ПОВЕЌЕ

    ШВАЈЦАРИЈА И ВРАЌАЊЕТО НА ТРАМП – Пораз за човековите права или ветар во грб за слободната трговија?

    Време зa читање: 8 минути

    Реизборот на Доналд Трамп за претседател на САД ги подели мислењата во Швајцарија. Многумина се плашат од последиците на оваа промена по глобалната политика, но и по просперитетот на нивната држава. Како земја која на прво место ги става чистата животна средина и демократијата, но и профитот, сигурноста, безбедноста на нејзините граѓани во време на ескалација на воени судири во светот, Швајцарија ни оддалеку не е имуна на промената на власта кај нејзиниот најголем економски и безбедносен партнер.

    Победата на Доналд Трамп за оваа алпска држава би значело воспоставување непринципиелен мир во војната меѓу Русија и Украина, ветар во грб на слободната трговија меѓу нивната земја и САД, но и воведување повисоки царини за швајцарските увозни стоки во Америка.

    Поделени реакции

    Реакцијата на швајцарските политичари по повторниот избор на Доналд Трамп за претседател на Соединетите американски држави, како што се очекуваше, беше поделена помеѓу левите и десните партии.

    „Трамп е закана за демократијата, мирот, правата на жените и заштитата на климата“ напиша потпретседателот на Зелената партија, Николас Валдер, на платформата X.

    Фабијан Молина, социјалдемократски члeн на Одборот за надворешни работи на Претставничкиот дом, исто така изјави: „Во време кога мултилатерализмот, заштитата на климата, демократијата и човековите права се глобално загрозени, вториот мандат на Доналда Трамп во САД е поразувачка вест за светот”.

    Десничарската Швајцарска народна партија, пак, зборува со поинаков тон. Парламентарецот Николас Коли е уверен во силните односи помеѓу Берн и администрацијата на Трамп.

    „Изборот на Трамп би можел да ја зајакне историската позиција на неутралност на Швајцарија“, тврди тој, додавајќи дека Швајцарија би можела да има улога на мировен преговарач ако Трамп се заложи да ги исполни своите ветувања дека ќе и стави крај на војната во Украина. Швајцарските медиуми исто така се фокусираа на речиси чудесниот „камбек“ на Трамп по низата обвиненија за случајот со гневната толпа која упадна во Конгресот во 2021.

    „Очигледно, сеќавањето на овие настани избледело за повеќето Американаци“, наведува „Ное Цурхер Цајтунг“. „Се чини дека за него не важат истите правила као за сите останати. И во оваа трка тој ги следеше своите инстинкти, не своите советници” – пишува весникот.

    „Сите знаат како овој човек функционира на власт“, пишуваат швајцарските гласила. „Повеќето Американци гласаа за него и покрај тоа што ги знаат овие факти. Решија да ја изберат јаснотијата, иако климава, наспроти нејаснотијата на другиот табор”.

    Важни се трансатланските релации

    Швајцарските дипломати, сепак, се на ставот дека фактот кој ќе ја преземе Белата куќа, многу малку ќе влијае врз Швајцарија. Независно од тоа дали американскиот претседател ќе биде демократ или републиканец, „релациите меѓу двете земји и натаму ќе останат одлични” – изјави некогашниот швајцарски амбасадор пред летово да го напушти Вашингтон.

    Како наредниот американски претседател ќе и пријде на меѓународната трговија и како ќе ги третира трансатланските релации и безбедноста, секако дека ќе има големо влијание врз Швајцарија која, иако не е членка на НАТО, се потпира на алијансата кога стаува збор за нејзината безбедност.

    Швајцарските експерти очекуваат дека трендот „Америка на прво место“, како што беше забележано и во претходната администрација на Трамп, и натаму ќе влијае врз неговата надворешна политика и агенда и по прашањето на безбедноста и на економијата.

    Американското лидерство во НАТО е незаменливо

    Во текот на својот мандат во Белата куќа, Трамп редовно ги критикуваше земјите на НАТО, чија потрошувачка за одбраната беша помала: 2% од нивниот БДП, вклучително Германија, Италија и Франција, наспроти Америка со скоро 3,5% од својот БДП издвоен за одбрана. Имено, САД вкупно придонесуваат со околу 70% во буџетот на НАТО.

    Во својата кампања Трамп јасно кажа дека под негово водство Америка „веќе нема да ги заштитува нејзините сојузници“, а во една прилика дури и изјави дека „ќе дозволи Русите да прават што сакаат“.

    Американските политиколози посочија дека Трамп нема да ја повлече Америка од НАТО, нешто што неколкупати се закануваше дека ќе го направи.

    „Сепак, Трамп го гледа НАТО како товар врз американските даночни обврзници и смета дека Америка ја плаќа европската безбедност”, велат тие.

    Сево ова се случува во време кога Швајцарија го реобмислува својот статус на неутралност и размислува за поблиска соработка со Алијансата.  Швајцарија нема интерес од слабо НАТО, особено не по руската инвазија на Украина. Редефинирањето на НАТО е нешто што длабоко би ги вознемирило швајцарските граѓани.

    Швајцарците стравуваат дека откако ќе биде инаугуриран, Трамп експресно ќе склучи договор со Русија за крај на војната. Според прогнозите, тој би можел да се обиде да ја присили Украина да прифати одредени барања – како отстапување на територии на Русија или да побара согласност оваа земја да остане надвор од ЕУ. Ако Америка ја притисне Украина да направи сериозни територијални отстапки, тоа би било сериозен меѓународен преседан кој би ги нарушил сите меѓународни права и принципи за територијалниот интегритет, како и Повелбата на ООН, која на Швајцарија и е многу важна.

    Можните драстични чекори на Русија и кон балтичките држави, ги загрижуваат Швајцарците, бидејќи тие ќе ја уништат европската безбедносна структура.

    Проблематичната Кина важен трговски партнер на Швајцарија

    Иако Харис и Трамп не се согласуваа околу трансатлантските односи, заеднички именител им е консензусот за ставање под контрола на Кина, која за САД е стратешки ривал.

    Швајцарија, пак, моментално е во преговори со Кина, нејзинот трет по големина трговски партнер, во правец на обновување на нивниот договор за слободна трговска размена, кој е на сила од 2014. Таа исто така не ги прифати санкциите против Кина наметнати од ЕУ и САД и од други држави  во врска со нарушувањето на човековите права на Ујгурите во оваа азиска земја.

    При владеењето на Трамп постои ризик Швајцарија да биде екскомуницирана поради овој ексклузивен, протекционистички однос кон Кина.

    Во текот на предизборната кампања Трамп говореше и за воведување високи царини од 10% или дури 20% за увезена стока – што создаде загриженост кај швајцарските компании, бидејќи САД се најголем извозен пазар за Швајцарија.

    „Стоката која ја извезуваме е софистицирана, врвна и скапа, а капацитетот за апсорпција на зголемените тарифи во структурата на трошоци за многу швајцарски компании е многу низок. Алтернатива би била префрлање на трошоците врз потрошувачите, но тоа би ги направило швајцарските извозници помалку конкурентни“, велат швајцарските економисти.

    Загриженост предизвикува и прашањето како Швајцарија би можела да биде погодена од мерките за одмазда на другите трговски партнери во случај на трговска војна. Кога администрацијата на Трамп воведе царина од 25% на увезениот челик и 10% на алуминиумот во 2018 година, ЕУ воведе возвратни царински квоти на овие метали – а, Швајцарија не беше исклучена од нив.

    Швајцарија, всушност, неколку години се обидуваше да склучи договор за слободна трговија со САД, затоа што на швајцарските извозници тоа би им дало подобар пристап до пазарот и голема конкурентна предност во однос на извозниците од ЕУ – велат аналитичарите. Додека администрацијата на Бајден договорите за слободна трговија ги нарекуваше „реликвија од 20 век“, под владеење на Трамп САД би биле поотворени за ваков договор. Двете земји дури почнаа прелиминарни разговори во овој правец. Дали ова ќе се реализира во време на владеењето на Трамп, останува да видиме.

    Крај на мултилатерализмот

    Интернационална Женева има лоши сеќавања од првото владеење на Трамп. За време на тие четири години американскиот претседател направи напад без преседан врз мултилатералниот систем. Во текот на својот претседателски мандат тој ги повлече САД од клучните меѓународни организации во Женева, нарекувајќи ги пристрасни. Етикетирајќи ги како неадекватни и спротивни на американските интереси, неговата администрација ги напушти Советот за човекови права, среде пандемија се повлече од Светската здравствена организација и предизвика проблеми и ќорсокаци во Светската трговска организација. Во неговиот втор мандат ова би можело уште повеќе да ескалира како тренд, сметаат политиколозите. Во неговиот втор мандат ова би можело уште повеќе да ескалира како тренд, сметаат политиколозите.

    ⁠Иако и Бајден по неговиот избор повторно се придружи кон некои од овие организации, неговата администрација не секогаш ги поддржуваше мултилатералните институции. На пример, САД во неколку наврати ставаа вето на резолуциите на Советот за безбедност кои повикуваа на прекин на огнот во Газа, решавајќи да водат сопствени преговори вон телата на ООН.⁠

    ⁠Ваквите трендови, стравува Женева, би можеле да се засилат, со повторниот избор на Доналд Трамп за претседател.

    новинар: Мимоза Петревска Георгива

    (Дописник на Пари од Швајцарија)

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично