ПОВЕЌЕ

    Земјоделци сѐ помалку, храна од увоз сѐ повеќе

    Време зa читање: 8 минути

    Нивите обраснати со плевел, а на пазарите и во маркетите увезена храна. Тоа е реалноста со која Македонија се соочува години наназад. Само за една деценија работната сила е преполовена, производството се намалува, а потребите се задоволуваат со увоз, кој минатата година го надмина прагот од една милијарда евра. За тие пари, од 119 земји ширум светот кај нас пристигнале 784.841.000 килограми разно-разни прехранбени производи.

    Државата не е способна самата да си обезбеди храна. Уште полошо, не презема конкретни мерки да го спречи или да го забави овој погубен тренд за домашното земјоделско производство. Од 2014 до 2024, во просек, годишната потреба за увоз се зголемувала за 10.832 тони. Паралелно со тоа, растат и сумите што се одлеваат во странство. Просечно, за околу 54,95 милиони евра годишно во изминатата деценија. Истовремено, во секторот земјоделство, шумарство и рибарство бројот на активните лица е намален за 51,12 проценти. Податоците на Државниот завод за статистика што ги анализира порталот Пари, се загрижувачки.

    Во последната деценија, бројот на ангажираните во земјоделскиот сектор се намалил за повеќе од половина, што е сериозен сигнал за состојбата во оваа стратешка гранка. Намалениот интерес за работа во земјоделството е резултат на неколку клучни фактори, меѓу кои се ниските приходи, несигурниот пласман на производите, недоволната поддршка за малите земјоделци, недостатокот на системски решенија за социјална заштита, негативното влијание на климатските промени, изразениот тренд на иселување. Земјоделството не е атрактивно како дејност за младите и воопшто, за целото население во државата“, вели Билјана Петровска – Митревска, проект менаџер во Националната федерација на фармери.

    Овој сектор, и покрај осипувањето, е меѓу трите најзначајни, по преработувачката индустрија и по трговијата (и на големо и на мало), според можностите за работа и вработување. Официјалните бројки покажуваат дека во овој, од витално значење за секоја земја, сектор, лани лебот го ваделе 62.287 лица. Пред десет години, во таа графа биле запишани 127.438 вработени.

    Најголемиот дел од нив се ангажирани во деловни субјекти кои се во приватна сопственост – 60.135 лица, а останатите 2.152 лица во фирми во друга сопственост.

    Што се однесува до неформалната вработеност, опфаќа вкупно 39.118 лица. Како вработени се водат 3.787, има 16.267 вработени за сопствена сметка, како неплатени семејни работници статистиката лани регистрирала 19.018 лица.

    Десет години порано, овој сектор бил вториот по важност, веднаш позади преработувачката индустрија. И, во целосната структура на вработеноста партиципирал со 18,5 проценти. Во тоа време 124.603 (97,8%) бил бројот на вработените во приватните фирми, а 2.835 во друга сопственост.

    Ангажираните биле на сите возрасти: од 15 до 24 години – 12.279 лица; од 25 до 64 години – 111.018; над 65 години 4.141 лице.

    Каде се овие луѓе?

    Поголемиот дел се најверојатно некаде во странство, други се овде, но работат нешто сосема друго, а тие што останаа се повозрасни генерации, кои не се многу заинтересирани за работа во земјоделието, вели професорот по социологија, Илија Ацески, кој причините за ваквата состојба ги лоцира и во тоа што Македонија веќе подолго време нема аграрна политика.

    „Не ги следиме модерните текови на механизацијата, на современата обработка на земјата. Каде што младите нема да се чувствуваат ниту ограничени, ниту понижени, туку ќе заработуваат и ќе бидат корисни за општеството“, нагласува професорот.

    Со секоја измината година, за речиси 11 илјади тони во просек, расте потребата од прехранбени производи, кои дома ги нема, па мора да се увезат. А, за тоа на секои 365 дена се надодаваат, просечно, дополнителни 55 милиони евра.

    Па, од 676.518.000 килограми храна и живи животни, кои во 2014 чинеле 517.790.000 евра, се доаѓа до минатогодишниот резултат: увезени 784.841.000 килограми во износ од 1.067.298.000 евра. За една деценија разликата е близу 550 милиони евра.

    Најголемата увезена количина е забележана во пандемиската 2020 година, од речиси 802 илјади тони. За нив биле платени над 665 милиони евра.

    За разлика од увозот, кај извозот на храна и живи животни нема големи поместувања. Количините, може да се каже дека се урамнотежени. Се движат од 429.757 илјади тони во 2023 до 508.237 илјади тони во 2019 година. Од аспект на вредноста, највисок износ е остварен лани, од 545,4 милиони евра, а најнискиот од 293,5 милиони евра датира од 2014 година.

    Како и да е, негативниот ефект е на нашата страна. Лани сме увезле храна за повеќе од милијарда евра, а од извозот сме инкасирале двојно помалку. Поточно, имаме минус од 521.889.000 евра.

    Лани, во Македонија пристигнала храна од 119 земји. Најмногу од Србија – скоро 297 илјади тони за кои се одлеале над 207 милиони евра. Меѓу нашите големи „хранители“ има уште две држави од некогаш заедничката ЈугославијаБосна и Херцеговина и Хрватска. Всушност, увезуваме од сите братски републики: од Словенија за 22,6 милиони евра, од Црна Гора за 1,8 милиони евра, а од Косово – за безмалку 11 милиони евра.

    „Трендот на намалување на активните земјоделци неминовно доведува до намалено домашно производство на храна, што резултира со зголемен увоз на земјоделски производи. Податоците покажуваат дека секоја година потребата за увоз расте, што укажува на потребата од итни мерки за ревитализација на земјоделството.

    Ние како Национална федерација на фармери се залагаме земјоделството да се третира како професионална дејност, а не како социјална категорија. Потребно е подобрување на статусот на индивидуалните регистрирани земјоделци, со цел да добијат целосни права на здравствено осигурување, кои во моментот ги уживаат правата на здравствените услуги и имаат право на минимална пензија, а немаат право на породилно отсуство и боледување како системско решение“, истакнува Петровска – Митревска.

    Паралелно со деценискиот пад во аграрниот сектор се реализираат и државните субвенции, практика започната во 2006 година. Помош се дели веќе 19 години, но се чини, парите не паѓаат на плодна почва. Годишно, по таа основа државата троши од сто до 130 милиони евра. Или, во последнава деценија се распределени повеќе од една милијарда евра, кои не успеаја да креираат позитивна слика. Всушност, има големи злоупотреби, за што беа отворани истраги.

    Стручњаците одамна сугерираат дека треба да се менува моделот на субвенционирање. Наместо суми одредени врз големината на обработените површини, репер да бидат произведените количини. Тоа ќе го стимулира производството, ќе го зголеми и сточниот фонд, а бенефит ќе имаат сите.

    Политиките, мерките и субвенциите треба да бидат креирани во насока на јакнење на малите земјоделци, чија основна дејност е земјоделството, за да можат да произведуваат поголемо количество земјоделски производи што ќе го снабдуваат нашиот домашен пазар. Треба да се развиваат и јакнат синџирите за снабдување со храна од домашното производство. Субвенциите треба да бидат насочени кон развој на малите земјоделски производители, кои претставуваат 98 проценти од земјоделските домаќинства. Поддршката мора да биде во насока на зголемување на производството, прилагодување на новите климатски услови и развој на откупни центри и преработувачки капацитети“, посочува Петровска – Митревска.

    Исто така, ја нагласува потребата од вложување во модернизација на земјоделската инфраструктура, вклучувајќи наводнување, одводнување и патишта, како и воведување нови технологии. А, како особено важни ги наведува и: развојот на домашните  преработувачки капацитети за да се зголеми додадената вредност на домашните земјоделски производи и да се намали увозот на финални производи; воведување гарантни фондови и поволни кредитни линии за земјоделците преку банките; едукација и поддршка за развој на економските форми на здружување, како механизам за зајакнување на малите производители и обезбедување на нивниот пристап до пазарите.

    Статистичките бројки се алармантни. Замира ли македонското земјоделие?

    „Македонското земјоделство не смее да замира. Напротив, потребна е сеопфатна стратегија за негов развој и одржливост. Овој сектор е клучен за економијата и за прехранбената безбедност на државата, а со соодветни политики и поддршка може да стане двигател на руралниот развој и на економскиот напредок“, децидна е Билјана Петровска – Митревска од НФФ.

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично