат музиката да биде само нивна.
„Според мене, мислам дека тоа е погрешен став, затоа што развојот на технологијата оди напред, вештачката интелигенција е веќе тука. Не е тема на муабет дали сакаш да се користи или не. Туку е тема дека веќе сите ќе го користат и ако не се привикнеме на новиот начин, ќе останеме на назад. Мислам дека едно е сигурно, тоа е дека човек од секогаш сакал да креира уметност, сака да се искаже, сака да се дознае самиот себеси преку музика, преку создавање на дело и така натака. Мислам дека тоа нема никакви шанси да се искорени колку и да биде достапно „да кликнам и да ми генерира перфектна музика“, вели Данчев.
Тој раскажува дека во еден дел од животот се гледал како пејач, меѓутоа никогаш не билл комплетно решен, затоа што бил љубопитен и за аранжман, и за создавање на композиции и така натака.
„И некако тоа ми беше водилката, меѓутоа имав еден момент кај што реков, мислам реалноста е дека во Македонија некако пејач со сопствена музика без изведба на кавери и таков тип на материјали е многу тешко да се живее и тоа сме сведоци дека многу ретко кој е успешен во тоа. И тоа не значи дека треба да не обесхрабри да правиме музики и да создаваме. Меѓутоа на некој начин и тоа ми влијаше во одлуката да сакам малку стабилност за да можам да работам на својата музика уште подобро без некој притисок. Зашто тие топки на баланс се малку комплицирани кај што работите тоа што сакате, а паралелно морате да создавате за да преживеете и така натака. Мислам дека секој треба да си го најде својот баланс“, додава Данчев.