Трамп ја доби изборната победа врз база на МАГА планот (MAGA – Make America Great Again), во чии рамки царините имаа една од централните улоги. Трамп јасно комуницираше со домашната и со светската јавност дека ќе ги примени тарифите како орудие за постигнување на повеќе цели. Реобновата на американската индустрија беше една од главните цели. Примената на царините за другите земји сметаше дека ќе го поскапи увозот, со што ќе ги врати американските компании во САД и ќе привлече нови компании да инвестираат и отвораaт фабрики за повеќе домашни работни места. Повисокото индустриско производство на домашен терен го гледаше како извор на поголема конкуренција која ќе доведе до намалување на цените за потрошувачите. Воведувањето на царините требаше да го намали трговскиот дефицит кај стоките кој САД го имаат во континуитет со децении. Приходите од царините, истакнуваше, ќе дадат можност за намалување на останатите даноци во економијата, што ќе биде поволно за бизнисите и потрошувачите, и дека ќе служат за отплата и намалување на високиот американски долг. „Казнувањето“ на Кина беше комуницирано и јасно уште во првиот мандат на Трамп, кој смета дека Кина е најголем проблем за трговскиот дефицит на САД.
И, ги примени царините. Зошто изненадување и шок на финансиските пазари? Зарем оваа политика ја немаа вкалкулирано во нивните очекувања?
Некои гледаат дека причината лежи во примената на широкораспространетите царини, а за некои држави и значително високи царини на „Денот на ослободувањето“. Но, зошто Трамп и неговата администрација се одлучија за ваков чекор? За време на првата администрација на Трамп, наметнатите царини кон Кина за голем број стоки не го намалија вкупниот трговски дефицит на САД. Намалениот трговскиот дефицит со Кина, по воведувањето на царините беше компензиран со влошување на трговскиот дефицит со другите партнери. И, зарем не знаеја пазарите дека примената може да биде општа, но во суштина, насочена кон главните трговски партнери? Зарем беа уплашени од фактот дека нема да има преговори? Па, од ноември 2024 година во јавноста индиректно циркулира планот на Трамп (подолу во текстот).
Реакцијата на финансиските пазари на и по „Денот на ослободувањето“ беше панична, особено на берзите. Индексите на светските берзи се срушија, за по најавенатаа пауза на високите царини, американските акции значајно да вратат од загубите. „Берзата е барометар за расположението на инвеститорите насочен кон иднината и има тенденција да паѓа кога инвеститорите ќе почувствуваат колективна опасност. Стравот е дека царините ќе го намалат растот за јавно котираните компании и пошироката американска економија. Волстрит ги зголеми шансите за рецесија во САД“ (CNBC). Барометар на иднината, царините колективна опасност, варијабли кои постоеја и пред изборите, нели?
Панична реакција имаше и на пазарот на државни хартии од вредност во САД, каде што инвеститорите продаваа, што услови скок на каматната стапка на 10-годинишните државни обврзници, укажувајќи на драстично намалена довербата во американската економија поради растечката загриженост за влијанието на царините.
Е, тука прашањето е: зарем никој дотогаш го немаше оценето влијанието на царините на Трамп врз база на кои ги доби изборите во САД? Или, пак, сите се надеваа дека нема да ги примени и да започне трговска војна? Или, пак, ги имаа оценето ефектите и сега реагираат на нив? Лидерите на финансиските пазари го знаат тоа. Она што е јасно, реакцијата на Трамп следеше по поскапувањето на државниот долг, падот на заштедите на инвеститорите на мало и сега гласните укажувања дека царините ќе имаат негативно влијание врз економијата и инфлацијата. „Горд сум што сум претседател на работниците, а не на аутсорсери; претседател кој се залага за Мејн Стрит, а не за Волстрит; кој ја штити средната класа, а не политичката класа; и кој ја брани Америка, а не трговските измамници низ целиот свет“ – ќе каже Трамп.
И сега, ако некому не му е јасно, од сега ќе му биде јасно дека особено во САД државата во голем степен е водена од силата на финансиските пазари. Така беше и за останатите не толку далечни кризи т.е за време на глобалната финансиска криза, за време на должничката криза во Еврозоната, за време на пандемијата. Тие креираат правец на монетарната и фискалната политика, а сега креираат трговска политика. Реакцијата на финансиските пазари (најмногу на пазарите на капитал и на девизните пазари) прати порака дека планот на Трамп за преструкуирање на глобалната трговија и домашната економија ќе биде тежок, зашто нив ги има во равенката. Дали неговата посветеност како претседател на Мејн Стрит (на обичниот Американец), а не на Волстрит ќе опстои, во очекување ќе видиме. Јасно беше дека револуцијата на Трамп со царините е за адресирање на долгогодишните нерамнотежи во САД (за тоа во некоја друга прилика). Кога менуваш нешто што е вкоренето, треба време и енергија. Трамп ја има, но го нарушува комодитетот на глобалниот поредок.
И сега, за планот. Трудот на Стивен Миран од ноември 2024 година, кој оттогаш е назначен за претседател на Советот на економски советници на САД, имплицитно укажува на планот на Трамп. Трудот е насловен “A User’s Guide to Restructuring the Global Trading System“ или „Водич за реструктуирање на глобалниот трговски систем“, во кој Миран тврди дека преценетиот американски долар е причина за големиот трговски дефицит на САД. Според него, ребалансирањето на глобалната трговијата и трансформирањето на САД од нето-увозник во нето-извозник базира на идејата за координирана девалвација на американскиот долар во замена за намалени царини за клучните економии. Миран смета дека валутниот договор со големите економии би можел да вклучи и замена на краткорочните американски државни обврзници за 100-годишни државни обврзници, кои не носат камата, што би го растеретило финансирањето на високите трошоци за американската војска која ја има низ целиот свет. Спогодбата се нарекува Мар-а-Лаго (по одморалиштето на Трамп во Флорида) и се поистоветува со Спогодбата Плаза од 1985 година во која сојузниците на САД, Германија, Јапонија, Велика Британија и Франција се согласија во хотелот Плаза во Њујорк заеднички да го девалвираат американскиот долар за да ги зголемат индустриските перформанси на САД.
Според мене, малку е веројатно дека денес лидерите на државите и на централните банки на клучните трговски партнери на САД би се вклучиле во таква валутна спогодба. Денешницата е многу поразлична од пред 40 години. Глобализацијата е на висок степен, а тивката и систематична Кина е новиот глобален играч. Сепак, американскиот пазар е голем и тешко кој би сакал да го изгуби.
Во истиот труд Миран напиша дека значајните економии како што се Кина и оние во Европа сега би биле помалку подготвени да се приклучат кон нов договор и затоа царините може да бидат корисна алатка за преговори. Исто така, пишува: „Претседателот Трамп ги смета царините како генерирање преговарачка предност за склучување договори“. И така се случи. Трамп натера повеќе светски лидири на маса, со исклучок на Кина. Јавно порача дека висината на царините не е самостојна тема во разговорите (слободната трговија помеѓу САД и земјите), туку и останатите трговски бариери и манипулациите со валутите. Дали ќе успее, останува да видиме.
Маја Кадиевска Војновиќ