ПОВЕЌЕ

    И ЗА КОЧАНИ И ЗА СЕ ПРЕТХОДНО МОРА ДА ИМА НЕСЕЛЕКТИВНА ОДГОВОРНОСТ – Христијан Мицкоски во „Каде се парите?“

    Време зa читање: 6 минути

    Нема промени во системот без институционална и без законска одговорност. Констатирани се пропусти во институциите и сега се обидуваме тоа да го промениме. Нема да биде лесно, нема да биде преку ноќ. Одиме на стриктно спроведување на законите. Мора да има отчетност пред законите, за овие работи да не ни се повторуваат и во иднина. Но, мора да има неселективна одговорност. Не само за Кочани, туку и за случаите во минатото, модуларната болница во Тетово, Ласкарци и „Беса транс“. Тука треба похрабар чекор да има од страна на Обвинителството, а ние ќе постапуваме, порача премиерот Христијан Мицкоски во поткастот „Каде се парите?“ со Горан Теменугов.

    Борбата против корупцијата и организираниот криминал се првиот приоритет и на Владата и мој личен, тврди премиерот, посочувајќи дека во изминатите десет месеци тоа и го докажале.

    „Да немате дилема во определбата и моја лична и на Владата во борбата против организираниот криминал и корупцијата. По тоа што можевме, постапивме. Сите оние по вертикала, кои без разлика дали се именувани од сегашната или од претходните влади, беа разрешени. Дали станува збор за началникот кој е во ОВР Кочани или СВР Штип…, сите беа разрешени. Но, кој ќе се гони и кој има одговорност, покажува истрагата што ја води Обвинителството… И, не само што не сме селективни, туку апсолутно, по секој налог на Обвинителството ние ќе постапиме“.

    Во тој контекст Мицкоски посочува на разликата во постапувањата во овој и во претходните трагични случаи, на оваа и на претходните влади. А, во прилог на неселективноста ги издвојува примерите на директорот на Геријатрија и на лицето од неговото обезбедување, и двајцата приведени и притворени откако беа фатени во коруптивни зделки.

    За протестите на семејствата на загинатите во Кочани, кои се револтирани поради тоа што истрагата не ги дава очекуваните резултати, Мицкоски вели:

    „Ги разбирам родителите и апсолутно можам да се согласам со нив. Ја разбирам нивната емотивна состојба, затоа што јас тоа утро, со министерот за внатрешни работи, бев на самото  место и видов… Се носеа брзи одлуки со политичка тежина, со голема одговорност, која во тој момент беше префрлена на моите плеќи. Во тој момент немаше многумина кои сакаа да прифатат одговорност“, потенцира премиерот, потсетувајќи се на тоа утро, на пеколот и на ужасот по трагедијата во Кочани.

    Под тој притисок на десетици загинати и на повеќе од 200 повредени во животна опасност, се носеле одлуки:

    „Факт е дека тоа утро се носеше одлука која имаше голема човечка, но и политичка димензија. Не беше еднставно. Ќе повторам, во тој момент, беше директно – премиере вие треба да одлучите. Не велам дека тоа беше најбрилијантната одлука во тој момент. Не можам, но сѐ би дал да можам да ги вратам животите на тие млади луѓе. За жал, оваа колективна траума ќе нѐ следи. Допрва следи медицинскиот третман на тие кои го преживеаја сето ова, од многу аспекти. Допрва треба ние како држава да се грижиме за здравјето и на тие семејства, но и на повредените. Но, уверен сум, добро беше што донесовме таква одлука, голем дел од повредените да ги транспортираме. Длабоко сум убеден во способноста на нашите доктори, им благодарам за сѐ што направија и знам што правеа тој ден. И знам со каква саможртва се посветија на сето ова во деновите кои следеа. Но, сите ние, откако поминаа неколку дена, констатиравме дека ако така не реагиравме, ќе имавме многу повеќе починати луѓе“.

    Оваа трагедија, заедно со претходните, е поврзана со корупција во институциите кои изадваат лиценци, дозволи, документи…, а случајот со „Беса транс“ веќе бил најава дека е можно да се случи нова трагедија.

    „Ова е мој субјективен одговор. Тоа што го затекнавме на 24 јуни 2024 година беше распадната држава и систем којшто е инкриминиран, криминализиран, корумпиран и во фаза на распаѓање. Од најниско до највисоко ниво. Ова го зборувам со полна одговорност. Во состојба, кога за првпат можеби во независна Македонија сметката на Владата е во негатива, и во услови кога секојдневно имате притисок од доспеани побарувања од овој систем кој сте го наследиле, треба да носите одлуки и да дефинирате кои приоритети ќе бидат дел од вашите одлуки. Затоа, со алатките со кои располагате не можете веднаш и сѐ да промените. Да, овој процес на рестартирање, на ресетирање на системот, ќе потрае. Ја креиравме нашата стратегија во три чекори. Првиот беше – ајде сега да се обидеме слободното паѓање да го сопреме. Во што мислам дека успеавме. Второ, ајде да се обидеме со крупни чекори, колку е можно побргу да стигнеме до точка нула. И мислам дека се движиме до таа точка. И трето, откако ќе дојдеме до точка нула, со уште поголеми чекори да газиме напред, за да почнеме да ја развиваме државата, да личиме на држава. Тие процеси не беа лесни“.

    На прашањето како ќе се дојде до промени, кога на локално ниво играчите од угостителскиот сектор се многу важни, им носат пари на сите партии, а тие партии потоа треба да направат ограничувања за коруптивните дејства, Мицкоски одговара:

    Најодговорно тврдам дека ниту јас лично, ниту моите сработници имаат било какви бизнис релации со луѓето што имаат кафулиња, ноќни клубови, дискотеки, кабареа… Најодговорно тврдам, но тоа би го проширил и во поширока смисла, во поголем периметар, не постои човек ниту во Македонија, ниту надвор кој може да ме погледне в очи и да ми каже дека било кога, за било што финансиски ме мотивирал или ми помогнал за време на изборен процес. Но, од друга страна, факт е дека тоа се институции кои влијаат врз економските текови на државата. Како земја имаме најнизок данок на додадена вредност во регионот, а и во Европа, логично е дека тој бизнис учествува во полнењето на буџетот, односно е дел од економијата. Со самото тоа угостителството има свој процент во БДП. Сега, ако сте вие во мои чевли, ќе имате една дилема. Одиме на стриктно спроведување на законите, а мораме, тогаш дали 20-30 проценти од тие објекти ги исполнуваат условите. Еве, во Скопје навечер немаме сега ноќен клуб што работи по еден часот. И голем дел од нашите сограѓани, за да се забавуваат, викендите ги користат во соседството. Така директно ја помагаат економијата во соседството. Да, економијата ќе трпи, но не можам да си дозволам уште едно такво утро, кое не треба никому да се случи. Затоа, одлучивме стратегијата да ја темелиме на сите последици што може да ги има нашиот буџет и БДП, да ја темелиме на тоа – или ќе поставиме еднаш засекогаш основа па ќе градиме нешто, или подобро да не нема“, категоричен е Мицкоски.

    Линк од целата емисија

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично