ПОВЕЌЕ

    Граѓаните во март повлекле пет милиони евра од своите заштеди во банките

    Време зa читање: 5 минути

    Во март, за 53,86 милиони евра се зголемиле вкупните депозити доверени кај домашните банки. Нивото на кредитната задолженост од страна на компаниите и населението, е поткренато за 81,46 милиони евра. Процентуалниот раст е за 0,6%, односно 1,0%.

    Банките располагаат со депозити од 9,73 милијарди евра, кои за една година се повисоки за 12,7%. Врз ваквото движење поизразит е стимулот што доаѓа од секторот домаќинства, покажуваат податоците од Народната банка за монетарните движења во март. Корпоративниот сектор, пак, има поголемо влијание врз зголемувањето на кредитната поддршка, кое на годишна основа е 12,3%. И достигнува износ од 8,2 милијарди евра.

    За 312 милиони денари или за пет милиони евра се пониски депозитите на граѓаните во банките. Кредитите се зголемени за 2.823 милиони денари, што е еднакво на 45,9 милиони евра.

    Вкупните депозити на домаќинствата се 400.473 милиони денари (6,511 милијарда евра) и во март се намалени за 0,1% во споредба со февруари (6,516 милијарда евра). Објаснувањето на НБРСМ е – промената, пред сѐ, се должи на падот на депозитните пари, при помал пад и на долгорочните депозити во странска валута, додека краткорочните депозити во денари и во странска валута и долгорочните депозити во денари забележаа раст. Влоговите на граѓаните се зголемени за 12,9% на годишна основа.

    Истовремено, месечната разлика кај задолженоста е плус 1,1%, додека годишната 9,6%. Кредитите на домаќинствата изнесуваат 254.722 милиони денари (4,14 милијарди евра). Ова произлегува од зголеменото кредитирање, во кое доминираат позајмувањата во домашната валута.

    Во март, за повеќе од 20 милиони евра се поголеми најбараните – потрошувачки кредити. Тоа претставува раст од 1,0%, додека годишното позитивно поместување е за 9,2%. Оттаму и вкупната сума од 130,831 милион денари (2,12 милијарди евра).

    Зголемена е и побарувачката на станбените кредити, за 1,6% на месечна и за 13,9% на годишна основва. Нивниот износ во март е 97,468 милиони денари (1,58 милијарди евра).

    Интересот за автомобилските кредити е во тренд на опаѓање уште од третиот лански квартал. Од февруари до март годинава има осипување за 1,1%, при што се на нивото од 412 милиони денари (6,69 милиони евра). Годишниот раст е за 3,4%.

    И на месечно и на годишно ниво се намалува задолженоста преку употребата на кредитните картички. Мартовскиот износ е 8,603 милиони денари (139,9 милиони евра), а падот се бележи со 0,8%, односно 9,0%.

    Кај минусните салда на тековните сметки, кои во март се 6,658 милиони денари (108,26 милиони евра), има месечен раст од 5,1%. Затоа, пак, негативно е годишното движење, или има осипување за 2,4%.

    Кредитите одобрени на граѓаните по други основи достигнуваат 1,523 милиони денари (24,76 милиони евра). И за нив има помал интерес, за 0,3% на месечна и за 8,2% на годишна основа.

    Податоците на Народната банка кои се однесуваат на корпоративниот сектор, покажуваат дека депозитите бележат месечен раст за 3,0%, првенствено „поради повисоките краткорочни депозити во странска валута, при дополнителен раст и на краткорочните депозити во денари, додека останатите компоненти бележат пад“.

    За три проценти се зголемиле вкупните депозити на корпоративниот сектор во март. Се работи за износ во денари од 170,788 милиони, а во евра 2,77 милијарди. На годишна основа растот е 13,3%. Во поголем дел се должи на зголемувањето на краткорочните и девизни и денарски депозити, како и на депозитните пари.

    Потребата за пари на компаниите во март ги зголемила кредитите за 0,9%. Вкупната сума што ја имаат на користење е 247.077 милиони денари (4,01 милијарда евра). Годишната промена се означува со 15,3%. Движењата во целост произлегуваат од повисокото кредитирање во денари, во услови на пад на девизните кредити.

    Од Народната банка информираат дека во текот на март паричната маса се зголемила за 0,6%. Како што се посочува – „во најголем дел како резултат на повисоките краткорочни депозити, при помал раст и на готовите пари во оптек, во услови на пад на депозитните пари и долгорочните депозити до две години“. Годишниот раст е за 10,9%. Или, паричната маса е во износ од 578,562 милиони денари, односно 9,4 милијарди евра.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично