И после повеќе од деценија ипол откако државата изгради стратегија за справување со застарениот и катастрофално лош начин на третман на отпадот во Македонија преку изградба на современи регионални депонии, работите не одминале многу подалеку од неколку иницијални чекори и – многу мртви слова на хартија. Место тоа, земјата се уште отпадот, чиишто количества од година в година се зголемуваат, го третира најпримитивно, фрлајќи го на неуредени депонии, а немањето сеопфатен систем за селекција и третман на отпадот низ децениите резултираше со повеќе стотици локации каде отпад фрла кој како стигне и со енормно загадување на животната средина.
Според планот, треба да имаме пет регионални депонии на територијата на Северна Македонија. Тие треба да се на следниве локации: Дрисла во Скопје, Мечкуевци во Свети Николе за североисточниот плански регион, Русино за Полошкиот регион, Мегленци, Општина Новаци е за Југозападен и Пелагониски регион и во Доброшинци ќе биде за Вардарскиот и Југоисточен регион.
Освен постојната скопска депонија Дрисла, која иако не задоволува ниту минимум критериуми за да ја носи титулата модерна регионална депонија, како-така опслужува поголем дел од потребите на главниот град за класично депонирање на отпадот, работите најдалеку се одминати во врска со изградбата на депонијата крај Свети Николе.
Поточно, има изработен проект, а деновиве Министерството за животна средина и просторно планирање објави дека рокот за доставување на понуди на тендерот за избор на компанија која ќе ја гради првата регионална депонија кај Свети Николе е продолжен, па така, наместо до 18 февруари, како што беше првично предвидено, компаниите кои се заинтересирани на тендерот ќе можат да се пријавуваат до 14 март.
Продолжувањето на рокот, според Министерството е со цел обезбедување доволно време за компаниите да можат да аплицираат, што е во интерес на реализација на проектот.
По завршетокот на тендерска постапка за избор на изведувач на работите, изградбата на Централна постројка за управување со отпад (регионалната депонија во Свети Николе), треба да биде реализирана за 18 месеци, односно до крајот на 2026 година, до кога е крајниот рок за користење на средствата кои Македонија ги доби од надвор за реализација на овој проект.
Обезбедени се и најголем дел од парите потребни за изградба на регионалните депонии. За депониите во Источен и Североисточен регион е одобрен грант од 40 милиони евра грант од ИПА фондовите на ЕУ, а за Југазападниот и Пелагониски регион, Југоисточен и Врадарски регион и Полошки регион 55 милиони заем од ЕБОР.
Катастрофалното доцнење со реализација на стратегијата за изградба на регионалните депонии делумно се должи и на отпорот на локалното население и на локалната самоуправа, која најпрвин во 2018 година ја спречи изградбата на претходно планираната регионална депонија во селото Годивје во областа Дебрца. Потоа закочи депонијата крај Мечкуевци, светиниколско, која требаше да се реализира уште пред неколку години, по неколкугодишни одолговлекувања од страна на Советот на Општина Свети Николе, што на крајот, во 2022 година резултираше со одлука на тогашната Влада да ѝ ги одземе ингеренциите на Општина Свети Николе за проектот за изградба на регионална депонија во Источен и Североисточен плански регион, откако градоначалникот Дејан Владев одби да ја прифати предвидената локација за депонијата.
Општина Свети Николе најпрво го одолговлекуваше поставувањето на свои членови во раководната структура на јавното меѓу-регионално претпријатие за управување со отпад „ЕКО ИСТОК-СЕВЕРОИСТОК“. Целосната функционалност на ова претпријатие беше услов од Европската Унија за да се распише тендерот за изградба на регионалната депонија кај селото Мечкуевци, па тоа значително го одложи распишувањето на тендерот.
На прашањето кое го упативме до Министерството за животна средина за реакциите на локалното население од светиниколско во чијашто близина треба да се гради депонијата, ни беше одговорено дека „реакции имаше но, МЖСПП, заедно со локалната самоуправа е на терен и ја информира засегнатат јавност за важноста на овој проект. Паралелно тече и ИПА проект кој има посебна задача за подигнување на свеста кај граѓаните и доставување на релевантните информации за проектот“, стои во одговорот на МЖСПП.
Оттаму информираат и дека активностите на заокружување на системот за третман на отпад во североисточниот плански регион сепак течат, дека е реализирана набавка на возила и опрема за собирање на отпадот за сите општини во двата региона во вредност од 8 милиони евра.
Од Министерството за животна средина и овојпат нагласуваат дека стравувањата на локалното население дека регионалните депонии ќе ги загадуваат и ќе влијаат негативно на нивниот квалитет на живот и на природата, се без основ и дека таа ќе биде изведена и ќе функционира според сите европски и светски стандарди. Целокупниот систем, кога ќе се заокружи, ќе има една централна постројка за управување со отпад (регионална депонија) која се состои од погон за селектирање, постројка механичко биолошки третман МБТ, депонија, постројка за компостирање, собирни центри и шест претоварни станици.
Натамошното пролонгирање на изградбата на светиниколската, како и на останатите четири регионални депонии, во меѓувреме, креира цела низа локални и регионални проблеми со отпадот. Така, застојот со депонијата кај Мечкуевци ги компликуваше состојбите со кочанската депонија, откако со одлука на Министерството за животна средина беа затворени ѓубриштата кои ги користеа општините Чешиново-Облешево, Зрновци и Виница, а нивниот отпад почна да се носи во најблиската депонија во Кочани, како привремено решение, додека да профункционира светиниколската депонија.
Ова кон крајот на минатата година предизвика гнев кај кочанските активисти, кои го блокираа влезот во депонијата поради тоа што таа честопати гореше и го загадуваше градот. Дури со интервенција на Министерството, трите општини продолжија да го одлагаат отпадот на кочанската депонија, но за тоа плаќаат надомест.
“Крајни корисници на овој проект се двата региона, општините и јавните комунални претпријатија и за таа цел повикуваме на максимална посветеност на Општините од Источниот и Североисточниот регион и на јавните комунални претпријатија во исполнување на обврските кои веќе ги имаат преземено за непречена реализација на проектите“, нагласуваат од Министерството.
Во рамките на подготовките за заокружување на регионалниот систем за третман на отпад на Североистокот, за овие два региони поделени се вкупно 3 923 контејнери и 41 камион за сите општини. Дополнително ќе следи опрема за претоварните станици и за самата регионална депонија, како и канти за примарна селекција на отпадот, информираат од МЖСПП.
Новинар: Југослава Дуковска
(Фото: Локацијата на идната депонија кај Мечкуевци/ Фејсбук)