Големи се туристичките и бизнис можностите на Охрид. Локалниот економски развој е од извонредно значење, пред сѐ, во однос на можностите кои обезбедуваат поголем квалитет на животот на граѓаните. Затоа, имаме постојана соработка со бизнис секторот, а Општината активно работи на дигитализација на услугите, како и за подобрување на патната и комуналната инфраструктура, вели градоначалникот Кирил Пецаков.
Пари: Во 2024 на територијата на Општина Охрид се регистрирани 321 нови правни субјекти, за 61 повеќе од претходната година. Како ја коментирате оваа промена?
Пецаков: Зголемениот број на нови правни субјекти кои се регистрирани во Охрид се значаен позитивен показател за подобрување на економската состојба во нашата Општина. Ова, пред сѐ, се должи на поволната деловна клима, развојот на трговијата, услужните дејности и зголемените можности за самовработување.
Пари: Колку Општината придонесува во креирањето на деловниот амбиент? Колкави се можностите и ингеренциите?
Пецаков: Како локална самоуправа, нашите ингеренции најмногу се насочени кон обезбедување на ефикасни административни услуги и подобрување на инфраструктурата која е клучна за бизнис развој. Општината активно работи на дигитализација на услугите, подобрување на патната и комуналната инфраструктура, како и континуирана соработката со бизнис заедницата.
Пари: Во Вашиот мандат што сѐ е преземено во насока на стимулирање на бизнис иницијативата?
Пецаков: Локалниот економски развој е клучен за подобрување на квалитетот на живот и затоа имаме постојана соработка со бизнис секторот.
Секторот за ТЛЕР редовно реализира мерки за субвенционирање на одредена категорија занаетчии, исто така имаме повици за стручни обуки за невработени кои се реализираат во соработка со Работничкиот универзитет „Кузман Шапкарев“, со цел стимулирање на социјалната интеграција, намалување на невработеноста и подобрување на квалификациите за идно вработување. Исто така, даваме поддршка и на микропроекти во делот на локалниот економски развој и развојот на туризмот.
Пари: Имате ли увид која дејност, освен туризмот, е најатрактивна за стартување бизнис?
Пецаков: Покрај туризмот, кој останува доминантен, во пораст е интересот за угостителството, трговијата, занаетчиството и услужните дејности поврзани со еко-туризмот. Претприемачите го препознаваат потенцијалот на локалниот пазар, но секако, атрактивен е и за многу фирми кои отвораат свои претставништва во Охрид.
Пари: Дали градежништвото е меѓу нив, со оглед на реалната слика потврдена и со бројките од државната статистика, дека по Скопје, Охрид е градот каде што најмногу се гради?
Пецаков: Поради своите туристички потенцијали Охрид отсекогаш бил атрактивен за инвестиции во градежништвото. Општината секогаш се залага развојот на градежништвото да биде плански и усогласен со еколошките стандарди, културното наследство и потребите на граѓаните.
Пари: Со какви проекти конкурираше Општината за средства од унгарскиот заем?
Пецаков: Општина Охрид доби поддршка за сите 10 проекти со кои аплицираше на првиот јавен повик за финанасирање на инфраструктурни проекти на Владата. Процесот на реализација на инфраструктурните проекти тече согласно предвидените рокови. Во финална фаза се проектите за реконструкција на улици во село Пештани; реконструкција на улица во село Подмоље; реконструкција на улица во село Опеница која води до црквата „Свети Кузман и Дамјан“; реконструкција на локален пат од крстосница за село Рамне до црква „Свети Атанасиј“. Во текот на наредниот период ќе бидат реализирани и останатите проекти кои се во интерес на граѓаните и ќе придонесат за подобри инфраструктурни и комунални услови.
Општина Охрид аплицираше и на вториот Јавен повик за финанасирање на инфраструктурни проекти од Владата. Тимовите во локалната самоуправа посветено работат на развојните проекти. Како и во првиот повик, и овојпат се фокусираме на инвестиции кои ќе придонесат за подобарување на квалитетот на живеење во целата општина. Тоа значи осовременување на сообраќајната и комуналната инфраструктура во приоритетните зони на урбаните и руралните населби. Посебен фокус е ставен на решавање на проблемот со паркирање во градот и проектот за изградба на катна гаража.
Пари: Кои се Вашите согледувања, што сѐ може и треба да се преземе за натамошен развој на Општина Охрид?
Пецаков: Фокусот треба да биде на одржлив економски развој, инвестиции во туризмот, поддршка за малите и средните претпријатија, дигитализација и инфраструктурни проекти што ќе ја подобрат конкурентноста на градот. Исто така, неопходно е да продолжиме со заштитата на природните и културните вредности, бидејќи тие се темелот на нашиот економски потенцијал.
Пари: Што се презема во насока на заштитата на природните и културните вредности, односно што е направено, а што не е во однос на препораките и предупредувањата од УНЕСКО?
Пецаков: Општина Охрид заедно со сите останати надлежни институции на централно ниво активно работи на заштитата и унапредувањето на природното и културното наследство, во согласност со препораките на УНЕСКО. Во целост се почитува Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, кој ги интегрира препораките. Посветени сме на почитување на одредбите од планот и секако, на законските процедури во однос на целокупното урбанистичко планирање.
Р.П.