Како инвеститорите можат да ги идентификуваат вистинските стартапи за нивните инвестиции? Како стартапите можат да пристапат до финансиски средства и да ги презентираат своите идеи пред потенцијалните инвеститори? Каква е важноста на мрежите на бизнис ангелите во поврзувањето на инвеститорите и претприемачите? Во оваа епизода на New Biz Podcast – Наташа Велковска разговара на овие теми со Гого Рафајловски од Zephyr Angels.
Zephyr Angels е неексклузивна мрежа на бизнис ангели која поддржува нови претприемачи и го забрзува развојот на македонскиот стартап екосистем. Нудат вредност на инвеститорите преку дефинирање на договори, поврат на инвестицијата и можноста да придонесат кон развојот на екосистемот
Рафајловски објаснува ако сте инвеститор како да изберете вистинската идеја во која што ќе инвестирате или кој е вистинскиот стартап кој што одговара на вашата потреба за инвестирање, а наспроти тоа ако сте старт-ап, како да стигнете до финансиските средства за да ја развивате вашата идеја. Во оваа епизода тој ја раскажува и својата приказна за Zephyr Angels.
„Морам да кажам дека мојата приказна тргна сосема случајно. Јас секогаш велам во оваа индустрија влегов случајно, но останав намерно. Мојата приказна е дека уште во студентски денови почнав да работам на еден проект, којшто беше натпревар за најдобар бизнис план. Еден професор случајно ни рече дека постои можност да се натпреваруваме како студенти на општинско и на регионално ниво. Ние колегите и колешките направивме еден тим и една регуларна бизнис идеја. Не беше нешто спектакуларно, не беше фантастично или, пак, не мислевме дека ќе го менуваме светот. Но се пријавивме на натпреварот и почнавме да правиме анализи за тоа каков ќе биде бизнисот, што треба да се направи, потребни инвестиции, како ќе расте, ќе се развива, како ќе правиме пари. И победивме на локалниот натпревар. На регионалниот натпревар ми се чини дека не освоивме второ или трето место, не се сеќавам. Но тогаш сфатив дека ова ми се допаѓа, може да биде интересно во однос на старт-апи, како се прават инновации, како можеш да креираш бизнис од само идеја. И баш така, спонтано влегов во овој свет. Немав некој репер, нитук пак големи познавања од старт-ап индустријата“, раскажува Рафајловски.
Тој го профолжува своето раскажување за неговите почетоци и за Zephir Angels, велејќи дека започнал пред повеќе од 20 години, и дека екосистемот, и условите за започнување бизнис тогаш биле драстично поразлични од она што се сега.
„Морам да кажам дека моето прво вработување во ова индустрија беше токму пред повеќе од 20 години во старт-ап центар. Имаше една организација која што беше холандски проект, која што покренуваше во тоа време старт-ап центри, кој што им помага на младите да започнат бизнис, и така влегов во приказната на старт-ап центар во Битола, и од таму нашата мисија, односно цел беше да обучиме млади луѓе што сакаат да основат бизнис со одредени вештини, алатки и знаење за да го почнат тој бизнис со малку поголем буст на тогаш почетен капитал. И така влегов во ова индустрија, односно така почнав да им помагам на старт-апите, односно таму направивме бизнис инкубатор, на времето тоа беше релативно нова приказна, малку луѓе знае што прават инкубатори, како се развиваат стартапи. И така ја почнав мојата кариера во таа насока, односно работев и на други предакцелераторски, акцелераторски програми, работев и во технолошки парк, така да речам повеќе од 20 години сме на оваа страна на луѓето и на организациите што помагаат старт-апи, и со гордост можам да кажам дека имам менторирано повеќе од стотина бизниси низ оваа кариера“, додава Рафајловски
Многу малку луѓе знаат што прават акцелераторите, што се случува таму, но и кој е за таму? Рафајловски вели дека акцелераторите и инкубаторите во принцип имаат задача да ги подготват старт-апите за бизнис светот. Тоа значи дека во бизнис инкубатор или акцелератор најчесто можеш да влезеш со основна идеја.
„Обично тоа се програми кои што се спакувани по теми. За да не одиш низ формално образување или да не потрошип 4-5 години сам за да се подготвиш да почнеш бизнис и да работиш и да водиш бизнис, акцелераторските и инкубаторските програми го прават тоа во еден заврзан тек. Тоа значи за некој 3 до 6, некаде и 9 месеци, се стекнува знаења, вештини, се вмрежуваш со луѓе и добиваш некоја инфраструктура или најчесто почетен капитал, за да можеш тоа рапидно да го направиш. И, всушност, тоа е улогата на програмите, да го забрзаат растот на старт-апите за почетниот временски период.
Целата епизода и слични на оваа се достапни на New Biz Podcast.