Advance Edge е партнер на стартап и на малите бизниси, кој им помага во креирањето на финансиските стратегии и ги подготвува за настап пред потенцијалните инвеститори. Зад сето тоа стои Елена Гинали, мајстор за финансиски инженеринг и нејзиното повеќе од еднодецениско искуство како CFO во Велика Британија. За значењето на добрата финансиска структура и за помошта што им ја обезбедува на фирмите со потенцијал за брз раст, зборува во New Biz Podcast.
Гинали, која отсекогаш ги сака бројките, мотивирана од постигнатиот успех во голема корпорација, влегува во претприемничките води за да им овозможи и на други да успеат. Притоа, упатувајќи ги како да ги избегнат најчестите грешки и да создадат одржлив раст. Како што вели, финансиите не и се туѓи, затоа што потекнува од семејство во кое таа професија се пренесува генерациски.
„Доаѓам од фамилија каде што сум трета генерација во финансиите, отсекогаш само за тоа се зборуваше. Бројките се нешто што го сакам, го разбирам, но поинтересно ми е структурирањето на бизнисот и тоа како се одвиваат бизнис процесите, со цел да се максимизира тоа што се случува во компанијата. А, бројките се само показател, некој вид дијагностика. Отсекогаш знаев дека тоа ми е трасираниот пат“, вели Гинали, која по студиите влегла во светот на сметководството.
Стекнатите знаења треба постојано да се надградуваат, а потрагата по новото не запира.
„Сметководството ми беше некој патоказ за тоа што се случува внатре во компаниите, како зборуваат бројките… Интересот за бројките не запре тука. Постојано сакав нешто ново, а уште во средношколските и факултетските денови сакав себеси да се видам како менаџер. Сакав да видам како еден менаџер може со помош на луѓето да ги оствари визијата и зацртаното во бизнисот. Во моментот кога станав менаџер почнав посериозно и себеси да се сфаќам и комплетно ми се смени мајндсетот“.
Кога работата тапка во место, потребо е да се направи рез и да се тргне кон промените. Не треба да се чека, порачува Гинали, говорејќи за моментот кога ја донела големата одлука – да излезе од корпорацијата и да започне свој бизнис.
„Во моментот кога видов до каде ми одат способностите, посакав да го мултиплицирам успехот и да го направам тоа за многу повеќе фирми. Секогаш прво скокам па викам оп, меѓутоа некогаш не мора да си целосно подготвен за тоа што те очекува. Ако чекаме да сме целосно спремни, можеби никогаш нема да си ги оствариме соништата. За мене една недела беше пресудна, донесов две одлуки за да излезам од некој лавиринт на случувања кои ти велат дека нешто тапка во место и дека сакаш да излезеш од зоната на конфорот и да се обидеш да создадеш нешто ново“.
Сепак, вели, не била подготвена за прифаќање на поразите, кои ги има секогаш кога се почнува нешто ново.
„Секогаш некој ќе ти рече ‘не’. Меѓутоа научив, скоро една година подоцна, дека секое ‘не’ е всушност прилика да се создаде нешто повеќе, нешто подобро, и да се обидеш пак. Зашто, кога се навикнуваш на победи не си доволно созреан да ги прифатиш тие предизвици, ама со текот на време се учи и тоа“.
Исто така, посочува дека не било едноставно да се напушти структурираната форма на корпорација, големиот тим, познатите повторливи процеси.
„Најтешко е кога веќе си во некоја дефинирана структура, постојано си меѓу луѓе, постојано ѕвони телефонот, постојано некој зависи од тебе, а потоа си на почетокот во претприемништвото, во свој стартап и одеднаш, тишина, која знае да биде застрашувачка на моменти. Но, гледав да го фокусирам времето на тоа да се надоградувам, да се усовршувам кариерно“.
А, се фокусирала и на бизнис-планот врз кој ќе се формира и развива Advance Edge Consulting.
„Уште на првиот бизнис план запишав дека аутсорсинг на финансии ќе ми биде во доменот на основата na Advance Edge. Но, исто така, нешто што секогаш сакав да го правам е да држам предавања, обуки и на некој начин да го демократизирам знаењето, кое ако го споделуваш уште повеќе се мултиплицира. Така што во првиот бизнис план покрај аутсорсингот беше и адванс тренинг како концепт, со цел сѐ што ќе се учи во странските компании да се применува и да се носи и на домшниот пазар. Со тоа ќе им се отворат вратите и на многу млади професионалци, да имаат некоја предоснова за тоа кога ќе влезат во странска фирма полесно да се вклопат. Првиот бизнис план комплетно го ишкртав, увидов дека – ако се поставиш надвор од границите на тоа што е убаво и што е фино, и почнеш навистина да работиш кон тоа што е големата визија, тогаш е навистина предизвикувачки и само така се доаѓа до одредени резултати“.
Големата визија, пак, за Advance Edge Consulting е да биде парнер на бизнисите и регионално и глобално.
„Advance Edge е партнер на фирмите кој им помага да созреат, да се осознаат, особено на тие кои брзо растат и скалираат, да оформат внатрешен инженеринг којшто ќе им помогне да го поднесат сето тоа брзо растење и вртлогот на динамиката, затоа што многу фирми не се спремни за тоа, па сме виделе и како пропаѓаат. Во доменто на партнерскиот однос сакам да се позиционирам на пазарот регионално, но и глобално, затоа што UK пазарот ми е голем таргет, каде што навистина ќе создадеме една база на сојузници. Квалитетот на услугите што ќе ги понудат не само во доменот на финансиите, ќе биде светски“.
Сѐ повеќе компании бараат да се направи реална проценка на бизнисите, вели Гинали.
„Многу компании сакаат да бидат евалуирани. Денес, со помодерниот пристап на претприемништвото, се гледа егзитот на фирмата. Ние што доаѓаме од потрадиционалната сфера на претприемништвото правиме бизнис за да трае 30, 40 и повеќе години, да е нешто стабилно што храни фамилија. Но, во модерниот сектор и во динамиката на новото претприемништво многу често се гледа – да направам бизнис кој ќе биде што повреден за да го продадам што подобро. Така што тоа сега е една од најбараните работи во базата на финансиите, да се процени, да се евалуира колкава е вредноста на пазарот на една фирма“.
Промените и динамиката се одразуваат и кај семејните бизниси, односно генерациското продолжување сега е забележливо во трговијата.
„Во трговскиот сектор се наследуваат компании, затоа што трговијата не изумира. Меѓутоа, во сервисниот сектор многу се менуваат услугите. Се модернизираат, се автоматизираат. И да има некоја традиционална фирма што ја водат родителите, голема е веројатноста дека децата или ќе ја прераснат во нешто ново, помодерно, пософистицирано. Многу често такви фирми има и од финансии, сметководство, индустриите, каде што наследниците навистина ги трансформираат неверојатно фирмите и ги автоматизираат… Но, има и такви кои во сосема други води сакаат да се видат, затоа што има премногу интересни работи на пазарот и премногу работи во кои секој има свој талент и сака да развие нешто ново што досега го нема. А, со помош на сите информации што се достапни и на сите алатки, сѐ полесно е самиот да станеш создавач на некој нов продукт, услуга или технолошко решение“, вели Елена Гинали.
Целата епизода и слични на оваа се достапни на New Biz Podcast.